ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА
СОФИЈА ГРУЈЕВСКА
Добредојдовте во уште една епизода на радио поткастот на Weradiо на Националната платформа за женско претприемништво. Потрагата по интересна и инспиративна животна и професионална приказна денеска не носи во скопска Автокоманда, каде што се наоѓа канцеларијата на нашата шармантна, модерна, а пред се успешна соговорничка Софија Грујевска, архитект, основач и сопственик на друштвото за архитектура и градежништво „Димензија“. Во рамките на својот професионален развој, Грујевска вели дека секогаш имала менторска поддршка од жени кои и помогнале правилно да се насочи. Зборувајќи за својата работа, вели дека сака да експериментира со материјалите, откривајќи ги нивните својства, а целта е кога се движиме низ просторот да не чуствуваме препреки, туку тој да биде прилагоден на нашите потреби.
МАРИЈА Што ве мотивираше од работното место во Стопанска банка како Инженер за технички прашања, архитект и проект менаџер во Дирекција за недвижен имот, да тргнете и во правецот на претприемништвото и да ја формирате „Димензија“ друштво за архитектура и градежништво?
СОФИЈА Започнав да работам во банката, кога се уште немав ни дипломирано на Архитектонскиот факултет во Скопје, односно бев во 10 семестар од постдипломски студии. Во Стопанска Банка научив многу работи кои не беа поврзани само со техничкиот дел и архитектурата, туку повеќе во делот на менаџирање на проектите во рамки на една корпорација, тоа се работи кои денес особено ми помагаат да сфатам кои се очекувањата од моите клиенти и како треба да изгледа комплетна услуга за целосно решавање одреден проблем. По извесно време, кога веќе се чувствував спремна и стекнав искуство, не само како што кажав за извршување на инженерските активности, туку и за другите деловни вештини и софт скилс кои се неопходни во претприемништвото, одлучив да се посветам на архитектурата од поблиску, односно да имам директен контакт со сите фази на реализација на проектите, од проектирање, конструирање и изведба, до решавање ентериер и секакви детали, на различни типови објекти. Изградбата на еден објект, или реконструкција, претставува многу сложен процес од активности, од различни изведувачи, инволвирани страни итн., но крајниот резултат, кога ќе го видите проектот успешно реализиран, е вреден за сиот вложен труд и енергија. Улогата на архитектот од една страна како креатор, а од друга страна координатор и главна алка во синџирот на цел тој процес, е всушност тоа што ме мотивираше и тогаш и сега да ја работам оваа работа во моето студио „Димензија“.
МАРИЈА Какви беа вашите почетоци како жена во градежниот бизнис, со какви предизвици се соочувавте на почетокот, а со какви сега?
СОФИЈА Морам да кажам дека имам позитивно искуство со сите кои ме менторирале, започнувајќи од професорите на Архитектонскиот факултет, а потоа и во текот на работата во Стопанска банка и „Димензија“, секогаш имав менторска поддршка од жени кои ми помогнаа да го насочам мојот професионален развој на правилен начин и сум многу благодарна за тоа. Поголемиот дел од оперативците во градежништвото се искусни луѓе и во принцип секогаш се спремни да споделат и да ни пренесат знаење, што е многу важно затоа што најдобро се учи на терен и јас особено кога работам нови специфични проекти, секогаш се консултирам со поискусни експерти и ги следам нивните насоки. Според мене многу е важно во бизнисот да имате поддршка од искусни професионалци кои несебично ќе споделат искуства со вас и мислам дека секој од нас е должен, после одреден период кога веќе ќе акумулира доволно знаење, да најде начин да им помогне на помладите колеги и со тоа да и врати на заедницата. Во однос на работата, предизвиците се најголеми кога се случуваат непредвидени влијанија од надворешни фактори, како што беше периодот на пандемијата, па и големите бизниси и луѓето не можеа да инвестираат или планираат проекти, бидејќи нема гарантирана стабилност во однос на рокови, пари, ресурси. Се менува начинот на функционирање на работите, па затоа, многу е важно во тие моменти да можете брзо да се адаптирате на промените и да најдете флексибилен пристап за тоа што го нудите. Ние за среќа работиме во креативна индустрија, така да и во изнаоѓање решенија за брза адаптација сме креативни.
МАРИЈА Од каде најчесто ја црпите инспирацијата за дизајните и кои ваши проекти би ги издвоиле како позначајни или подраги?
СОФИЈА Инспирација наоѓам насекаде околу мене. Има еден тест за карактерни особини и во мојот случај покажа дека најистакната вештина ми е да забележувам убави работи или appreciation of beauty and excellence. Еве, поконкретно ќе издвојам неколку работи од каде се инспирирам. Секогаш на прво место ми се локалните и културолошки обележја, значи кои се мотивите и материјалите што ги употребувале луѓето на тоа место и како може да се итерпретираат на современ начин, потоа и самата природа може да ни даде многу идеи за проектирање на некоја градба. На пример, ако се работи за некоја вила на планина, знаеме дека треба да биде засолниште од сурова клима, па тоа ќе ја дефинира и нејзнината форма, ќе треба да биде изработена од локални природни материјали и слично. Исто така, често сакам да експериментирам со различни материјали, да ги откривам нивните својства, колку се витка некое дрво или како се спојуваат различни метали, а особено затоа што сметам дека квалитетната архитектура треба да претставува тактилно и мултисензорно доживување. Кога се движиме низ еден простор да не чувствуваме препреки, туку напротив, тој простор да биде прилагоден на нашите потреби, треба да чувствуваме топлина од подот ако сме дома, кога ја допираме кваката или оградата раката идеално да ни легне итн. Инспирација наоѓам и во секојдневни работи, како патувања, откривање нови култури, шетање по саеми, музеи, книги за архитектура и секако од работата на познатите современи архитекти. Фасцинирана сум од јапонската култура, архитектура и естетика и омилен архитект ми е Кенго Кума. Омилен изведен проект ми е една куќа во Катланово која совршено е камуфлирана во целата околина. Позиционирана на височина и ориентирана спрема југ, со каскадно партерно уредување, објектот изгледа ненаметливо и природно се вклопува во амбиентот.
МАРИЈА Вие сте меѓудругото, специјализирана за реконструкција на објекти. Како ја оценувате моменталната состојба со заштитата на нашето пребогато македонско културно наследство и што е она што според вас треба да се преземе или унапредува во овој контекст?
СОФИЈА Ова е многу специфична тема и сега ќе зборам поопшто. Кај нас за жал не постои култура на одржување на работите, не само за објекти од национално значење, туку и за цела изградена инфраструктура и градежен фонд, на страна од сите други проблеми во урбанизмот настанати од бесправно изградени објекти, лошо планирање на просторот и општа нехигиена. Мислам дека за оваа тема треба да учиме од поразвиените држави, да ги усвоиме нивните практики и да разменуваме искуства. Исто, мислам дека треба да се направи фузија помеѓу институциите, академијата и приватниот сектор со цел да се промовира богатото културно наследство и да се инвестира во реконструкции и реставрации, да не се застанува само на теоретски истражувања и физибилити студии. Важно е да се најде начин на овие места да им се дадат нови прагматични содржини кои ќе се стават во функција на промовирање на културата и создавање поквалитетен социјален живот. Како пример ќе го спомнам скопското Кале кое со години стои празно и неупотребено, а има огромен потенцијал.
МАРИЈА Какви проекти и планови имате за во иднина?
СОФИЈА Планот за фирмата во блиска иднина е да се дооформи тимот за работа. Во моментов работиме на еден интересен проект за развивање на концепти за одржливи и нискоенергетски модуларни куќи. Исто така, се работи на дигитализација и олеснување на набавка на материјалите преку онлајн платформа. Генерално, идејата е фирмата континиурано да се развива и подобрува, со цел на клиентите да им понудиме најдобри технички решенија од областа на архитектурата.
МАРИЈА Како ја оценувате моменталната состојба со женското претприемништво во Македонија?
СОФИЈА Можам да кажам дека жените во моментов се на некој начин во предност во однос на надворешната поддршка на бизнисот од страна на институциите, затоа што има доста програми кои го поддржуваат женското претприемништво, а тоа се Агенцијата за вработување, Министерството за економија, банките кои нудат бенефицирани каматни стапки за фирми управувани од жени, ЕБРД, УНДП итн.
МАРИЈА Националната платформа за женско претприемништво, меѓудругото, ги опфаќа активните женски претприемачи и го поттикува развојот на женското претприемништво. Какво е значењето од вмрежувањето во вакви женски иницијативи за жените кои веќе имаат свои бизниси, но и за оние што сега почнуваат или сакаат да почнат?
СОФИЈА Многу е важно постоењето на една ваква заедница, пред се поради можноста за поврзување со нови контакти и бизниси, што е особено важно за младите претприемачи. Генерално, жените имаат малку помек пристап во бизнисот и секогаш се спремни да им помогнат на помладите, така што мислам дека Националната платформа за женско претпиемништво е доста значајна и влијае позитивно за развивање особено за малите бизниси.
МАРИЈА Како жена, која својата професија ја претворила во успешен бизнис, која е вашата порака до сите жени и девојки во Македонија?
СОФИЈА Самата работа не го диктира целиот ваш живот и не ве дефинира како личност, но е многу важен дел од него. Мислам дека секој човек, за да се смета за комплетно изградена личност и да се чувствува исполнето и задоволен од животот, треба да има баланс на сите полиња, а работата само ја комплетира таа целина. Мојата порака до жените е без разлика на тоа што се одлучиле да работат и прават во животот, да го прават тоа многу посветено и со многу љубов, максимално најдобро што можат, да зацртаат правец и да не се откажуваат од својата цел, да научат да ги надминуваат препреките и да уживаат во својата работа.
Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска
За гостинката
Прашана за тоа која е нејзината порака до сите девојки и жени во Македонија, Грујевска вели: -„Самата работа не го диктира целиот ваш живот и не ве дефинира како личност, но е многу важен дел од него. Мислам дека секој човек, за да се смета за комплетно изградена личност и да се чувствува исполнето и задоволен од животот, треба да има баланс на сите полиња, а работата само ја комплетира таа целина.“