Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ

Ви порачувам да останете со нас и внимателно да ја слушнете денешнава епизода. А во оваа епизода ви ја претставувам   Марија Конеска – HR менаџер и консултант, психолог и психотерапевт, сопственик на компанија од областа на човечки ресурси

-Добар ден Марија и добредојдовте во нашата епизода од подкастот на weradio.mk

-Добар ден и благодарам на поканата.

Бидејќи имате досега спроведено неколку програми, пилот истражувања, курсеви и обуки, ајде да почнеме од некаде. Вашиот  главен интерес се  потребите на вработените и потребите на организациите да бидат едно. Како го објаснувате тоа? Кој е вашиот главен фокус и вашата цел во работењето?

– Ќе тргнам од тоа дека потребите на луѓето секаде се најбитни и најголемиот процент од се што постои е за потребите на луѓето. Најкристално јасна ни е оваа битност токму во работните организации: од една страна кај вработените и од друга страна генерално кај организациите. За да се формираат организациите потребни се луѓето. Организациите пак постојат исто заради луѓето, нивните клиенти и за нив пласираат производи или услуги. Всушност, она што за мене претставува главен фокус е да се подигне свесноста кај организацискиот менаџмент во компаниите дека луѓето се тие кои ја движат организацијата, и ако ние луѓето ги забораваме дека се луѓе, туку само дека се машини кои треба да произведуваат, тогаш самата организација не е на добар пат, бидејќи исто така таа производите и услугите ги пласира на луѓе. Како би се грижеле за потребите на клиентите, ако не се грижиме за потребите на нашите вработени, и обратно. Бидејќи и вработените ако не работат за потребите на компанијата а индирекно за клиентите, тогаш нема да има продуктивност. Многу е битно и кај вработените да се стекне вредноста на самата компанија и целта која сака компанијата да ја постигне, да може таа компаниска цел да стане и цел на нејзините вработени. Вистинскиот успех и продуктивност на компаниите доаѓаат од взаемно задоволени потреби.

-Со консалтигот започнавте неодамна. Но менаџирате со луѓе и со различни карактери и со компании од поодамна. Како вашата претходна насока и работа придонесоа да се активирате и во овој сектор токму со вакви консултантски услуги? Како дојде идеата да го основате овој иновативен консалтинг?

– Јас сум психолог и психотерапевт по професија. Доста богата професија со различни карактери, приказни, психолошки состојби и тоа го работам скоро 10 години при што имам основано Центар за развој, едукација и советување МАША МАРИЈА. Во меѓувреме се доедуцирав во областа на човечки ресурси на Академија за човечки ресурси а потоа и факултетски, па таму ја видов потребата да придонесам повеќе како психолог пред се, а потоа како HR менаџер. Бидејќи менаџирањето на луѓето е една богата психологија. Така да, мојот пат паралелно продолжи во анализи и истражување на HR секторот и на вработените во организациите. Токму увидите во организациите во пракса за начинот на функционирање, влогот во вработените и однесувањето на вработените према организацијата, ме поттикна да увидам потреба кај менаџерите на компаниите да ја разберат оваа нивна улога во менаџирањето со потребите на вработените, како и кај вработените да се увидат нивните недостатоци битни за напредок на компаниите но и да се слушнат вработените и од една друга страна. Се во HR секторот е поврзано со психологија. Така, подолго време и работејќи на тоа поле, решив да го отворам овој консалтинг со мал тим со кој сакаме да помогнеме на организациите да можат да си помогнат самите себе со ресурсите кои ги имаат.

 

-Правите анализи и дијагностика, развој на стратегии на компаниите за подобар пласман на компанијата на пазарот, програма за имплементација на ХР системи и програми за развој и добросостојба на вработени :

– Да, целта на нашиот консалтинг е да понудиме повеќе услуги со вклучување на експерти со конкретни спецификации во областа на човечките ресурси. Така прво и основно со кое започнуваме е Центарот за анализа и дијагностика на организациски процеси. Увидите преку овие анализи на секое делче од компанијата или врз основа на потребите на компанијата, ќе дадат рамка на идно работење со конкретни програми, стратегии, обуки за развој на вработените и менаџерите, развивање организациска структура и клима и други. Заедничкиот процес на спроведување и имплементација на потребните анализи, стратегии, обуки ќе овозможи подобар пласман на компаниите на пазарот. Бидејќи, вистинската моќ никогаш не доаѓа од надвор, туку од внатре. Како што луѓето кога сакаат да го подобрат животот треба да започнат од самите себе, така и со компаниите потребно е да почнат со промени од внатре.

-Работите и нови програми, што сочинуваат тие? На што е насочен нивниот фокус?

Сакаме да започнеме со развивање на нови програми во компаниите во HR секторот или менаџментот. Две нови програми ќе бидат понудени на компаниите на нашиот пазар. Едната е Стратегиски менаџмент во компаниите која како компонента стапи во игра како резултат на компаниите кои ја признаваат потребата да ги разгледаат потребите на човекот во целите и стратегиите. Всушност да направат промени кои бараат постратешко размислување пред се. Оваа програма ќе ги опфати сите аспекти на HR планирањето: како до подобро и квалитетно планирање на работните места, ефикасно регрутирање, селекција на најдобрите-Talent acquisition, план за развој на вработените: конкретни обука, тренинг, вреднување на перформансите, мотивирање на вработените со соодветни програми за наградување, тим билдинзи, бонуси, други персонални награди и придавање на вредност на постигнатата добра работа на вработениот итн… Со оваа стратегија целите на организацијата ќе се приближат до личните цели на вработениот при што вработениот ако ја доживее вредноста на компанијата како своја вредност бидејќи тој ја создава, тогаш тој најдобро ќе ја продаде!

Другата програма која исто така е нова се заснова на принципите на циркуларната економија. Тоа е еден кружен процес на создавање вредност на конкурентно организациско ниво, кој ќе овозможи низ своите програмски чекори внатре во организацијата, ресурсите постојано да бидат во употреба и да вредат.

Верадиото е дел од Националната платформа за женско претприемништво. Какво е вашето мислење за постоењето,потребата од помош, вмрежување на жени претприемачки?

– Во нашата држава претприемништвото е малку развиено. Малку врати се отворени, па затоа потребата од поголема помош е многу потребна. Ова не е пазар каде можеме да се пласираме веднаш, да го покажеме квалитетот, не е пазар каде е ценет квалитетот, па затоа, потребата од вмрежување е најбитната потреба во отпочнувањето на претприемачка идеа.

-Вашата е Старт ап компанија. Што би им порачале на жените кои се двоумат дали да почнат со бизнис?

– Ако имате идеа, не останувајте просечни! На светот и на вашите деца им требаат идеалисти, луѓе кои прават промена! Секако дека не е лесно. Но имајте во предвид дека секоја промена е тешка на почетокот, збркана на средината и восхитувачка на крајот!

 

За гостинката

МАРИЈА КОНЕСКА

Мојот приватен живот не е многу далеку од она што го пренесувам на моето работно место и на моите клиенти. Но во секој случај, работата не ја носам дома. Јас сум сопруга на прекрасен човек кој ме поддржува во сите мои чекори и мајка на две интересни деца Калина и Јован. Секогаш со мојот сопруг вложуваме позитивна енергија во времето поминато со нашите деца за да ги воспитаме на позитивен поглед на светот и животот со самодисциплина. И тоа сум јас во секое поле, доста самодисциплинирана, упорна и со доста богато минато кое ми е најдобар показател како да живеам и како да работам. Она што мене ме исполнува се книгите, природата и добра музика. Во скоро секој дел од денот некои од овие три работи ги практикувам. Се релаксирам читајќи добри книги, најчесто научни, во викендицата за викенд вдишувајќи го чистиот воздух и смеата на моите деца, пиејќи кафе со пријателите (уживам во кафе). Најчесто немам многу слободно време, но знам во мојата работа да внесам задоволство, доза на време за себе, препознавање на мали убави нешта во комуникацијата со луѓето. Некогаш потребни се само 5 минути да затвориме очи, да обрнеме внимание на дишењето, а со тоа и на нашиот организам и тоа е доволно време да се посветиме на себе. Тоа го може секој и секогаш има време за тоа!

  • https://www.facebook.com/kalina.koneska.9

    https://www.linkedin.com/company/consulting-organization-education-psychology

    https://www.facebook.com/100741851525307/posts/468376798095142/