ТРАНСКРИПТ
Оваа епизода и ја претставувам на Цана Џуковска од село Заграт, Македонски Брод, некаде на врвот на Поречието. Таа е претседател на Здружението „Поречка матица“, кое покрај пчелари опфаќа и сточари, градинари, собирачи на шумски плодови и рибни ресторани. Во светот на руралните бизнис жени влегла по еден животен настан, и тоа од оние го менуваат животот во еден миг, кога решила градот да го замени за животот на село на 1100 м надморска височина на дедовите корени. Почнала да се активира и својот труд и работа и во одгледување на земјоделски производи и во правење зимници а најмногу во одгледување на пчелите и продажба на мед и пчелни производи да го претвори во своја претприемачка работа.
Учествувала на неколку проекти, за кои смета дека секогаш се добредојдени на жените особено на оние во руралните средини, затоа што им овозможуваат подобрување на условите за пласирање и зголемување на видиците.
Националната платформа е одличен проект, смета таа и дека треба да се вклучат што поголем број на жени, но исто така препорачува да се оди на терен, да се видат таму условите за да можат да се подобрат.
За пчелите раскажува како за нејзина најголема оаза на мир и спокој, затоа што работата со нив тоа го бара. Обично слуша музика додека работи со нив која ја релаксира и чуствува мир. Она што е најважно дека секогаш со пчелите се живее овде и сега!
Најголемите предизвици им се со несредените инфраструктурни проблеми, како на пример патот, кој ако беше направен до Скопје ќе стигнуваат за еден час со што ќе им се олеснеше комуникацијата со се.
ЦАНА- Работиме се повеќе на обединување на жените од овој крај кој крие толку можности, но миграцијата која настанала заради неразвиените услови во еден подолг период за живот го направила своето. Инаку, развојот на угостителството, рибните ресторани, преубавата природа се можности за развој на туризмот каде треба да се насочуваат активностите.
За гостинката
ЦАНА ЏУКОВСКА
Цана Џуковска од село Заграт, Македонски Брод, претприемач од областа на руралниот дел, органско земјоделие и претседател на Здружението „Поречка матица“, кое опфаќа околу 150 пчелари од областа на Поречието.
Својата промена на живот ја направила по низа настани кои нималку случајно ја однеле т.е. вратиле на дедовите корени во селото Заграт на 1100 м надморска височина каде на својот имот, произведува градинарски производи, прави зимница по порачка , а најголемото време го посветува на својот пчеларник ,од кој произведува и продава мед и други пчелни производи.
Ужива во одгледување и приготвување на домашни производи и храна и во дружбите со песна и гитара со своите пријатели.