Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

САНДРА ТРАЈКОВСКА

Добар ден и добредојдовте во новата епизода на радио поткастот на Националната платформа за женско претприемништво. Јас сум Марија Котовска, а потрагата по инспиративни животни приказни раскажани од нашите успешни жени не донесе до познатите скопски ресторани за прослави Везилка и Дениција, во канцеларијата на Сандра Трајковска, која веќе девет години е успешен управител и косопственик на обата ресторани. Со Сандра разговараме за предизвиците на жените во угостителскиот бизнис, но и за почетоците и инспирацијата која како што вели, дошла од лична потреба односно потрага по ресторан за сопствената свадбена прослава.

МАРИЈА Што ве мотивираше да почнете угостителски бизнис и најпрвин да го отворите прекрасниот рсторан Везилка, а потоа и Дениција ?

САНДРА Идејата се појави при потрага на ресторан за мојата свадба во 2012 година. Во тој момент во Скопје не постоеше ресторан од таков вид, летен и од отворен тип, кој притоа би ја имал целосната заштита при неповолни временски услови. Од друга страна, од секогаш ми претставувало предизвик организација на настани и целата возбуда поврзана со тоа, така што двете работи се надоврзаа во вистински момент.

МАРИЈА Обата ресторани носат имиња на познатите истоимени стихозбирки на нашите литературни великани, Блаже Конески и Петре М. Андревски. А се чини заедничка точка на обајцата е што во овие сихозбирки маестрално ја испреплетуваат љубовта кон татковината и љубовта кон спротивниот пол. Што ве инспирираше да изберете токму вакви имиња?

САНДРА Токму така. Кога се помислува на поезија, на уметност од зборови, на љубов во нејзината најсилна форма, тогаш се помислува на вечните и незаменливите Блаже Конески и Петре М. Андревски. Везилка, која сама ја везе својата невестинска риза ни беше инспирација да започнеме со славење и везење љубов. Потоа во 2018 та името, за ресторан Дениција дојде како инспирација од македонската химна на љубовта, безвремената Дениција. Токму таа година стихозбирката Дениција го славеше својот 50 ти јубилеј, а нашиот нов проект започна со пишување љубовни стихови.

МАРИЈА Што е она што ги прави Везилка и Дениција уникатни ?

САНДРА Самиот дизајн на мембраната на Везилка е уникатен и единствен од тој вид во моментот на отварање во 2014 та. Потоа низ годините кои доаѓаа се појавија и други кои го следеа тој тренд, што за мене претставува секако задоволство, бидејќи го сфаќам како знак за квалитет и добра работа. Следејќи ги светските трендови за подготовка и служење на храна, Дениција стана авангарда и наметна комплетно нова дефиниција на свадбените менија. Искуството и посветеноста, пак, на менаџерскиот тим, дозволува организациски пристап кој е автентичен и прилагоден на секој клиент.

МАРИЈА Како жена во бизнис светот сте влегле на млада возраст. Како течеше вашиот професионален пат, со кои предизивци се соочувавте на почетокот, а со кои сега ?

САНДРА Секако беше предизвик да се стартува нов бизнис и целата енергија која е потребна за истото, а притоа да се биде посветена мајка на 2 мали деца. Тоа што влегов млада во бизнисот, само ме натера да се трудам многу повеќе и да си докажам и на себеси и на другите дека угостителството не е само машки бизнис. Секојдневно се водам со мислата “Се што правиш, прави го најдобро што можеш” и стојам позади тоа. Предизвик со кој неодамна се соочивме беше  Корона пандемијата која директно не погоди. Две многу тешки години кога немаше никаков приход, а треба се тоа што си го изградил да опстане и понатаму. Да се задржи тимот, да се плаќаат режиски трошоци кои не сопреа кога ние бевме спречени за работа. Го надминавме и тоа, и благодарна сум на целиот тим и на семејството кои ми беа голема поддршка во тој период.

МАРИЈА Кои ваши професионални достигнувања би ги издвоиле како позначајни или подраги ?

САНДРА Да бидеш дел од најзначајниот ден во животот на некој е само по себе достигнување и неописливо чувство. Голем број на совршено организирани корпоративни настани исто така ми се многу драги. Јубилеи, годишнини, родендени на кои стотици гости си одат задоволни е мотив за работа.

МАРИЈА Какви се вашите и проекти за во иднина ? Дали Дениција и Везилка ќе добијат и трета сестра или можеби вашиот фокус ќе биде насочен на нешто сосема поинакво ?

САНДРА Трета сестра не засега, но секојдневно се трудиме да ги следиме светските трендови од оваа област и да се менуваме во согласност со потребите на клиентите. Можам само да кажам дека следната година, на 10 годишнината од Везилка се планира нешто ново и уникатно, ќе бидете известени.

МАРИЈА Како ја оценувате моменталната состојба со женското претприемништво во Македонија?

САНДРА За разлика од пред 10 тина години, мислам дека се менува целиот миндсет на општеството. Зголемен е фокусот на создавање на подобри услови за развој на женско претприемништво. Се повеќе се среќавам со успешни млади жени претприемачи кои цврсто газат во македонското стопанство.

МАРИЈА Колкаво е значењето за жените претприемачи од вмрежување во различни женски иницијативи, како на пример Националната платформа за женско претприемништво ?

САНДРА Од големо значење е според мене, бидејќи факт е дека инвестирањето во жени е едно од најефикасните средства за зголемување на еднаквоста и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст. Преку вакво вмрежување се придонесува за развој на претприемачката свест и свеста за постоење на можност за креирање заеднички политики за општото добро.

МАРИЈА Како успешна млада жена, која е вашата порака до сите девојки и жени во Македонија?

САНДРА Да имаат цел и да бидат упорни во остварување на целта. И ако дојде тежок период, а ќе дојде, затоа што ниеден пат не е лесен, да не се откажуваат.

Епизодата ја подготви и ја реализираше Марија Котовска

За гостинката

Освен тоа што речиси една деценција е на чело на успешен угостителски бизнис, Сандра Трајковска во приватниот живот е мајка на две деца и сопруга, а ја сака и физичката активност и слободното време вообичаено го користи за вежбање, трчање и планинарење.