Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

КРАТКА СОДРЖИНА НА ЕПИЗОДАТА

ЕПИЗОДА  НА ВЕРАДИО. МК СО ЕМИЛИЈА ПЕХЧЕВСКА ОД БЕРОВО

Добар ден и добредојдовте во една од епизодите на нашето единствено верадио.мк,  радио подкаст на Националната платформа за женско претприемништво.

Во оваа епизода наша гостинка е  Емилија Пехчевска од Берово, производител на преку педесет артикли со здрави состојки од беровскиот крај: сокови, сирупи, мармалади, слатко, мелеми и други  преработки дар од преубавата Беровска природа.

Добар ден Татјана, Ви благодарам за поканата и можноста да бидам Ваша гостинка.

ТАТЈАНА-Би го почнала разговорот со Вас со она што се случи пред неколку дена а се однесува на верификација на вашата работа. Ви го деделија сертификатот од Амбасадата на Америка во Македонија, за најдобар бизнис план и освоено прво место. Сигурно сте среќни, па еве да ни објасните малку повеќе за тоа.

 

ЕМИЛИЈА- Да, така е. Ја имав таа чест да бидам дел од првата Академија за жени претприемачи од руралните средини Dream Builder организирана од Амбсадата на САД во Република Македонија во партнерска соработка со Рурална коалиција. Предавањата беа на англиски јазик и за успешното завршувања на академијата, по повод Денот на руралната жена ни беа доделени сертификатите од акдемијата, кои што се меѓународно признаени. Исто така, секоја од учесничките на академијата требаше да напише и бизнис план и истиот да го испрати на разгледување и оценување од страна на стручни лица кои беа вклучени во самиот процес на едукација. Прогласувањето на првите три најдобри бизнис плана беше во почетокот на ноември, а доделувањето на сертификатите се случи на 22.11.2022 година во Амбасадата на САД во Македонија од страна на Aмбасадорката Агeлер. Мојот бизнис план беше прогласен за најдобар и бев наградена со прва награда.

ТАТЈАНА- Претприемачката Беровска приказна ви започнала пред 8 години кога со вашиот сопруг сте решиле да заминете од Скопје и да се преселите во Берово, иако имате беровски корени и да почнете нов живот. Како од сегашна перспектива го гледате тоа?

ЕМИЛИЈА- НАШАТА ОДЛУКА НЕКОИ ЈА НАРЕКОА НАЛУДНИЧАВА, НЕКОИ СО ВОСХИТ ГЛЕДАА НА НАШИОТ ЕНТУЗИЈАЗАМ И РЕШИТЕЛНОСТ, А НИЕ ЗНАЕВМЕ ДЕКА ТАА ОДЛУКА ЗА НАС ЖИВОТ  ЗНАЧИ.

Од сегашна перспектива,со сигурност можам да кажам дека сме ја донеле најдобрата одлука во нашиот живот. И кога некој би ме запрашал, ако можам да го вратам времето, дали би ја донела истата одлука би рекла дека би го вратила дупло повеќе и со огромно задоволство повторно би го направила тој избор.
Знаете, кога живеете во голем град, динамичен живот со страшно брзо темпо, ниско ниво на безбедност и одеднаш ќе заживеете во мало место исполнето со мир, спокој, безбедност, чиста и здрава еколошка среднина, дури тогаш ќе можете да сватите дека нема ништо подрагоцено од мирот и спокојот.

Како врв на задоволството ни дојде тоа што во оваа убавина успеавме да го најдеме и нашиот извор за егзистенција.

ТАТЈАНА- Што се произведувате и како стигнувате до потрошувачите?

ЕМИЛИЈА- Асортиманот со кој располагаме е доста широк. Произведуваме традиционални сирупи: боров сируп, сируп од глуварч, сируп од јаглика, овошни сокови (сирупи) кои што се концентрати за растворање, слатка (боровинка, капина, јагода), мармалади (наша специјалност се мармалади без семка: црна рибизла, црвена рибизла, малина, капина, јагода, слива и др.), први во Македонија почнавме да произведуваме и сок(сируп) од плодот на бозелот без додаден шеќер, а имаме и регистрирано наша ТМ БОРОЏУН. под која моментално има палета од три производи без додаден шеќер: боров сируп, сируп од глуварче и сируп од врбовка. Како засладувач користиме природен засладувач направен од органско грозје.

Овие производи во моментот ги продаваме директно преку нашата фејсбук страна: www.facebook.com/Berovsko

Глуварчето го собираме од најчистите предели на Малешевијата. Во производство се користи целата билка (вклучително и коренот), таа е силен имуностимулатор и детоксикатор.

Боровиот цвет го собираме самите, исклучиво од бел бор (Pinus sylvestris) и е посебно корисен  за респираторни проблеми.

Врстата на врбовка што ние ја собираме е позната по латинскиото име (Epilobium  angustifolium) и е за уринарни проблеми (золемена простата, високи тумор маркери..). Ова се наши оригинални производи, иновации  кои се спој на традицијата и современото.

Во малешевијата се произведува далекупознатиот традиционален  боров сируп за проблеми со дишните патишта, но во таа рецептура се додава огромно количество на шеќер. Нашиот боров сируп како супститут содржи гроздов слад направен од сертифицирано органско грозје.

Сирупот од глуварче исто така се произведува традиционално во нашиот крај, но она по што нашиот сируп од глуварче се резаликува од останатите е што први и единствени ја преработуваме целата билка (вклучително и коренот) и како засладувач го користиме истиот гроздов слад како кај боровиот сируп.

Сирупот од врбовка – единствени сме на пазарот кој оваа екстремно лековита билка за проблеми со уринарниот тракт ја преработува во сируп, спремен за конзумација веднаш, заладен со гроздов слад. Овој производ е едноставен за употреба што го прави посебно интересен бидејќи луѓето имаат се помалку време и припремањето чај два пати дневно баш не ги прави задоволни.

 

ТАТЈАНА- Со какви се предизвици се сретнувате во вашата претприемачка работа?

ЕМИЛИЈА- Во период кога луѓето се свртени  кон здравата храна, како начин на живот и кога пазарот е преплавен со понуда на “здрава храна“, голем предизвик е да се заплови во тие води во кои има и големи бранови кои буквално може да те проголтаат,  бури кои можат да те срушат.

Предизвик е во широката лепеза на понуди да се избориш за своето место под Сонцето, да бидеш препознатлив, да бидеш во чекор со времето и неколку чекори пред другите.

Потенцијалот за развој е голем, но уште еден предизвик е формирањето добар тим за работа. Кругот на селектирани и регрутирани кандидати се` повеќе се стеснува, поради масовниот одлив на работна сила од државата.

Исто така, континуираната  надградба во однос на знаења, вештини и способности се предизвиците што мене како претприемач ми овозможуваат да растам и созревам, па затоа ги сметам за задолжителни.

ТАТЈАНА- Имате интересно професионално портфолио , за да не зборувам јас еве за нашите слушателки вашиот досегашен професионален пат?

 ЕМИЛИЈА- И покрај огромната желба да станам професор по математика, воопшто не сум свесна како јас одеднаш одлучив наместо на ПМФ да се запишам на Економскиот факултет во Скопје.

Гледано од денешна перспектива, сега сваќам зошто сум ја донела таа одлука. Мојата темпераментност, ентузијазам, креативност и слободата која што бескрајно ја сакам можеле да дојдат до израз, но и јас да се чувствувам среќно и задоволно само во област како што е претпемништвото.

Она што сметам дека посебно влијаеше врз мојата лична изградба е интелектуалната и научно истражувачка работа која што ја работев во студенстките денови, како можност за обезбедување на дополнителни финансии за студирање. Тогаш, сосем наивно почнав да пишувам трудови за други студенти. Ова е период кога почнав да ги заработувам првите скромни суми, сѐ до моментот кога ми беше понудено да пишувам трудови со поголема тежина и обем. Застанав храбро пред предизвикот, го прифатив и добри десеттина години го работев тоа.

Паралелно работев во неколку компании во Скопје каде стекнав искуство од областа на продажбата, односи со јавност, канцелариско и административно работење, финансиско работење итн.

Најчесто во описот на моите работни задачи недостасуваа барем половина од обврските и работите кои што ми беа доделувани да ги сработам. Но, јас без двоумење, без негодување, решително и храбро ги прифаќав дополнителните работни задачи и обврски, без да бидам разочарана од ниските плати или пак несоодветно платениот труд од страна на работодавачите. Во секоја работа гледав можност да научам нешто ново, за моја лична надградба.

И ете, дојде и тој ден, кога долгогодишното знаење и искуство акумулирано во мене од разни страни, конечно можам да го имплементирам за свој личен бенефит како жена претприемач која веќе седма година, полека но сигурно чекори кон патот на успехот.

ТАТЈАНА- Верадиото е дел од Националната платформа за женско претприемништво . Колку знаете за оваа Платформа и какво е вашето мислење за на овој начин поврзување на жените од бизнис светот?

ЕМИЛИЈА- За Националната платформа за женско претприемништво слушнав пред околу една година и од тогаш активно ги следам активностите и настаните организирани од нив преку социјалните медиуми. Длабоко верувам дека нејзината работа ќе придонесе за унапредување на женското претприемништво во земјата. Предизвиците и пречките се големи. Анализирајќи ја стратегијата, раководниот тим и екипа, сметам дека постои високо ниво на стручност и ентузијазам за да заложбите дадат позитивен резултат.

Исто така, сметам дека ваквиот начин на поврзување на жените од бизнис светот придонесува во градење на поцврста, посилна бизнис заедница на жени претприемачи, преку меѓусебното поттикнување и поддршка.

ТАТЈАНА- Што би им порачале на жените кои се двоумат дали да почнат свој бизнис. Според вас што е најважно?

ЕМИЛИЈА- Мојата најискрена порака до сите жени кои се двоумат дали да почнат свој бизнис или не е: реално да ги согледаат  можностите, предизвиците, ризикот и бенефитот. Да не дозволуваат стравот или еуфоријата да бидат тие кои ќе одлучуваат место нив.

Бизнис не се започнува ниту за да се докажете пред другите, ниту за нечиј инает, а најмалку пак под притисок.

Со ладна глава, бистар ум и храбро срце можете да тргнете напред кон предизвиците., но пред се` треба да почувствувате во срцето дека тоа е тоа вистинското.

ТАТЈАНА- За крај, би ни ги споделиле ли вашите планови за иднина. Каде и на што ќе се фокусирате?

Нашите планови за иднина се да станеме препознатлив бренд во Македонија и да развиеме мрежа на соработници во секој град во државата, а потоа и наше проширување на меѓународната трговска сцена.

Ви благодарам!

А за нашите слушателки, во оваа епизода наша гостинка беше  Емилија Пехчевска од Берово, производител на преку педесет артикли со здрави состојки од беровскиот крај: сокови, сирупи, мармалади, слатко, мелеми и други  преработки дар од преубавата Беровска природа.

.

За гостинката

TATЈАНА- Како го поминувате вашето слободно време, имате ли хоби и каде ја полните енергијата?

ЕМИЛИЈА- За жал слободно време имам многу малку. Целиот ден го користам максимално во исполнување на обврските: работните, семејните како сопруга и мајка на две малолетни деца кои што сеуште се зависни од мене, посета на разни обуки, едукативни предавања итн. Дури и заедничкото кафе со сопругот  кое би требало да ни биде пауза, успеваме да го претвориме во работен состанок.

Кога ќе успееме да „си украдеме„ слободно време тогаш пешачиме низ овие прекрасни живописни малешевски предели. Тогаш уште повеќе се осведочувам дека изборот за место на живеење и работата што ја работиме е најдобриот избор што сме го направиле.

Хоби ми е пеењето, и многу често луѓето можат да ме слушнат како со слушалки во ушите забрзано и заносно се трудам да ги завршам работните обврски.

 

 

 

 

  • https://www.facebook.com/Berovsko