Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

ЉУБИЦА ПЕНДАРОСКА

Добар ден и добредојдовте во уште една епизода на подкастот на Weradio, радио поткаст на Националната платформа за женско претприемништво. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна гостинка е Љубица Пендароска. Меѓународен експерт за сајбер безбедност, основач и претседател на Women4Cyber С. Македонија, добитник на CyberSecurity Top 50 Women of Influence Europe за 2021 ва и за 2019 та. Ова е само дел од импресивната биографија на нашата денешна соговорничка, Љубица Пендароска.

МАРИЈА Добар ден и добредојдовте.

ЉУБИЦА Добар ден и ви благодарам за поканата.

МАРИЈА Какво е чувството, но и одговорноста, не еднаш туку два пати да се најдете на списокот на 50 те највлијателни жени во Европа во областа на сајбер безбедноста ?

ЉУБИЦА  Тоа го гледам повеќе како поттик, бидејќи ако размислувам за одговорност, ми создава повеќе пристисок, а ако го гледам како поттик ме тера да направам уште повеќе. Овде има две димензии. Едната е дека работам нешто што е корисно за жените, а се работи за сфера во која што доминантна е машката популација, особено на раководни позиции. Втората е потврда дека некој од една географски мала држава како што е Македонија може да предизвика позитивни турбуленции во европски рамки. Се трудам да следам едно правило на Бил Гејтс кој вели успехот е лош учител бидејќи ги тера паметните да мислат дека се непобедливи, па секогаш кога ќе достигнам одреден максимум во она што го работам, се трудам повторно да си стапнам на земја и да речам што е следно што треба да се освојува во смисла на резултати, постигнување на цели и сето тоа за еден поширок општествен бенефит.

МАРИЈА Kако го тресиравте патот од Македонија до клубот на најмоќните во Европа ?

ЉУБИЦА Тој пат не беше целно насочен кон Европа, но си тргна скромно од овде. Пресудно е тоа што го работите да биде успешно и не секогаш да целите од почетокот да стигнете некаде во Европа и во светот и да се мерите во светски рамки. Почетокот беше скромен, од моите асистентски денови на Правниот факултет, а се поклопи и со периодот кога правото на прватност и заштита на личните податоци во Македонија беше сосема нова и свежа материја, па јас како асистент што работеше во таа сфера успеав да се профилирам најпрвин во национални рамки и оттука преку одредени проекти на Европска Унија, ОБСЕ, НАТО и Светска банка, дојдов до самите организации и нивните седишта за да работам како меѓународен експерт. Тоа го тресираше патот да водам и да бидам лидер на проекти кои што подразбираат креирање на стратегии и програми за дејствување во европски рамки. Она што ми е особено драго на кое што понатаму ќе продолжам да работам е создадавањето можност една европска организација како што е Women4Cyber да ги има своите зачетоци и активности на македонско тло.

МАРИЈА Вие сте експерт во една област во која процентуално има многу мал број на жени и тоа во глобални рамки. Што ви беше мотивација или пресуден момент, од асистент на Правниот факултет Јустинијан Први од областа на човековите права, да тргнете во една ваква насока ? И колку фактот што сте жена ви помогна или одмогна на тој пат?

ЉУБИЦА Точна е вашата констатација. Позитивното е што имаме напредок во бројот на жени кои што се вклучуваат да работат и да учат во сферата на сајбер безбедноста и зголемување на бројот на жени што се на високи раководни и одлучувачки позиции во сајбер безбедноста. Кога ќе ме прашаат како  се чувствувам во професија која што е доминантно машка, јас се шегувам дека се чувствувам како јагода на врвот на шлагот.

МАРИЈА Кои се моментално најсериозните сајбер закани со кои се соочуваат граѓаните, бизнис секторот и  државните инситутции ? И колкава е свесноста во Македонија за опасностите од сајбер заканите ?

ЉУБИЦА   Прво и основно и од аспект на граѓаните и на државата и на бизнис секторот, најголемата опасност е секогаш опасноста од одредени кривични дела и несоодветната употреба на личните податоците на граѓаните.

МАРИЈА Кои се вашите планови, проекти и визии за во иднина ?

ЉУБИЦА Професионалните планови се поврзани со она што првенствено го работам во Македонија поврзано со жените во сајбер безбедноста и развивање на програми што ќе обезбедат усовршување на нивните способности.

МАРИЈА Во Македонија има се повеќе и повеќе жени кои не се задоволуваат само со остварување на традиционални улоги на мајка, сопруга и домаќинка или кои што никако не се пронаоѓаат на некое просечно, здодевно и некреативно работно место. Колкава е важноста од вмрежувањето во женски иницијативи, како Националната платформа за женско претприемништво за оваа категорија на жени?

ЉУБИЦА  Women4Cyber С. Македонија има блиска комуникација со Асоцијацијата на бизнис жени и Националната платформа за женско претприемништво. А самите резултати покажуваат дека има се повеќе активни проекти за точно таргетирани групи на жени и бизниси водени од жени. Тоа покажува дека има голема потреба и споредено со претходни години, имаме се повеќе жени што се вклучуваат во бизнис секторот. Позитивната улога на на оваа палформа за женско претприемништво е токму помошта и асистенцијата што им ја нуди на жените што сега влегуваат во бизнис сферата.

МАРИЈА Што ќе им порачате на амбициозните девојки и жени во Македонија? Како до кариера од соништата?

ЉУБИЦА Кариера од соништата е пат што се гради. Треба секогаш да бидат реални во однос на тоа колку и со каков чекор да се граби напред, но секогаш се да граби напред. Моето искуство покажува дека и од една земја со мала територија и број на население како што е Македонија може да се стигне до европски и светски рамки. И второ, треба да ја имаат вистинската информација и да се вклучуваат во вакви платформи како Националната платформа за женско претприемништво и да учат од оние кои веќе го постигнле она што тие го сакаат и да си обезбедат ментор. Треба да ја употребат својата женска креативна енергија која секогаш порано или подоцна ќе ги доведе до работата од соништата.

За гостинката

Прашана за тоа дали и колку богатата меѓународна кариера бара откажувања и компромиси на приватен план, Пендароска вели – „Обично во животот најчесто повеќе работи се случуваат истовремено и не сите се однапред планирани. Балансот е секогаш и секаде потребен и за се има време и се наоѓа начин ако сте добар организатор. “