Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ

ЕПИЗОДА  НА WWW.WERADIO.MK  СО АЛЕКСАНДРА КИРИЛОВА

Добар ден и добредојдовте во една од епизодите на нашето единствено верадио.мк,  радио подкаст на Националната платформа за женско претприемништво.

Оваа епизода наша гостинка е Александра Кирилова-Директор на фондацијата “Прогресив Академија“ од Виница.

Добар ден Александра !

Добар ден Татјана, …..Ви благодарам за поканата во оваа епизода на Вашето weradio…

Фондацијата „Прогресив Академија“ е иновативен тренинг центар чија визија е развој на вештини преку квалитетни едукативни програми, унапредување на техничките знаењa, акцелераторски програми и активности за истражување и развој.

ТАТЈАНА- Како за почеток, како почна идејата за ваков вид на Академија и од кога постои?

АЛЕКСАНДРА- Идејата за основање на Винчини иновативниот развоен центар, во чиј склоп е основана и Фондација Прогресив Академија потекнува од сопственикот на компанијата Макпрогрес од Виница – Г-дин Глигор Цветанов, а која компанија всушност  е и  основач на овој тренинг центар. Идејата за основање на Фондација Прогресив Академија постои околу една деценија, за денес таа идеја да биде претворена во реалност, со што источниот регион на Македонија со гордост може да се пофали со еден ваков едукативен центар.
Долгогодишните анализи и истражувања на пазарот на трудот покажаа дека компаниите во регионот имаат недостиг од компетентни лица на менаџерски позиции, па затоа е и креирана една ваква едукативна програма.
Компанијата Макпрогрес во соработка со Европска банка за обнова и развој и со поддршка на јапонската влада минатата година во ноември свечено ја отворија првата сертифицирана академија за извршни директори. Учесниците кои се дел од оваа програма се стекнуваат со сертификат кој е меѓународно признат.

ТАТЈАНА- Една од програмите во склоп на Фондацијата е  Академијата за Извршни Менаџери која има за цел да ги надогради менаџерските капацитети за компаниите во регионот и пошироко. Би сакале ли да споделите повеќе информации за овој дел?

АЛЕКСАНДРА- Програмата за претприемништво и менаџмент за извршни директори во склоп на Фондација Прогресив Академија е прва програма од ваков тип на територијата на нашата држава, која во себе ги содржи сите модули кои се од суштинско значење за успешно водење на еден бизнис.
Во склоп на оваа програма се вклучени осум модули, преку кои самите учесници во програмата ќе успеат да развијат вештини и знаења во следниве области: бизнис стратегија и бизнис планирање, менаџмент со промени, оперативен менаџмент кој вклучува производство и логистика, дигитализација и иновации преку напредни технологии е четвртиот модул од оваа програма.. потоа следи модулот продажба и маркетинг, финансии, менаџмент со човечки ресурси и менаџмент на таленти и лидерство и комуникација базирана на вредности, кој е последен модул од оваа програма. Самата програма е конципирана да само 40% од истата се теоретски знаења, додека дури 60% од едукацијата се заснова на практични задачи и активности од типот, работа на случај, мотивациони говори, изработка на презентации и решавање на конкретен проблем на дадена компанија, јавни говори и слично.
Следењето на оваа програма е овозможено од врвни предавачи, од кои дел се од академскиот сектор и доаѓаат од УКИМ, додека дел од нив се искусни практичари со долгогодишно богато работно искуство во реномирани интернационални компании.
Оваа програма е наменета да им послужи на компаниите во регионот и пошироко да креираат кадри, соодветни на бараните работни позиции. Истата е наменета за едукација на возрасни лица, при што учество можат да земат лица кои веќе работат на извршни менаџерски позиции, при што условот да се запишат во нашата академија е да имаат завршено степен на високо образование, бидејки самата програма е верифицирана од МОН и ЦОВ.
Ги поканувам сите оние кои имаат желба да ги надоградат своите знаења да си дозволат едно поинакво доживување во едукативниот процес да се пријават на отворениот повик за упис на втората генерација учесници од програмата за претприемништво и менаџмент за извршни директори која е отворена до 15.08.2022 година.
Не пропуштајте ја можноста да учите од најдобрите.

ТАТЈАНА- За вас велите дека  е вистински предизвик да се биде дел од компанија која ги следи светските стандарди, која е општествено одговорна компанија и која постојано вложува во своите вработени. Дали е ова така и како ни го дообјасниле?

АЛЕКСАНДРА – Токму така, да се биде дел од компанија која постојано ги следите светските стандарди е вистински предизвик и задоволство, но и голема одговорност. За тоа дека станува збор за општествено одговорна компанија говорат многубројни донации од хуманитарен карактер за поддршка на поедници и групи, поддршка и спонзорства на културни настани и активности, поддршка на локалната заедница, грижа за зачувување на животната средина и слично.

Во однос на постојаното вложување во самите вработени сакам да истакнам дека најголема богатство на една компанија се човечките ресурси односно вработените. За успешноста на компанијата говорат и самите вработени, а бидејки тие се најсилната движечка сила, нормално потребно е и постојано вложување во истите.
За таа цел во склоп на Фондација прогресив Академија, покрај академијата за извршни директори е формирана и Винчини Академија која е интерна академија и е наменета само за вработените.
Оваа академија во себе вклучува четири обуки од кои една е задолжителна за сите вработени и се однесува за едукација на вработените во делот на хигиенски минимум при влез во производствен погон и безбедност и заштита при работа. Останатите 3 обуки се однесуваат на јакнење на техничките знаења и вештини во следниве области:
– Обука за специјалисти за управување со опрема
– Обука за кондитоски пекари
– Обука за чоколатиери
Овие обуки се достапни за секој вработен кој има желба да ги надогради своите знаења, да развие компетенции во дадена област со што на секого му се дава можност за напредок и успешна кариера.
Овие обуки се овозможени од компанијата Макпрогрес и се бесплатни за сите вработени во истата.

ТАТЈАНА- Кој се пројавува интерес за вашата Академија за извршни директори?

На наше огромно задоволство интересот за една ваква сеопфатна програма во која се стекнува една целосна слика за успешно водење на бизнис во сите негови области е навистина голем. Интерес пројавуваат компании од разни сектори на работење и тоа од машинска, дрво-преработувачка, автомобилска индустрија, транспорт и шпедиција, менаџери на регионални компании, менаџери на семејни компании и од многу други области и сектори на работење.

ТАТЈАНА- Според, Вас што е клучно за една компанија да е успешна: добар извршен директор, добро избран тим, добар избор на вработени или некоја друга тајна бизнис замка?

АЛЕКСАНДРА- За успешноста на една компанија е одговорна и заслужна целосната структура на самата компанија, односно буквално сите вработени. За успешна компанија од клучно значење е да има добар извршен директор, соодветен менаџерски тим на клучни позиции, кои всушност треба да бидат и лидери водачи кои ќе знаат да се носат со одговорностите и предизвиците кои ги носи модерното општество и нормално успешно да делегираат задачи. Но компанијата не би била успешна и без самите вработени кои се движечка сила на секоја компанија.
Пред се упсшноста на една компанија се темели на совесно и одговорно работење од целосната структура на истата, меѓусебно почитување, негување на взаемните интерперсонални односи, меѓусебно разбирање.

ТАТЈАНА- Виница стана препознатлива по вашите компании. Покрај вработени во компаниите, дали од Виница и околината има заинтересираност за Академијата и какви перспективи нуди за овој регион?

АЛЕКСАНДРА- На наше големо задоволство, да има заинтересирани кандидати од нашата Виница, и во првата генерација учество земаа дури 6 учесници од Виница од вкупно 16.
Инетерес пројавуваат голем број на семејни компании во регионот, со цел да ги подготват и обучат младите наследници во успешната приказна на својот бизнис, а токму тоа го нуди и програмата за претприемништво и менаџмент за извршни директори.
Горди сме што во источниот регион на Република Северна Македонија се роди еден нов извор на знаења кој е отворен за соработка со компаниите од регионот и пошироко во рамки на нашата држава, со цел креирање и создавање кадри согласно потребите на самите компании.
Она што дополнително го нуди Фондација Прогресив Академија е поддршка на млади, студенти, старт-ап компании, мали, средни и големи претпријатија, разни здруженија на жени, маргинализирани групи и слично, со цел да се поддржи секој оној кој има иновативна бизнис идеја да може да ја преточи во успешен бизнис во рамки на нашата држава бидејки секој поединец заслужува удобен општествен живот.

 ТАТЈАНА- Кои се вашите следни чекори за оставување на вашите плановите?

АЛЕКСАНДРА- Фондација Прогресив Академија, во чиј склоп е Академијата за извршни директори и Винчини Академијата претставува невладина, непартиска и непрофитна организација која во иднина има цел да прерасне во регионален тренинг центар.
Можност за креирање на дополнителни едукативни програми, согласно барањата на компаниите и собраните резултати од анализите на пазарот на трудот
Можност за креирање на верифицирана програма на уште повисоко ниво, во која ќе бидат вклучени и интернационални предавачи, но и учесници од поширокиот регион.
Можност за соработка со разни здруженија, групи, поедници, форми на социјални претпријатија, поддршка на жени претприемачи и уште безброј други можности..

Ви благодарам за гостувањето а за нашите слушателки едно потсетување  дека денешна гостинка во нашиот подкаст е Александра Кирилова  -Директор на фондацијата “Прогресив Академија“ од Виница.

За гостинката

АЛЕКСАНДРА КИРИЛОВА

Како е да се живее во мало место а да се работи во голема и успешна компанија, беше прашањео на кое сакавме да раговараме за дел од приватниот живот на Александра. Таа ни рече дека: „Да се биде дел од успешната приказна на една голема компанија е гордост и вистинки предизвик и задоволство, но и голема одговорност. Виница е мало место кое говори за успешна семејна компанија која повеќе од 3 децении е успешна на пазарот и е една од најголемите кондиторски компании во С. Македонија но и најголем извозник на својот производствен асортиман на 5 континенти во светот, во преку 55 земји.

Нејзиниот опис го заврши со многу инспиративна реченица : Виница е мало урбано место кое е прекрасно за живеење.