Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

БЛАГИЦА ПЕНДЕВСКА

Добредојдовте во уште една епизода на радио поткастот на Weradiо на Националната платформа за женско претприемништво. Потрагата по интересна и инспиративна животна и професионална приказна денеска не носи во источниот дел на нашата Македонија, во градот Кочани. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна соговорничка е Благица Пендевска, чиј професионален пат е посветен на една од најблагородните работи на светот, образованието на децата. Како сопственик на едукативниот центар „Кликер“, ги менаџира курсевите за интелектуален развој на деца од предучилишна и училишна возраст, а како образовен асистент во основно училиште помага во надминување на предизвиците кај децата со потешкотии во учењето. За себе вели дека ако успеала да допре до срцата и да мотивира барем половина од децата на кои им била наставник, тогаш ќе се смета за успешна жена. Поаѓајќи од фактот дека образованието на младите е темел на иднината на државата, со Пендевска разговараме за некои од посериозните недостатоци на актуелниот образовен систем во Македонија, но и за како што вели – сеуште присутната родова нееднаквост и доминација на машката популација кога станува збор за претприемништвото и за потребите на жените претприемачки од источниот дел.

МАРИЈА Вие сте дипломиран Професор по одделенска настава. Што ве мотивираше да го проширите својот фокус и да застанете на чело на едукативниот ценатар „Кликер“ во чии рамки успешно се имплементираат повеќе курсеви за деца од училишна и предучилишна возраст?

БЛАГИЦА Со оглед на тоа што после моето дипломирање не бев во можност веднаш да се вработам и да се остварам како наставник во едно од државните училишта, размислував како и каде се може да се вклопат едукативните услуги за деца дополнително и надвор од формалното образование, а притоа да биде иновативно, интересно и пред се да се понудат квалитетни програми  каде ќе се стекнуваат нови знаења. Во тој период во 2012 година пребарувајќи на интернет наидов на една интересна Бреинобреин програма за деца, чиј франшизен модел почнуваше да се шири на Балканот вклучувајќи ја и нашата земја. Истата побуди голем интерес кај мене, пред се за моето дете и си реков доколку оваа програма е достапна кај нас, моето дете мора да ја посетува бидејќи е одлична. Да споменам дека првично, мојот интерес за програмата го привлекоа уникатните методи што програмата ги применува  за да дојде до крајната цел, а тоа е зголемување на мозочниот капацитет на децата од најрана возраст поттикнувајќи ги да го достигнат својот максимум. Продолжив со истражувањата и на моја среќа видов дека се бараат франшизери и тренери за градовите во Македонија, стапив во контакт со тогашната менаџерка за Македонија г-ѓа Цанка Велкова и еве веќе 11 години програмата успешно се имплементира во Кочани. После една година, во 2013-та ги проширив едукативните услуги и во партнерство со мојата драга пријателка и професорка по хемија, г-ѓа Марина Глигорова, го основавме Едукативниот центар „Кликер“, зеднички имплементиравме неколку проекти и едукативни програми за деца од училишна и предучилишна возраст, а од 2021 година јас, како поединец и сопственик, со постојана и огромна поддршка од мојот сопруг Васил Пендевски во заедништво продолживме да го менаџираме центарот воведувајќи уште една франшизна програма за деца и млади со потекло од Србија. И ете до ден денес се уште сме на иста добро позната локација.

МАРИЈА Курсевите во „Кликер“ се одвиваат врз основа на две програми, индиската „Бреинобреин“ програма заоснована на абакус и ментална аритметика, како и програмата „Брзо и мудро читање“. Кажете ни што опфаќаат обете програми и какви резултати имаат истите ?

БЛАГИЦА Бреинобреин програмата потекнува од Индија и се заснова на абакус и ментална аритметика. Абакусот е добро позната стара кинеска сметалка која во програмата има водечка улога. Децата ги учат правилата за пресметување на абакус постепено применувајќи ги 4 те основни операции на истата. Почитувајќи ги разните стилови на учење, програмата ги применува ВАК методите (види, слушни, направи) за полесно и интересно меморирање на истите. Веќе во второто ниво постепено се воведува ментална картичка со чија помош се визуелизира абакусот следејќи правила и насоки за понатамошно усовршување кое вклучува високо ниво на концентрација, фокус, внимание и голема брзина во пресметување на високи суми. Овде се вбројува и мултитаскингот кој постојано се потенцира бидејќи овие курсеви освен менталната аритметика вклучуваат збогатување на вокабуларот, како на македонски така и на англиски јазик, брзо пишување, НЛП техники кои ја зајакнуваат самодовербата, логички игри и многу други активности. Секоја година се одржува интернационален натпревар на кој децата со задоволство учествуваат и освојуваат високи награди на кои сме особено горди. Во „Кликер“ оваа програма успешно се имплементира од 2012 та година, а од пред 3 години, во 2020 ра година, потпишавме договор за франшиза со уште една успешна и добропозната програма која потекнува од Србија. Станува збор за програмата Брзо читање и мудро учење и е наменета за деца, студенти и возрасни. Автор на програмата е г-дин Часлав Манчич и во соработка со ДООР консалтинг -Германија успешно ја имплементира програмата на Балканот вклучувајќи ја и нашата држава. Програмата опфаќа неколку техники за ефикасно учење. Овде се вбројуваат различни техники за забрзување на читањето, самостојно учење на лекции со помош на умствени мапи, мемориски техники за учење на дефиниции, презентациски вештини при писмено и усмено изразување и многу други корисни методи кои имаат за цел да го олеснат учењето и истото да биде функционално и долготрајно. Голем број од учениците кои ја имаат завршено школата во нашиот центар или во останатите центри во Македонија имаат само позитивни искуства и истите се побогати со знаења и техники кои веќе наишле на примена во образовниот процес.

МАРИЈА Како образовен асистент во основно училиште активно сте вклучени и во работа со деца кои имаат потешкотии во учењето. На кој начин им помагате да ги надминат предизвиците?

БЛАГИЦА Во моето скромно 10 годишно искуство и секојдневна работа со деца, во склоп на целодневната настава која се одвиваше во нашиот центар, од година на година бележевме постојан раст на деца на кои им е потребна помош и поддршка во учењето, помош при пишување на домашни задачи, како и потреба од дополнителна работа со логопеди и дефектолози. Се зголемуваше бројот на родители кои бараа совет и дополнителни часови за работа се со цел да се совлада предвидената наставна содржина. Алармот веќе беше вклучен и како секој наставник кој сака кај децата да има напредок и успех, така и јас започнав да истражувам, како и на кој начин дополнително да им помогнам на учениците да ги надминат потешкотиите. Посетував дополнителни обуки, семинари, како и онлајн обуки кои беа доста актуелни за време на корона кризата. Дел од нив применував и ги прилагодував во мојата училница. Од друга страна се повеќе се зборуваше за потребата од инклузија во образованието и токму во тој период, поточно минатата година, Министерството за образование и наука упати јавен повик за наставници и стручни соработници кои ќе бидат ангажирани како образовни асистенти за деца со посебни потреби. Истиот се разбира наиде на интерес кај мене и еве веќе втора учебна година активно сум вклучена во целиот процес. Работата со деца со потешкотии во учењето бара многу трпение, подготовка и адаптација на наставната содржина на начин на кој тие полесно ќе ја разберат, секојдневна примена на вежби за развој на концентрација, внимание, моторика, ориентација, вежби за развој на говор итн. Најголем предизвик е совладување на техниката на читање, пишување, како и сметање што е основа за понатамошно школување. Сето ова бара примена на различна асистивна технологија, аудио и видео материјали, карти, постери, сметалки, букварки, дидактички материјали итн. И во најголем дел го вклучува учењето преку игра кое секогаш дава извонредни резултати, па секогаш кога наставната содржина го дозволува тоа, истата ја вметнувам за време на наставниот час. Секако, пред почетокот на школската година имавме организирани предавања од МОН, добиваме постојана поддршка и насоката од ПОУ„ Климент Охридски“ и целиот инклузивен тим во училиштето во кое работам вклучувајќи ја овде одличната соработка со родителот и наставникот на ученикот со кој работам. Заедничкиот труд резултираше со позитивен напредок кај ученикот. Се уште сме на почетокот и овде не застануваме, има уште многу работа, многу предизвици за совладување и верувам дека истите, на обострано задоволство, ќе бидат совладани во блиска иднина.

МАРИЈА Инвестицијата во образованието на младите генерации е инвестиција во иднината на државата. Како го оценувате актуелниот образовен систем во Македонија и каде според вас се бележи напредок, а каде уназадување и што вие би промениле или додале во овој контекст?

БЛАГИЦА Убаво кажавте. Образованието на идните генерации е темел на едно стабилно општество и истото треба да биде на највисоко скалило кога се инвестициите во прашање. За жал кај нас тоа не е случај. Образованието во голем дел влијае на личниот живот, животот на заедницата и пошироко, па оттука се јавува потребата да видиме каде има недостатоци и каде е потребна промена. Да бидеме сите ние пообјективни, реални и со цврст став, ако сакаме да го преживееме образовниот процес. Факт е дека во образованието треба да работат најквалитетните кадри, кои ќе бидат мотивирани и платени, да имаат стимулативна средина за работа и достапност на наставни средства и помагала. Ме прашавте каде образовниот систем бележи уназадување? За жал, голем број од училиштата сеуште функционираат во руинирани училишни објекти, со оштетен инвентар и лоши хигиенски услови. Одвреме навреме нешто ќе се обнови и закрпи колку да помине учебната година. Наставни помагала скоро и да нема, а ако има се оштетени и нефункционални, секоја чест на исклучоците. За жал само мал дел од училиштата во Македонија може да се вбројат во современи училишта во кои владее стимулативна и мотивирачка средина. Да се осврнам сега и на наставната програма. Кембриџ програмата не ги даде толку очекуваните резултати, а корона кризата и онлајн учењето  дополнително создадоа јаз во образовниот процес. Одамна потребните реформи беа неизбежни и неопходни. Како напредна идеа или реформа овде ќе ја споменам новата концепција, која како што беше наведено, подразбира „Целосно нов образовен модел на едукација  преку која секоја дете ќе може да го достигне својот полн потенцијал со тенденција  училиштето да стане интересно место за учење преку игра и позитивни примери. Содржините што ќе се понудат во новите ревидирани учебници, ќе бидат интересни и едукативни, ќе развиваат компетенција во секоја сфера на личен и професионален план…“ Овде набројав само дел од она што се предлагаше со новата концепција, која беше дискутирана од пошироката јавност. Кај мене лично предизвика интерес, возбуда и поддршка. Самата концепција веќе втора година се применува во училиштата, а веќе има недостатоци. Сите предлози и идеи одлично звучеа на хартија, но реализацијата дава поинаква слика. Пред се да ги споменам учебниците. Покрај тоа што доцнеа, содржат многу грешки и нејаснотии, текстовите изобилуваат со зборови кои децата не ги разбираат и се несоодветни за возраста. Најголем дел од содржините се предвидени да се реализираат со помош на интерактивни табли и комјутери за секое дете, а во најголеми дел од училиштата, тие се обезбедени за две до три одделенија и во најаголем дел се се сведува на импровизија. Наставниците се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат, а при тоа да ги усвојат сите предвидени содржини од годишната програма. Заглавени во образовниот систем кој одамна не ги дава очекуваните резултати, сведоци на реалната состојба за неуспехот што го постигнуваат учениците. И овде во интерес на времето ќе застанам. Јас сум човек кој верува дека има светло на крајот на тунелот. Иако промените бавно се случуваат, искрено се надевам дека ќе имаат позитивен исход за доброто на идните генерации. Последниот дел од прашањето се однесувше на тоа што би променила и додала јас. Едно ќе кажам – слушнете го гласот на наставникот, во нивната училница се водат главните битки, дозволете да ја добијат битката во корист  на децата и на иднината на нашата држава.

МАРИЈА Кои се вашите идни планови и проекти?

БЛАГИЦА Па воглавно истите произлегуваат и се инспирирани од претходните две прашања. Повеќе од очигледно е дека во последните неколку години за жал, се повеќе деца имаат потешкотии во учењето и најчесто тие се воочуваат уште во почетните одделенија. Најчест проблем е отсуството на внимание, концентрација и интерес кои резултираат со тешкотии во читањето и пишувањето. Поседуваат оскуден вокабулар, имаат тешкотии во говорот, усното изразување и негување на мајчиниот јазик. Отежнато комуницираат со врсниците и возрасните, што воглавно се препишува и на доминацијата на ИТ технологијата. Голем број од децата употребуваат модифицирани странски зборови кои не се застапени во мајчиниот јазик, не го знаат значењето на голем дел од зборовите бидејќи се помалку читаат домашна литература и за жал немаат интерес за истата. Многу бавно ја усвојуваат техниката за читање и затоа во голем дел не ја разбираат содржината на прочитаното, што пак дополнително создава фрустарција, немоќ и одбивност кон учењето. Овие причини ми се доволни да ги ставам сите можни ресурси кои ги поседувам, интелектуални и финансиски и дополнително да ги обезбедам потребните средства и интелектуална сила за да започнам да го имплементирам одамна замислениот  проект кој  целосно ја опфаќа техниката за полесно совладување на  читањето, почнувајки од најосновно ниво, па се до течно читање со високо ниво на разбирање, нудејќи содржини и активности кои ќе побудат интерес кај младите читатели за негување на мајчиниот јазик и побрзо совладување на предизвикот. Во почетните одделенија најважна е поддршката од родителите, правилната насока од наставниците и взаемната соработка на сите чинители во образовниот процес. Согласно ова во план е изработка на прирачник и апликација за родители на истата тема, кои во домашни услови и во една стимулативна средина, заеднички ќе го поминат процесот чекор по чекор, за на крај да се дојде до посакуваниот успех. За се ова се предвидени соработки и консултации со педагози, психолози и наставници, докажани во својата работа, па ете ја користам приликата да ги повикам сите заинтересирани на заедничка соработка.

МАРИЈА Наспроти образовната нишка, во вашата работа присутен е и бизнис сегментот. Со какви предизвици се соочувате како жена во бизнис светот?

БЛАГИЦА Како и во секој бизнис нормално е дека има предизвици, успони и падови. Пред 11 години кога го отворив центарот беше многу тешко, освен курсеви за странски јазици кои се нудеа по многу ниска цена немаше други воннаставни едукативни активности. За Бреинобреин програмата никој немаше слушнато и прилично беше скапа за мало гратче како нашето. Имаше голема невработеност, родителите и не беа навикнати да плаќаат за допонителни  едукативни услуги кога и така децата одат на  училиште. Eдна година подоцна воведов дополнителна услуга за деца т.е целодневна настава за пред и после училиште, која се наметна како реална потреба за родителите кои беа со работни обврски, а ние нудевме згрижување и едукација. Самата програма бараше дополнителни инвестиции, вработувања на наставен кадар, опрема на простор итн. На почетокот беше доста тешко, сите нови работи овде на истокот од државата многу потешко се наметнуваа и не беа многу исплатливи. Но и покрај се, ние, наставниот кадар од „Кликер“ бевме упорни, понудивме квалитетни програми за деца кои наидоа на поддршка и интерес од страна на родителите и децата и од година во година си го најдоа местото помеѓу широката палета на курсеви и активности кои сега се нудат во сите градови, а ги има многу. Наметнувањето на неформалното образование дојде само по себе, како поддршка на формалното образование, во интерес на учениците и родителите.

Да споменам дека како и многу мали бизниси, образованието беше едно од најпогодените сегменти за време на корона кризата. Скоро половина година не одржувавме настава и моравме да го преполовиме наставниот кадар, а бидејќи до тогаш функциониравме на две локации, моравме да го затвориме едниот центар. Воопшто не беше лесно да се донесе таа одлука, но ете се надминаа и тие денови. Сега во моментот сите бизниси се пред нов предизвик, во ек на економска и енергетска криза и повторно борба. Јас сум задоволна што  и покрај се, центарот сѐ уште се препознава по уникатните франшизни програми што ги нуди и истите привлекуваат се поголем број на слушатели и од поблиските градови во источна Македонија. Но, најголемиот предизвик всушност, со кој подолго време се соочуваме е одливот на цели семејства кои заминуваат во странство, барајќи подобра иднина која резултира со намалување на бројот на ученици и доколку итно не се промени образовниот систем, нема да бидат потребни ниту наставници, ниту едукативни центри и улилишта, бидејќи ќе бидат празни и тивки.

МАРИЈА Како ја оценувате моменталната состојба со женското претприемништво во Македонија и што е она што сметате дека треба да се преземе и имплементира за подобрување на состојбата на жените претприемачки кај нас?

БЛАГИЦА Мислам дека се уште постои родова нееднаквост и доминација на машката популација кога станува збор за претпримеништво. И покрај тоа што е зголемен фокусот на создавање на подобри услови за развој на женското претприемништво, сметам дека земјата сè уште се соочува со сериозни предизвици кога станува збор за зголемување на бројот на жени претприемачи, а нивната застапеност во најголем дел ги опфаќа микро претпријатијата. Овде се вбројувам и јас. Да споменам дека ние жените од источниот дел на Македонија, кој реално се смета за посиромашен крај, делуваме повеќе на локално ниво и воглавно, се соочуваме со недостиг од финанскиска подршка, недостиг од информации и пристап до мрежи за бизнис цели. Олеснително би било и од голема корист ако се развие добар механизам за промоција на достапни извори на финансирање, одржување на обуки за запознавање со алтернативни модели на финансирање, поддршка во процесот на аплицирање, соработка со институции и програма за нивна поддршка на женското претприемништво. Вклучувањето на жените претприемачи или потенцијални претпримачи во претприемнички мрежи, со што се обезбедуваат многубројни ресурси за работа и го олеснуваат патот на бизнисот, преку пронаоѓање на бизнис партнери, размена на искуства и знаење, нови идеи итн.

МАРИЈА Какво е значењето од вмрежување во женски иницијативи како Националната платформа за женско претпиемништво за девојките и жените во Македонија кои сакаат да почнат или веќе започнале свој бизнис, но и за правата за жените работнички кај нас.

БЛАГИЦА Самата Национална платформа за женско претпримеништво е за голем поздрав и не охрабрува нас жените посигурно, без страв и предрасуди, да чекориме храбро во бизнис светот. Жените отсекогаш се издвојувале со карактеристики кои се клучни за водење стабилен бизнис, овде ќе ја споменам женската интуиција и претпазливост, пресметка на ризик факторот, способност за детални истражувања и анализи, претпазливо раководење со финансии, борбеноста и истрајност и многу други квалитети. Лично познавам жени кои секоја своја вештина ја имаат претворено во уметност и мал бизнис кој може одлично да функционира и доколку имаат поддршка од локалните самоуправи каде што делуваат и насока за квалитетна промоција за се она што може да го понудат на локално и национално ниво, може да направат голема промена која ќе резултира со зголемување на бројот на жените претприемачки. Околу правата на работничките, сметам дека жените имаат поголеми права од порано, но не доволно. Голема е потребата од организации кои ги поддржуваат женските права, а мобингот на работните места во најголем број се случува врз жени. Но, да се осврнеме и на позитивните страни. Благодарение на моделот на позитивните квоти и обуките за женско претприемништво, многу жени храбро исчекорија во сферата на економијата, станаа дел од политичката елита, а се јавуваат и како носители на значајни јавни функции.

МАРИЈА За крај, како една успешна жена, кој е вашиот совет и порака до сите девојки и жени во Македонија ?

БЛАГИЦА Мислам дека нема точна дефиниција за успешна жена, но ако во мојата бранша е успех барем кај половина од децата на кои сум им била наставник, да сум успеала некако да допрам до нивното срце, да ги мотивирам и поттикнам секогаш да целат кон успех, да не се откажуваат и кога е најтешко, ако сум ги научила на нешто што ќе им користи во животот, тогаш да, јас сум успешна жена. Во денешно време можеби е тешко, неисплатливо и непримамливо да бидеш наставник, но за мене секогаш ќе биде најблагородната работа на светот која со задоволство ја работам. Како што рекол Черчил – „Тајната на успехот во животот не е во тоа да се работи тоа што се сака, туку да се сака тоа што се работи“

Епизодата ја подготви и ја реализираше Марија Котовска

За гостинката

Пораката на Пендевска до сите девојки и жени во Македонија е – „Бидете она што сте и никогаш не се откажувајте од своите соништа колку и да се далечни.“