ТРАНСКРИПТ
ЕПИЗОДА НА WWW.WERADIO.MK со проф Јанка Димитрова
Новинар М-р Татјана Гогоска
Добар ден и добредојдовте во една од епизодите на нашето единствено верадио.мк, радио подкаст на Националната платформа за женско претприемништво.
ТАТЈАНА- Во оваа епизода наша гостинка е проф.др. Јанка Димитрова – редовен професор на Економски факултет при Универзитет Гоце Делчев Штип – https://ef.ugd.edu.mk/ и партнер на Идеја Плус Ревизија & Консалтинг ДОО Радовиш – https://idejaplus.mk/mk , компанија која гради имиџ на квалитетна и компетентна консалтинг куќа веќе 21 година, во сферата на ревизија, сметководство и финансиски консалтинг за деловните ангажирања на стопанските субјекти.
Добар ден проф. Димитрова и добредојдовте во оваа епизода од радио подкастите на нашето единствено www.weradio.mk.
ЈАНКА – Добар ден, Ви благодарам што ме поканивте да бидам Ваша гостинка и се надевам дека ќе придонесам за развој на женското претприемништво споделувајќи ги моите искуства.
ТАТЈАНА- Читајќи ги информациите за Вас, решив да го почнеме овој разговор со кратко резиме на Вашата животна приказна
ЈАНКА- Потекнувам од земјоделско семејство. Пораснав и се образував работејќи на нивите со тутун, патлиџан, пипер, афион, лозје, … и чувајќи стока, заедно со моите ценети родители и моите сестра и брат. Завршив Еконмски факултет. Моето прво вработување е во декември 1982 година во ОРЕЛ Радовиш. Почнав како материјален книговодител, за подоцна да продолжам како референт по должничко – доверителски односи, па потоа референт во план и анализа, за после 6 годишно работно искуство да бидам поставена на работно место раководител на секторот за сметководство, финансии и план и анализа. Значи, поминав низ сите клучни скалила односно работни позиции пред да бидам поставена на раководна позиција. Транзицијата си го направи своето па фирмата во која работев не ми нудеше можности за развој и после 19 години, на возраст од 41 година, дадов отказ и почнав како претприемач за сметководствен и финансиски консалтинг во Нашата семејна фирма. И покрај работните и семејните обврски, континуирано се усовршував и се стекнав со знаење и лиценци за: овластен сметководител, ревизор, брокер, инвестициски советник, ЦЕФЕ тренер за тренери, вешто лице, проценител, агент за осигурување, советник генералист и специјалист за поттикнување на претприемништвето, …. и постојано работам во тие области.
Во декември 2022 година ќе наполнам 40 години работно искуство и продолжувам и понатаму да работам. На 45 години магистрирав а на 50 години докторирав на областа сметководство и финансии и станав универзитетски професор. Мислам дека сум добар пример дека за учење никогаш не е доцна и дека не треба да се престане со учењето. Човекот учи додека е жив.
ТАТЈАНА- На веб страната на Идеја Плус Ревизија & Консалтинг ДОО Радовиш стои дека “Постигнатото реноме е резултат на ангажираниот стручен тим. Дали сметате дека добар тим е првата основна работа за компанијата да е успешна?
ЈАНКА- Како претприемач почнав да работам во 2001 година. На почетокот работев само јас, но како се зголемуваше обемот на работа, така се зголемуваше и тимот кој посветено работи на квалитетно извршување на услугите кон клиентите. Се држиме до максимата квалитет во се што работиме и се трудиме да им пружиме максимална поддршка на Нашите клиенти. Tимската работа е суштински дел од секојдневните организациски активности затоа што обезбедува информации, мотивација и разумни одлуки. Успехот на секоја организација па и на нашата, зависи од тоа колку добро нејзините вработени комуницираат, споделуваат знаење и вештини, го надоградуваат своето знаење и ги следат трендовите во дејноста. Се трудиме да придонесеме за успех, раст и развој на Нашите клиенти.
За да ја обавуваме дејноста која ја работиме и ги поддржиме барањата на Нашите клиенти, од особена важност е континуираната едукација на членовите на тимот. Затоа вработените ги мотивираме и поддржуваме за да се едуцираат и да се стекнат со знаења и лиценци кои се неопходни за Нашата дејност. Особено сме горди што членови од нашиот тим се имат стекнато со меѓународен сертификат за тргување со хартии од вредност, за овластен сметководител, ревизор, интерен ревизор, истражувач на измами, за менаџерско сметководство, … и како резултат на тоа, Идеја Плус Ревизија & Консалтинг ДОО Радовиш, доби платинум сертификат за признаен работодавач од страна на Меѓународната асоцијација на овластени сметководители – АССА, што зборува за квалитет во работењето и почитување на кодексот на етика и стандардите за сметководство и ревизија. Работата во тим ни овозможува да учиме од грешките едни со други, да стекнеме увид од различни перцепции и перспективи и да научиме нови концепти од поискусните колеги.
ТАТЈАНА- Работите и опстојувате успешно дваесет и една година како ИДЕЈА ПЛУС РЕВИЗИЈА & КОНСАЛТИНГ ДОО Радовиш, со високи перформанси на квалитет, сигурност, навременост и точност во извршување на услугите кои ги нудите на своите клиенти. Што е најголемата потврда за вашиот успех?
ЈАНКА- Да се опстојува и напредува во работата, бара континуирана посветеност на барањата на клиентите и следење на трендовите на пазарот. Долгогодишната доверба и препораките од Нашите клиенти се причина и потврда за опстојувањето, растот и уапехот. Но, патот до успехот е секогаш во изградба, нели!
ТАТЈАНА – Во овој период од 21 година, се отворија но и затворија многу фирми за консалтинг, сметководствени услуги, она што е делокруг на вашата работа. Вие опстојавте. Зошто и што се е дел од вашиот опис на работа и која е клучната основа заради која сте успешни?
ЈАНКА- ИТ технологијата особено во 21-ви век отвори многу множности. Посебно би ги истакнала работа од далечина и електронско поднесување на сите обрасци и извештаи до институциите. Значи, нема ограничување да работиме за клиенти од било кое место во Македонија па и за странски клиенти. За Нашите клиенти вршиме сметководствени работи, ревизија, вештачења, проценки, изрботка на извештаи за трансферни цени, деловни планови и физибилити студии, одржуваме семинари и работилници на актуелни теми од областа на економијата, … . Широката палета на улуги кои ги нудиме и посветеност и квалитет во се што работиме, се клучни за нашето опстојување и успех.
ТАТЈАНА- Работите во Радовиш кое е мало место, работите широк обем на работа, со какви се предизвици се сретнувавте низ овие години и се уште се сретнувате?
ЈАНКА- Миграцијата на младите и во Нашата дејност го наметна проблемот за обезбедување на квалитетни вработени кои се подготвени да останат во Македонија и посветено да работат. Сакам да истакнам дека воведувањето на мерките за справување со пандемијата Ковид 19 и честото менување на законската регулатива од областа на фискалната и монетарната политика како и потребата од прилагодување кон истите, предизвикува потреба од дополнителен ангажман за сметководствените работници, иако работиме со ограничени ресурси.
ТАТЈАНА- Вие сте професор на Економскиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев“ во Штип повеќе од 11 години. Искрено не можев само насловите на учебниците и трудовите кои сте ги напишале да ги прочитам (повеќе од 100 едиции). Која е вашата специјалност и што е она што го имате како професор а го давате на вашите студенти?
ЈАНКА- На Економскиот факултет предавам предмети од областа на сметководство, ревизија, даноци и даночно сметководство. Тоа се предметни дисциплини кои се идентични со она што го секојдневно го работиме како консалтинг куќа. На студентите покрај теоретското им го пренесувам и моето практично искуство и знаење. Проектите на кои работиме се особено интересни и добро прифатени од страна на студентите, бидејќи на тој начин ги прошируваме нашите видици и учиме едни од други.
Економски факултет Штип има потпишано меморандум за соработка со Институтите на овластени ревизори и како резултат на таа соработка, Нашите студенти ги следат обуките за континуирано професионално усовршување и презентираат свои научноистражувачки трудови за предизвиците на ревизорската професија. Остваруваме соработка и со Институтот на сметководители, Здружението на интерни ревизори, Комората на сметководители, Царинска Управа, Народна банка, Министерство за финансии, Македонската берза, … каде што Нашите студенти имаат можност да се запознаат со ингеренциите на овие институции и да следат предавања од врвни експерти.
ТАТЈАНА- Активни сте и во невладиниот сектор како претседател на Здружение ИНВЕНТИВНОСТ Радовиш https://inventivnost.com/. Кои се целите на здружението и какви проекти имплементирате?
ЈАНКА- Здружението ИНВЕНТИВНОСТ од Радовиш својата работа и активностите кои ги спроведува ги темели врз основа на своите зацртани цели и задачи кои се насочени особено кон:
- Регионален, рурален и локален развој во областа на економијата, социјалната политика и заштитата на животната средина;
- Предвидување и планирање на економската активност заедно со сите главни економски варијабли во македонската економија;
- Иницирање и остварување на меѓуопштинска соработка;
- Развој на Граѓанското Општество;
- Образованието на младите лица.
Досега имаме имплементирано 4 проекти од кои еден е со поддршка од Општина Радовиш а останатите 3 се со поддршка од Европските фондови. Сите проекти се насочени кон развој на претприемачките можности на младите и креирање и идентификување на можностите за работа во Радовиш и во југоисточниот плански регион, како и вмрежување и соработка со претприемачи и компании од југозападниот регион во Бугарија. Учествувам и како експерт, предавач или тренер при реализација на проектни активности импементирани од други институции и Невлаини граѓански организации.
ТАТЈАНА- Што мислите т.е. каков е Вашиот став за Националната платформа за женско претприемништво, дали има доволно поддршка кај нас, дали се менуваат нештата во позитивна насока и според Вас што треба да се прави женското претприемништво да е повеќе застапено кај нас?
ЈАНКА- Со националната платформа за женско претприемништво се овозможува зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање предлог јавни политики и застапување во областа на женското претприемништво. Се надевам дека преку истата ќе се детектираат проблемите со кои се соочуваат жените идни претприемачи за да им се пружи соодветната поддршка.Ме радува фактот дека полека но сигурно се движат работите во позитивна насока, кога станува збор за инклузијата на жените во сите свери на општественото живеење а посебно во женското претпримништво. Се прават напори за поголема поддршка на жените преку ИПАРД програмата, преку посебни банкарски кредитни линии со поповолни услови за жените претприемачи и т.н.. Голем број на жени веќе имаат започнато некој свој бизнис (земјоделство, рачни ракотворби, кулинарство – традиционални јадења, слатки, торти и колачи) и уште многу други бизнис идеи, но им треба поддршка за истите да бидат формализирани. Поддршката на жените е едно од најефикасните средства за зголемување на еднаквоста и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст.
Треба уште многу да се работи на поддршка на жените кои не успеале да го заокружат своето формално образование. Универзитет Гоце Делчев Штип има развиено програми за доживотно учење преку која сите заинтересирани можат да се стекнат со знаења и вештини кои би биле во фокус на интерес, а особено кога станува збор за развој на претприемачки вештини.
ТАТЈАНА- Што би им порачале на жените кои се двоумат да почнат свој бизнис?
ЈАНКА- Можеби мојата животна приказна која ја раскажав на почетокот, е добар мотив за постојните и идните претприемачи, а посебно жените. Ќе потсетам дека во природата на жената е да биде важен столб на секое домаќинство, грижејќи се за секојдневните потреби за функционирање на истото. Штом жената може да биде домаќинка, може да биде и претприемач. Да не се плашат од преземање на ризик бидејќи најголем ризик е да не преземаш ризик. Да не се плашат од проблемите кои се појавуваат во текот на работата бидејќи, како што вели Антони Робинс секој проблем е подарок, без проблеми нема развој. Секој успех запичнува со одлуката да се обидеш и да дадеш максимум што можеш.
ТАТЈАНА – Какви се вашите планови за иднината на компанијата, дали планирате нови содржини во работењето и во која насока?
ЈАНКА- Како и досега, и во иднина приоритет ќе ни биде да ги подобруваме компетенциите и вештините на Нашиот тим. Дефинитивно планираме да го прошируваме асортиманот на консалтинг услугите кои ги вршиме, но особен предизвик ни се отворање на start-up академија преку која на сите заинтересирани постојни и идни претприемачи ќе организираме предавања за развивање на бизнис идеја и бизнис план, за постојната законска регулатива од областа на даночната и фискалната политика во Македонија како и други теми кои ќе бидат во фокус на интерес. Посебен предизик ни се вршење на аутсорсинг услуги кон странски клиенти бидејќи ИТ технологијата тоа го дозволува.
ТАТЈАНА- Ви благодарам на разговорот а за нашите слушателки потсетување, ова беше проф.др. Јанка Димитрова, редовен професор на Економски факултет при Универзитет Гоце Делчев Штип и сопственик на Идеја Плус Ревизија & Консалтинг ДОО Радовиш, компанија која гради имиџ на квалитетна и компетентна консалтинг куќа повеќе години и тоа во сферите на финансиско – сметководствените и правни аспекти за деловните ангажирања на стопанските субјекти.
За гостинката
Јанка Димитрова
Разговорот со проф Димитрова му посветивме и на нејзиниот приватен живот, на тоа што сака најмногу да се релаксира и кои се нејзините пасии . “ Живеете во Радовиш работите на релација Радовиш -Штип. Како е да се живее во мало место а да се работи во успешна компанија и сето тоа дополнето со Академска работа. Што Радовиш Ви нуди за да можете сето тоа да го постигнете и успешно да го искомбинирате?“-ја прашав!
“Многу го сакам Радовиш и моите Радовишани. Го сакам насмеаното доброутро и желбите за убав ден со соседите, роднините, пријателите и случајните минувачи. Радовиш е мал град, речиси сите се познаваме едни со други и можеме да си дадеме поддршка едни на други. Секаде може да се стигне пешки за околу 15 минути. Релаксираната атмосфера и чистите улици се дополнителен поттик да се ужива во радовишкото секојдневие. Сакам особено да ја истакнам поддршката од семејството (сопругот и нашата ќерка) како и тимот со кој работиме, без кои ниту јас ниту Идеја Плус Ревизија & Консалтинг ДОО Радовиш не ќе постигневме развој и успех.
Планината Плачковица со своите убавини не мами секој викенд да уживаме во чистиот воздух, ладната вода, тишината, изобилието од лековити билки и шумски плодови. Така ги полниме батериите за следните работни денови. Сакам да пешачам, сакам да сликам, сакам да читам стручна и слободна литература, но сакам и патувања на далечни дестинации.
Новиот пат Радовиш – Штип значително го скрати времето за патување и за 20-25 минути сум на Економски факултет во Штип. Од друга страна, ИТ технологијата овозможува постојана комуникација со Нашите студенти. Универзитет Гоце Делчев Штип успешно се вклопи во современите текови и обезбеди одлична електронска платформа, преку која е овозможено изведување на сите наставнообразовни и стручноапликативни активности со студентите и професорите, било кога и било каде да сме.
Ги мотивирам Нашите студенти постојано да учат и да се усовршуваат, да работат (бидејќи работата го прави човекот подобар) и да не се плашат да прифаќаат предизвици.-многу содржајно ни одговори Јанка и можеме сликовито да го доживееме нејзиниот живот во Радовиш.