Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

ЕПИЗОДА  НА ВЕРАДИО. МК СО СОЊА ШИКАЛОСКА ОД ОХРИД

 Добар ден и добредојдовте во една од епизодите на нашето единствено верадио.мк,  Радио подкаст на Националната платформа за женско претприемништво.

Во оваа епизода наша  гостинка е Соња Шикалоска од Охрид, оснивач и сопственик на фирмата “Старс Инженеринг“ во чии рамки работи Авто школата “Старс“.

 Добар ден Соња од Скопје, како е во Охрид деновиве претпразнично?

Добар ден Татјана,

Ви благодарам на поканата и  особено ми е драго што сум Ваша гостинка во оваа епизода,

Поздрав до слушателите на ВЕРАДИО од убавиот Охрид каде веќе започна предпразнична атмосфера, украсени улици и плоштадот, а граѓаните на Охрид ги украсија своите дворови и куќи, се зголемува и бројот на посетители во нашиот град.

ТАТЈАНА– Претприемачката приказна ви започнала пред без малку три децении, (следната година ќе одбележите цели 30 години постоење), навистина долг период. Да почнеме од она како ја донесовте одлуката, како почнавте со свој бизнис и што се опфаќа тој?

СОЊА- Да, нашата компанија следната година ќе го одбележи својот 30-ти роденден. Причина за одлуката да започнам свој бизнис е љубовта кон сообраќајот уште од мали нозе. По завршувањето на  Сообраќаен факултет во Битола во 1991 година, во Скопје се стекнав со возачка дозвола за возач-инструктор од сите категории. Во тој период бев меѓу ретките жени во Македонија со вакво занимање, а во Охрид сум прва жена возач-инструктор. Започнавме како дејност Автошкола за оспособување на кандидати за возачи на возила на моторен погон.Подоцна ја проширивме нашата дејност Вештачење на сообрќајни незгоди, супервештачења и пороектирање на сообраќајни површини.

ТАТЈАНА- Вие сте од Куманово. Животниот пат ве донел во Охрид, а претходно образованието го стекнавте во Битола и Скопје. Како течеше таа животна линија, дојдовте во Охрид заради образование, љубов, определба?

СОЊА– Јас сум родум од Куманово каде што го завршив основното и средното образование но, љубовта ме однесе во Охрид и најголема подршка сите овие години е мојот сопруг Зоран и моите двајца синови Филип и Христијан и сега снаата Емилија.

ТАТЈАНА– Со какви се предизвици се сретнувате во вашата претприемачка работа, со тоа што ова е во нашите стереотипи окарактеризирана како “машка ‘професија?

СОЊА- Почетокот беше многу тежок, требаше да се обезбеди деловен простор, стручен кадар и алатки за работа-возила опремени и приспособени за обука на возачи и тоа се со сопствени средства. Иако возач-инструктор се смета како машка професија, а јас започнав со работа многу млада, како прва жена возач-инструктор сепак можам да кажам дека многу успешно и вешто ги извршував работните обврски. Желбата за работа и многу труд беа водилки низ моето работно искусто од нецели 30 години.

ТАТЈАНА– Вие сте лиценцирано лице од областа на сообраќајот со лиценци издадени од Министерство за правда од 1998. Што се опфаќа оваа ваша работа?

СОЊА– Да, како магистер на сообраќајни науки сум лиценцирано вешто лице од областа на сообраќајот, изработувам вештачења на сообраќајни незгоди и супервештачења за потребите на Обвинителствата во Охрид и Струга и Основен суд во Охрид и Струга и пошироко.

ТАТЈАНА- Како би ја опишале вашата компанија „Старс Инижинеринг“, какво место за работа е и секако за вашите ангажмани како општествено-одговорна компанија?

СОЊА- Оспособување на кандидатот за возач е во неколку фази:

  • прво кандидатот слуша теоретска наства од областа на сообраќајот каде што се запознава со основните правила за безбедно учество во сообраќај како возач на возило,
  • потоа полага пробен тест, а потоа имаме
  • практично возење со возач-инструктор каде кандидатот се стекнува со вештини за возење, ракување со возило и примена на сообрќајни правила и прописи.

Започнавме со работа со двајца вработени во моментот Нашата компанија е со 10 вработени од кои 5 жени кои успешно ги извршуваат работните задачи.

Вработените се со долгогодишно работно искуство со голем број обучени кандидати што значи поголем број од вработените се пронашле во оваа работа и успешно ги извршуваат работните задачи.

Секогаш се трудиме да има дружење, толеранција и разбирање, а пред се работна атмосфера во компанијата.

Како општествено одговорна компанија земаме учество и спонзорираме при организирање на поважни настани особено поврзани со безбедноста во патниот сообраќај како што се:

11 Мај Ден на култура во сообраќајот,

3 Јуни Ден на велосипед,

Ден без велосипед,

Културолошка иницијатива 5 до 12,

Недела на Европска мобилност и сл.

ТАТЈАНА- Верадиото е дел од Националната платформа за женско претприемништво. Колку знаете за оваа Платформа и какво е вашето мислење за на овој начин поврзување на жените од бизнис светот?

СОЊА– Пред 30години кога започнав со формирање и основање на нашата компанија во тој период многу малку жени се осмелуваа на ваков чекор. Сметам дека со Националната платформа за женско претприемништво, жените ќе се охрабрат повеќе да основаат сопствен бизнис особено жени кои имаат сопствени производи истите ќе можат здружени заедно да ги пласираа и продаават и се разбира остварат приход.

 ТАТЈАНА– Што би им порачале на жените кои се двоумат дали да почнат свој бизнис. Според вас што е најважно?

СОЊА – Да бидат похрабри и да започнуваат да основаат сопствени бизниси патот е тежок меѓутоа само со многу желба и многу работа ќе успеат во сопствените намери.

ТАТЈАНА- За крај, би ни ги споделиле ли вашите планови за иднина. Каде и на што ќе се фокусирате?

СОЊА– Пред се најважно од се во нашата гранка е безбедноста во сообраќајот.Што значи  како и досега и понатаму ќе продолжам  да работам на тоа поле. Би сакала да се направат одредени измени во законот за безбедност околу начинот на спроведување на возачкиот испит. Усовршување на начинот на оспособување на кандидати за возење.

Ви благодарам за учеството во нашиот подкаст!

А за нашите слушателки, во оваа епизода наша гостинка беше  Соња Шикалоска од Охрид, основач и сопственик на фирмата “Старс Инженеринг“ во чии рамки работи Авто школата “Старс“.

Епизодата ја подготви и ја реализираше Татјана Гогоска

За гостинката

На моето прашање како Соња го  поминува нејзиното слободно време, дали има  хоби и каде ја полни енергијата, таа одговори “Слободното време го поминувам во природа, сакам да  пешачам или да се возам со велосипед, обожавам да возам велосипед. Подолго време поминувам и во кругот на семејството со сопругот и децата. Моите синови се возрасни  вклучени се во бизнисот во голема мера обврските ги имат преземено така да сега имам повеќе слободно време.“

 

  • https://www.facebook.com/sonja.sikaloska

    https://www.facebook.com/avtoskolastars