Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

ДАНЧЕ АЗМАНОВА

Добредојдовте во уште една епизода на радио поткастот на Weradiо на Националната платформа за женско претприемништво. И оваа епизода ви подготвивме интересна и инспиративна животна и професионална приказна на уште една успешна жена од Македонија. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна гостинка е Данче Азманова. За себе вели дека е креативен раскажувач и дека е секогаш отворена за нови можности за професионален раст и демонстрирање на талентот за создавање незаборавни кампањи. По дипломирањето како првенец на генерација со просек 9,5 на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, отсек новинарство и односи со јавност, Азманова работи како новинар во неколку македонски телевизии, а потоа академскиот и професионален пат ги продолжува во Соединетите Американски Држави. Ентузијазмот за модерно новинарство со кој се вратила во Македонија, вели, брзо го снема, па затоа се запишува на Академија за дигитален маркетинг и во оваа насока го продолжува професионалниот пат. А по извесно време, во потрагата по нов предизвик, ја започнува и својата претприемачка приказна преку бизнис иницијативата TrixieBox и платформата Working mom, поддржувајќи го женското претприемништво и малите бизниси. А за тоа колку посветен професионалец е Данче, доволно зборува фактот што прифати да биде наша гостинка и моја соговорничка во деветиот месец од бременоста.

МАРИЈА Што ве мотивираше успешната новинарска кариера да ја замените најпрвин со кариера во маркетинг индустријата, а потоа да тргнете и во еден сосема нов правец наречен претприемништво ?

ДАНЧЕ За жал, недостигот на просперитет во новинарската професија во земјава беше мојот водечки мотиватор. Отсекогаш сум сакала да бидам новинар, уште како дете од 5 години се гледав себеси со микрофонот во рака како известувам за различни настани. Тоа и ми се оствари. Подоцна, имав желба да водам вести на телевизија и тоа стана реалност. Сите што ме познаваа во моите новинарски денови знаат со каква жар и ентузијазам си ја работев работата дури по 16 часа во денот, без да имам потреба од одмор, бидејќи ми беше многу забавно. Пресвртницата се случи кога бев избрана како талентиран новинар од Македонија да одам во Америка да студирам на првиот универзитет за новинарство во светот во Мисури, а потоа и да работам во најголемиот телевизиски медиум во Јужна Каролина – Live 5 news. По мојот престој во Америка, се вратив полна со енергија и огромно знаење што сакав да го имплементирам во некоја од телевизиските куќи. Меѓутоа, се соочив со реалноста, дека македонското новинарство не е подготвено за воведување модерни начини на известување како што веќе е стандард во Америка. Разговарав со повеќе уредници во Македонија и од сите добив одговори како:

– „Данче, ова е Македонија, не е Америка.”

– „Престани да леташ во облаци!”

– „Данче, ајде за ова да разговараме после 10 години.”

И се разбира, многу се разочарав. И во таков момент на разочарување имав две опции – или да се помирам дека новинарството е такво какво што е и јас да си останам просечен новинар или да сменам професија за да видам како можам да го искористам мојот талент за пишување на поинаков начин. Се запишав на Академијата за дигитален маркетинг на Бреинстер и така почна сè. Според мене, ова беше најдобрата одлука што можев да ја донесам. Маркетингот е динамична професија, но никогаш не може да ја замени возбудата кога си на терен и известуваш за настани. По неколку години како контент маркетер, сфатив дека нешто ми недостига. Жарот што го вложував во работата, повеќе не беше присутен. Обожавам да пишувам и тоа ми е некој вид медитација, но на крајот на денот, не се чувствував баш исполнето, ниту реализирано. Нешто мораше да се промени. Од тие причини решив да влезам во водите на претприемништвото, да си дадам шанса и да видам дали ова е нешто што сакам да го правам освен пишувањето контент за компании. За брзо време сфатив дека работењето за себе е нешто што одамна сум требала да го направам.

МАРИЈА Навистина најубавите работи во животот се случуваат кога човекот ќе излезе од конфорт зоната. Вие сте коосновач на бизнис иницијативата TrixieBox која има за цел да го поддржи женското претприемништво и малите бизниси во Македонија. Од каде дојде инспирацијата за една ваква благородна иницијатива и на кој начин ја реализирате поддршката?

ДАНЧЕ TrixieBox привично беше идеја на сестра ми, Зорица. Пред неколку години двете бевме дел од еден натпревар на кој презентиравме слична идеја и освоивме второ место. Пред една година, јас со слична идеја бев дел од уривање на Гинисовиот рекорд во пичување на бизнис идеи. Половина година подоцна, си рековме дека е време да ја финализираме идејата и да се фрлиме во акција. Официјално стартувавме во декември 2022 година. Ние две постојано сакаме да им подаруваме подароци на луѓето. Но, сфативме дека немаме баш на располагање креативни подароци што би измамиле вистинска насмевка на лицата на тие што ќе ги добијат. Затоа, решивме сами да ги создадеме. Дополнително, отсекогаш сме поддржувале мали бизниси, особено жени претприемачи бидејќи знаеме колку нивните производи и услуги се направени со љубов и внимание. Затоа направивме совршена комбинација, секој месец ние ќе креираме уникатен тематски подарок, а воедно и ќе им помогнеме на малите локални бизниси со тоа што нивните производи ги вклучуваме како дел од нашиот подарок. На пример, во тематскиот подарок за месец март, вклучивме 5 мали локални бизниси кои што со своите производи ги разубавија нашите кутии.

МАРИЈА Основач сте и на платформата Working mom, каде отворено зборувате за сите кариерни предизвици што ги носи бременоста и мајчинството. Што ве инспирираше да започнете со оваа платформа и кои клучни поенти би ги издвоиле во овој контекст?

ДАНЧЕ Ја креирав платформата Working Mom како безбедно катче каде што отворено зборуваме за сите кариерни предизвици што ги носи бременоста и мајчинството за една жена. Никој не ме предупреди дека едвај ќе ги држам очите отворени за време на бременоста. Никој не ми посочи дека ќе дојдат денови кога спиењето ќе го изберам пред правењето профит. Не бев свесна дека растење бебе во стомакот е 24/7 работа. Ниту колку сладок дефокус ќе бидат клоците на моето бебе во стомакот додека презентирам на состанок. Затоа и ја креирав оваа платформа каде што најискрено го споделувам моето искуство со работењето за време на бременоста, сите падови и подеми со кои се соочив, сомнежите што ме измачуваа и ме тераа да се запрашам дали сум доволно добра за да жонглирам со кариера и мајчинство истовремено. Платформата е во финална изработка. Се надевам дека таа ќе им помогне на жените да сфатат дека не се сами во овој процес. Сите ние поминуваме низ истото. Време е да бидеме гласни. Доста молчевме.

МАРИЈА Вашиот досегашен професионален пат е одбележан со голем број на награди и признанија. Какво значење имаат за вас и дали можеби би издвоиле некоја како најдрага?

ДАНЧЕ Знаете, првата награда е секогаш драга, но кога ќе почнеш да добиваш се повеќе награди и признанија, некако се губи суштината. Во последниве неколку години, научив да не се идентификувам со наградите што ги добивам. Меѓутоа, ако треба да бирам една награда со која сум посебно горда тоа е освоеното прво место за оратор на Школата за млади лидери на претседателот Ѓорѓе Иванов. Темата ми беше – егоизмот кај човекот. Зборував од срце и драго ми е што тоа беше валидирано од жири комисијата на чело со претседателот Иванов.

МАРИЈА Како жена во бизнис светот, со какви предизвици се соочувавте на почетокот, а со какви во моментов?

ДАНЧЕ Полова дискриминација за жал. Последниве неколку години сфатив дека некогаш не е само доволно да имаш идеја и умешно да ја презентираш. Сфатив дека понекогаш луѓето не те сфаќаат сериозно бидејќи си жена, а жена во патријахално општество не е баш синоним за водење бизнис. Тоа е многу поразително, ама за жал голем број на жени би се согласиле дека ова е реалноста во земјава. Дури правев и еден експеримент со мој колега. Истата идеја ја презентиравме пред нашиот тим лидер – машко. Неговата беше прифатена, мојата беше одбиена како недоволно добра. А се работеше за иста идеја.Тоа ми беше всушност уште еден поттик да преминам кон претприемништво каде што би била сам свој газда и каде што немам потреба да убедувам некого дека мојата идеја вреди и треба да ми се даде шанса.

МАРИЈА Токму во тој контекст е и моето следно прашање. Како ја оценувата моменталната состојба со женското претприемништво во Македонија и што сметате дека треба да се иницира и спроведе за подобрување и унапредување на положбата на жените претприемачи?

ДАНЧЕ За среќа, состојбата се подобрува, бидејќи се поголем број жени имаат можност да бидат дел од едукативни програми за женско претприемништво, да се вмрежуваат и да ја шират својата идеја. Сметам дека жените едноставно треба да се охрабрат и да се впуштат во акција. Секогаш ќе има луѓе кои ќе не критикуваат, ќе ни кажуваат дека не можеш да бидеш мајка и да водиш бизнис, или да бидеш во 9ти месец во бременоста и да правиш достава на подароци како што тоа го правам јас месецов. Игнорирајте ги тие гласови и терајте си по свое, вие најдобро знаете како изгледа животот што сакате да го имате.

МАРИЈА Се согласувам. А во Македонија, за среќа има се поголем број жени и девојки кои не се задоволуваат само со остварување на традиционалните женски улоги како мајка, сопруга и домаќинка и кои никако не се гледаат себе си на некое просечно, некреативно и здодевно работно место. На кој начин треба да се охрабри и стимулира оваа категорија да почне свој бизнис и својата креативност да ја преточи во заработувачка?

ДАНЧЕ Треба да дојде оној момент кога ќе си одиш дома и ќе си речеш најискрено во огледало – дека не можеш повеќе да работиш на толку здодевно место и постојано да бидеш мизерен, постојано да гледаш како да им угодуваш на другите. И дури тогаш ќе сфатиш дека е време за нешто свое, а ако не сега, кога? А како вистински да се поддржи женското претприемништво? Лајкови, споделувања се одлични, но од тоа не се заработува. Едноставно, купете од прозиводите и услугите што ги нудат. На пример, наместо да купите подарок за 8 ми март од огромна корпорација, купете нешто од мал бизнис. Малите бизниси вложуваат љубов во секое нешто што го работат и според мене, подарокот што е креиран со љубов е секогаш подобар избор. Дали на корпорациите би им текнало да стават тајна задача на дното на подарокот? Дали би се замарале да напишат креативно писмо до секој купувач? Не би рекла баш. Во тематскиот подарок што го креиравме за Валентајн, можевме да порачаме од Али експрес карти со вистина и предизвик за парови и календар со љубовни дејтови, но каде би била овде нашата автентичност? Затоа ги креиравме сами, да одговараат и на нашиот начин на изразување и секако, како поддршка за Македонскиот јазик.

МАРИЈА Од каква важност е вмрежувањето во женски иницијативи, како Националната платформа за женско претприемништво за сите девојки и жени во Македонија кои сакаат да почнат или веќе имаат свој бизнис?

ДАНЧЕ Ваквите иницијативи се еден голем чекор напред. Ние како жени претприемачи треба да знаеме дека не сме сами во ова и треба отворено да ја побараме поддршката што ни е неопходна. Не само од други жени претприемачи, туку и од нашата најблиска околина. На пример, водење бизнис во доцна бременост е навистина предизвик, но благодарение на поддршката (емотивна и логистичка) што ја имам од сопругот и фамилијата, сум овде денеска.

МАРИЈА Какви се вашите планови за во иднина?

ДАНЧЕ Официјално да ја лансирам платформата Working Mom и да покажам дека една мајка може да го има најдоброто од двата света – свесно мајчинство и кариерна експанзија.Кога станува збор за TrixieBox, целта ни е да креираме уште поуникатни и иновативни подароци на различни теми. Интересот е огромен иако сме на самиот почеток. Се надевам ќе ја оправдаме довербата што нашите купувачи ја имаат во брендот и секако, ќе ги надминеме нивните очекувања.

МАРИЈА Како една успешна жена, која е вашата порака до сите жени и девојки во Македонија ?

ДАНЧЕ Не губете драгоцено време скролајќи по социјалните медиуми, прашувајќи се зошто вие немате толку идеален живот како личностите на кои им се восхитувате. Сето тоа што го гледаме на социјалните медиуми е една голема фарса. Наместо тоа, инспирацијата наоѓајте ја во читањето книги, а потоа преточете ја во акција. Не мора да чекате некој ангел инвеститор да инвестира во вашата идеја или да победите на некој натпревар за да ја реализирате идејата – едноставно започнете! Дури и ако сте на средина на бременоста, дури и ако само што сте станале мајка – започнете! Фактот дека имаш или ќе имаш дете е огромен мотиватор за да му бидеш пример на тоа дете дека треба да си ги следи соништата, а не цел живот да работи за нечии туѓи соништа и цели.

Епизодата ја подготви и ја реализираше Марија Котовска

За гостинката

Прашана за тоа која е тајната на нејзиниот успех, Азманова вели – „ Би рекла дека никогаш не се помирувам со просечноста.Постојано трагам по нешто интересно, иновативно, за да се предизвикам себеси. Имам дури и едно правило: Ако правејќи некоја работа, две недели по ред се чувствувам мизерно, веднаш треба да го елиминирам тоа, бидејќи се коси со мојата работна етика.“