Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

РЕНАТА БАНОВА

Добредојдовте во уште едно издание на радио поткастот на Weradio, поткаст на Националната платформа за женско претприемништво. И оваа епизода за вас подготвивме инспиративна приказна на уште една наша успешна и креативна македонка. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна гостинка е Рената Банова, која веќе 20 години успешно ја предводи својата компанија „Брегли“. Велат, најубавите работи во животот се случуваат кога човекот ќе излезе од комфорната зона, а од неа најчесто излегуваме без своја волја и поради некои поголеми предизвици кои ни ги носи животот. Но, со конструктивен пристап, позитивна енергија, самодоверба, трудољубивост, посветеност и упорност, ваквите предизвици секогаш може да се трансформираат во драгоцени лекции, а краевите во нови прекрасни и возбудливи почетоци. Кога Рената Банова, како мајка на две мали деца, го губи работното место по стечајот на компанијата во која работела, полека, срамежливо, но сигурно зачекорува во приватниот сектор и почнува свој безнис кој успешно трае се до денес.

МАРИЈА Повеќе од две децении сте на чело на една успешна бизнис приказна насловена како „Брегли“. Што ве мотивираше да отворите своја компанија и да почнете сопствен бизнис и тоа токму од областа на графичката индустрија ?

РЕНАТА Од мала имав идеи да работам нешто свое, но во приватниот сектор влегов многу подоцна. Моето прво работно место беше во една од големите трговски мрежи во тоа време, па се до стечајот на компанијата кога останав без работа. Како мајка на две мали деца немав голем избор, рака ми подаде една пријателка која ми помогна да го направам првиот чекор. Најпрвин почнав со работа во нејзината компанија, но набрзо ми препорача  да отворам своја. Така да ја регистрирав првата моја компанија „Бонус“, а „Брегли“ е мојата последна. Поминав неколку фази, работев и сама и со партнер 50-50, се до регистрација на „Брегли“ дооел.

МАРИЈА Како течеше вашата професионална приказна од самиот почеток, со какви предизвици се соочувавте и се соочувате и дали фактот што сте жена ви помогна или ви одмогна во тој контекст ?

РЕНАТА Во 2000 та година кога имав печатница која беше бизнис партнерство  каде  јас повеќе бев ангажирана околу административните работи, можеби бидејќи бев жена, а за графичкиот процес беше одговорен партнерот, имавме интересна посета и добиме понуда да бидеме овластени застапници за Македонија на една позната странска компанија, која е производител за сито и тампон бои. Јас бев воодушевена од можноста и препознав голем предизвик и шанса да се вратам во трговијата. Ги сумирав сите позитивни и негативни страни, знаев дека сме мал пазар во тој сегмент, но ми изгледаше сосема доволно за да почнам. Знаев и дека има компании кои покрај печатењето нудат и бои, но јас сакав сето тоа да го направам поразлично и да бидам единствен дистрибутер кој ќе биде само трговец и нема да има печатарска дејност. Проценив дека тоа е важно за добавувачите, исто колку и за клиентите. Сакав да понудам производи  со врвен  квалитет  и на професионално ниво бирав со кого ќе соработувам и мислам дека успеав во тоа што го замислив. Требаше многу да се учи, за боите, за процесот, да се посетуваат обуки, саеми, имав можности за контакти кои со тек на време станаа и  нови добавувачи. Денес сме застапници на повеќе различни брендови, не само за индустриски бои туку и др пропратни материјали за тој сектор. Кога дојде време во бизнисот се вклучи и син ми, а моментално и ќерка ми е дел од вработените и откако се врати привремено од Америка одлично се вклопи, па сега сме мала семејна компанија. Никогаш не планирав децата да мораат да продолжат со овој бизнис и постојано ги прашувам дали е тоа тоа што сакаат да го работат откако јас ќе се пензионирам. Сами ќе одлучуваат што понатаму.

МАРИЈА Какви се вашите планови и проекти за во иднина?

РЕНАТА Пред 5-6 години почнавме со уште една гранка, сосема различна и покреативна, „Брегли Креатив“. На 150 годишнината на „Марабу“, кој две децении го застапуваме на пазарот со индустриските бои за графичкиот сектор, беа присутни и двете фабрики т.е. двата бренда на „Марабу“, познати како Marabu Creative Colours, по квалитетните акрилни бои за уметници, креативна работа и хоби. Таргет групата на овие производи, за разлика од онaa за индустриските прозиводи, е многу поголема и опфаќа жени, мажи, деца од една до сто и една година. Така излеговме од нашата анонимност и сега сме познати по производите кои сите ги користат. Асортиманот е навистина голем и се трудиме да има се што е во понуда. За таа цел отворивме и продавница, каде може да се види и проба секој производ и онлајн продавница за нашите купувачи од цела Македонија да можат си купат што им треба и среде ноќ. Испораката е од 12 до 48 часа вообичаено, зависи од кој град се и кога е пласирана нарачката. Присутни сме на социјалните мрежи со постови и видеа. За жал, креативните работилници ги прекинавме кога се случи короната, но се радувам што други здруженија и поединци почнаа да организираат такви работилници.

МАРИЈА На Фејсбук страницата на „Брегли Креатив“ има една многу инспиративна порака. Вели: „Не можеш да ја исцрпиш креативноста до крај, колку повеќе ја црпиш, толку повеќе надоаѓа. А, со оглед на тоа дека жените се во суштина покреативниот пол и ретко на која жена и недостига креативност, што е она што е потребно, освен креативност, за една идеа да се манифестира и материјализира во успешна бизнис приказна?

РЕНАТА Тоа е позната  мисла за креативноста, но не е случајно одбрана. Таа ме опишува и мене, имам толку идеи и постојано ми надоаѓаат. Многу од нив се исполниле, но од недостиг на време или финансии некои идеи чекаат да се остварат. Креативноста е навистина бесконечна. Но, без акција нема материјализација. За се во животот, треба пред се истрајност, многу работа и постојана надградба на знаењето и вештините, но вреди, а крајниот резултат толку многу исполнува и ја зголемува самодовербата.

МАРИЈА Колку вмрежувањето во женски иницијативи како Националната платформа за женско претприемништво е корисно токму во контекст на реализација на женските бизнис визии во Македонија ?

РЕНАТА Како што кажав, мене ме поттикна токму жена, успешна и самоуверена, можеби затоа и јас сум денес таква. Секој почеток е неизвесен, кога јас почнував немаше такви организации, комори, асоцијации како Националната платформа за женско претприемништво денес. Денес е многу полесно, таму имате можност да запознате жени кои безрезервно ќе ви помагнат да го реализирате она што сте го замислиле. Секој настан од платформата е за поздравување и се што работат е за подобри услови на жената во бизнисот и тоа е од огромно значење за сите жени претприемачки.

МАРИЈА Што треба да се направи да се подобри положбата на жените претприемачки во Македонија?

РЕНАТА Јас мислам дека се работи многу на тоа и треба да се продолжи така. Има жени кои се гласни и го одат тој пат за сите нас. Ако смеам да ја спомнам Валентина Дишоска, која е неуморна и на домашен терен и во регионот пошироко. Ја пратам работата и на платформата за женско претприемништво и мислам дека тоа е единствениот пат. Денес има и доста канцеларии што се отвараат низ цела Македонија, каде има жени кои се подготвени да помогнат на секоја жена што ќе реши да стане претприемачка. Од друга страна се институциите. Еден најобичен пример, градинките не се достапни за жени кои не се во работен однос, не работат втора смена, а приватните градинки се прескапи за да може една жена која штотуку го започнува бизнисот, да го покрие финансиски. Затоа имаме чести случаи кога детето оди со мајката на работа. Искрено, јас не паметам ваков проблем да сум имала. Значи, некои работи биле подобри порано, некои се подобри сега. Како што реков, треба постојано да се работи на проблемите и можностите за подобра положба на жените претприемачки.

МАРИЈА На кој начин може жените да се стимулираат и охрабрат да почнат свој бизнис и својата креативност да ја преточат во заработувачка?

РЕНАТА Многу добро го паметам чувството на немоќност, страв и неизвесност кога се распадна гигантот кај што имав над 10 години стаж и останав дома без работа. Кога незнаете од каде да почнете, а знаете дека сакате. Треба прво да се излезе од комфорната зона и да се почне од некаде. Одличен е системот на менторство или работа во некоја разработена компанија на жена која го поминала тој пат. За оние кои веќе го надминале тоа, од голема важност е поддршката од институциите, работата на градинките и достапноста во нив.

МАРИЈА Која е вашата порака до сите девојки и жени во Македонија?

РЕНАТА Жената е најсовршената креација во овој универзум, сакајте се себеси, бидете самоуверени, вредни, чесни и свои.

Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска

За гостинката

Зборувајќи за животот, Рената вели: „Креативноста е навистина бесконечна. Но, без акција нема материјализација. За се во животот, треба пред се истрајност, многу работа и постојана надградба на знаењето и вештините, но вреди, а крајниот резултат толку многу исполнува и ја зголемува самодовербата“.