Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

АЛЕКСАНДРА БЕЛЧЕВА

Добредојдовте во уште едно издание на радио поткастот на Weradio, поткаст на Националната платформа за женско претприемништво. И оваа епизода ќе чуете нова инспиративна професионална приказна на уште една наша успешна и креативна Македонка. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна гостинка е Александра Белчева, коспственичка на концептуалната продавница „Урма“ во партнерство со нејзината сестра. Зборувајќи за женското претприемништво во Македонија, вели дека работите се тргнати од мртва точка, но уште многу треба да се работи за охрабрување на жените да влезат во бизнис сферата и да го работат тоа што го сакаат, а не тоа што мораат, поради некоја лажна сигурност. 

МАРИЈА Вие сте специјалист по криминалистички науки, но како што велите, без ниту еден ден искуство во професијата. Што ве мотивираше од полето на криминалистиката да тргнете во еден сосема поинаков правец и да започнете свој бизнис, а тоа е концептуалната продавница „Урма“?

АЛЕКСАНДРА  Додека студирав, во втората година имавме задолжителна пракса која ја поминав во полициската станица во Карпош. Иако за време на праксата ми беше многу интересно и навистина уживав во работните задачи, а менторот ми беше близок пријател, сепак знаев дека тоа нема да биде мојата животна професија и дека дефинитвно нема да се занимавам со криминалистика, посебно не во овој систем и во ова опкружување. „Урма“ е всушност се она што го живееме, применуваме, користиме и му се восхитуваме заедно со мојата сестра која е коосоновач заедно со мене, а мотивацијата ја црпам од моето секојдениве и сакам се што ќе научам и применам во секојдневнието, да го споделам и приближам до оние кои што ја поддржуваат нашата приказна.

МАРИЈА Со какви предизвици се соочувавте на почетокот, а со какви сега? И дали фактот што сте жена во бизнис светот, повеќе ви помогна или одмогна ?

АЛЕКСАНДРА Искрено, за мене најголемиот предзвик беа и сеуште се административните и бирократските моменти кои ги има во секој бизнис. И менаџирањето на времето, со кое што секојдневно се борам да се справам, бидејќи ми е навистина најголем предизвик во се што правам. Лично, не сум наишла на никави препреки за тоа што сум жена во бизнисот, ниту сум имала било какви олеснувања поради таа причина. Искрено се надевам дека никогаш нема да посведочам на момент кој што би ми го загрозил бизнисот или би ме спречил да напредувам бидејќи сум жена.

МАРИЈА Во рамките на вашањето работење, се чини несебично ги поддржувата малите бизниси и тоа претежно раководени од жени, а во моментов имате и многу интересна кампања за поддршка на жени со мали локални бизниси кои бараат дополнителни канали за продажба и промоција на своите рачно изработени предмети. Што ве инспирираше да креирате една ваква благородна кампања и кои услови требаше да бидат исполнети за учество во истата?

АЛЕКСАНДРА Уште од самиот почеток, „Урма“ се стреми кон поддршка на малите локални бизниси и нивните креативци и така во месецот на жената направивме една кампања со која даваме простор на жените креативци со мали бизниси, кои немаат доволно простор на пазарот.   Условите за учество беа многу едноставни, се што требаше да направат е да ни испратат опис на нивнот бренд, фотографии од  производите кои што ги продаваат и мала кратка приказна за тоа како биле инспирирани и што ги мотивирало да го започнат својот бизнис. И се пријавија доста жени со мали бизнис што навистина ме радува.

МАРИЈА „Урма“ е добитник и на награда од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија за најдобра новоотворена продавница водена од жена. Какво значење има за вас оваа награда ?

АЛЕКСАНДРА Признанието за најдобра новоотворена продавница водена од жена ја добивме на минатогодишните E-commerce награди органзирани од Асоцијацијата за Е-трговија на Македонија. Навистина сме горди на ова признание и навистина многу ни значеше што ја препознале нашата работа. Како и сите други признанија, ни дава уште поголем мотив за работа.

МАРИЈА Какви проекти и планови имате за во блиска иднина ?

АЛЕКСАНДРА Во најблиска иднина ќе ја отвориме нашата прва физичка продавница која што ја подготвуваме веќе подолг период и едвај чекаме да се отвори. И исто така ја подготвуваме нашата Е-продавница за лансирање на  регионалниот пазар, односно ја преведуваме на неколку регионални јазици за да почнеме со интернационална продажба.

МАРИЈА На кој начин  жените и девојките во Македонија треба да се мотивираат својата креативност да ја претворат во заработка и да се охрабрат да започнат свој бизнис?

АЛЕКСАНДРА На сите девојки и жени би им кажала да го следат својот сон и да веруваат во себе. Секоја приказна е различна, а за да имаат своја успешна приказна треба многу голема посветеност, работа и истрајност. Би им препорачала да се мотивираат од успешни приказни, но никогаш да не идеализираат никого, бидејќи секој е различен, свој и секој треба да си ја следи својата приказна.

МАРИЈА Како ја оценувате моменталната состојба со женското претприемништво во Македонија и што е она што треба да се преземе за подобрување на положбата на жените претприемачки?

АЛЕКСАНДРА Сметам дека во Македонија ситуацијата е дефинитвно тргната од мртва точка, но мислам дека треба уште многу да се работи на тоа да се сменат работите од корен и жените да се охрабрат да навлезат во бизнис сферата и да почнат решително да  си ги остваруваат своите соништа и да почнат да го работат она што навистина го сакаат, а не она што мораат или што им е наложено , бидејќи тоа носи некој вид на лажна сигурност.

Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска

За гостинката

Зборувајќи за концептот на „Урма“, Белчева вели:- „Урма“ е всушност се она што го живееме, применуваме, користиме и му се восхитуваме заедно со мојата сестра која е коосоновач заедно со мене, а мотивацијата ја црпам од моето секојдениве и сакам се што ќе научам и применам во секојдневнието, да го споделам и приближам до оние кои што ја поддржуваат нашата приказна.