ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА
ЈОЛАНДА ПОПОСКА
Добредојдовте во уште едно издание на радио поткастот на Weradio, поткаст на Националната платформа за женско претприемништво. И оваа епизода за вас подготвивме инспиративна приказна на уште една наша успешна и креативна Македонка. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна гостинка е Јоланда Попоска.
Воздушниот знак Близнак, како еден од најљубопитните во хороскопот, постојано сака да учи нови работи и неретко има двојна природа, па оттука воопшто не изненадува тоа што нашата денешна гостинка Јоланда Попоска се занимава со две работи истовремено. Па така, освен професијата професорка по англиски јазик во едно скопско средно училиште, Јоланда рачно изработува прекрасни и уникатни парчиња накит. Таа користи древна техника за изработка на витешки кошули и оклопи, а секое парче накит како што вели, го смета за приказна во која вметнува свои емоции и настани, па оттука е и името на нејзиниот бренд My hand made stories.
МАРИЈА Вие сте професор по англиски јазик во средно училиште, а се занимавате и со изработка на преубав накит. Што ве инспирирше од полето на образованието да тргнете и во еден сосема понаков креативен правец и истото да го претворите во бизнис приказна наречена My hand made stories?
ЈОЛАНДА Започнав да се занимавам со изработка на накит како продолжение на некаков порив во мене за себеизразување. Инспирацијата не дојде од надвор, туку од внатре, од мојот внатрешен свет. Парчињата накит ги сметам за приказни во кои вметнувам мои емоции и настани. Можеби звучи премногу интимно, но тоа е вистинската појдовна точка за секоја изработка.. И кога веќе тргна приказната, одлучив да се обидам од тоа и да заработам, без некои големи амбиции, бидејќи ми беше поважно да им се допадне на луѓето кои ја сакаат истата естетика како мене.
МАРИЈА Од каде најчесто ја црпите инспирацијата за дизајните и кои техники ги користите при изработката?
ЈОЛАНДА Сакам да работам само со природни и трајни материјали, како кожа, природни камења и челик. Сакам работите да траат и со годините да добиваат и патина и вредност. Го сакам мирисот на кожата, чувството под прстите кога ја плетам и помислата дека како што старее кожата, така станува поубава. Ги сакам природните камења затоа што ме врзуваат со планетава и природата и се некакво продолжение на сите нас. Го сакам челикот бидејќи е цврст и вечен, не ‘рѓосува. Се трудам да изработувам накит што ги врзува минатото и модерното живеење. Кожата обично ја плетам во морнарски чворови и паракорд плетки, а челичните алки ги користам за плетење chainmaille, техника на изработка на витешки кошули и оклопи која е многу стара и за мене фасцинантна.
МАРИЈА Како ја оценувате моменталната состојба со занаетчиството односно рачните изработки во Македонија и што сметате дека треба да се преземе за подобрување на полжбата на занаетчиите кои се занимаваат со рачни изработки?
ЈОЛАНДА Од она што можам да го забележам околу мене и на социјалните мрежи, мислам дека повторно расте вредноста на рачните изработки и луѓето ги ценат трудот и креативноста коишто занаетчиите ги вложуваат во своите изработки. Се разбира масовното и фабричко производство е многу поевтино и во сиромашна држава како нашата тоа е многу попримамливо, но вистинските љубители знаат дека кога купуваат рачна изработка, добиваат оригиналност, индивидуален пристап, креативна енергија и неколкучасовна работа на еден човек кој се вложува себеси и својата љубов да направи нешто за некој друг.
МАРИЈА Интернетот, социјалните мрежи и платените реклами кои ги нудат се секако една моќна алатка за онлајн продажба и промоција на брендови и предност која сопствениците на бизниси секако ја немаа пред дваесетина години. Колку интернетот вам ви помогна во пласирање на продуктите, промоција на брендот и остварување на профит?
ЈОЛАНДА Многу, се разбира. Моите први продажби беа на странскиот пазар што без интернетот ќе беше невозможно за некој кој не е фирма туку индивидуа. Вмрежувањето и пласирањето на производи на интернет отвара нови можности, но и конкуренцијата е поголема што и не мора да биде лоша работа бидејќи така можеш да се видиш колку вредиш, да научиш нови работи и да ја подобриш својата бизнис етика. Многу работи што ние како пазар сега ги популаризираме во светот постојат веќе подолго време. За жал, дел од тие работи за нас се и недостапни, како на пример начините на плаќање, одредени опции на социјалните медиуми, набавка и испорака на материјали и производи по поевтини цени и сл.
МАРИЈА Какви се вашите планови и проекти за во иднина?
ЈОЛАНДА Сакам да инвестирам повеќе време, знаење и финансии и во себе да ги пронајдам маркетинг директорот, фотографот и SEO експертот, што во суштина е речиси невозможно. А кога нешто е невозможно или не може, тогаш најмногу се мотивирам.
МАРИЈА На жените како покреативен пол, речиси никогаш не им недостига креативност. На кој начин би ги мотивирале, инспирирале и охрабриле жените и девојките од Македонија својата креативност да ја претворат во заработувачка и да започнат сопствен бизнис ? И кои клучни совети би им ги дале?
ЈОЛАНДА Кретивноста не мора да се изразува само преку рачни изработки. Креативност е секоја оригинална идеја или видување на нештата што доаѓа од длабочините на нашето битие и како таква се стреми да излезе во надворешниот свет и да ја направи реалноста подобра и поубава. Тоа е незадржлив порив од внатре и затоа е многу важно да се препознае, да се развие со учење и со одредена доза на самокритичност и да се пласира за доброто на сите. И ако од тоа може да се живее, тогаш себереализацијата мислам дека е на највисоко ниво. На светот дефинитивно му требаат повеќе креативци и уметници.
МАРИЈА Како ја оценувате моменталната состојба со женското претприемништво во Македонија и што сметате дека треба да се преземе за подобрување и унапредување на состојбата на жените претприемачки кај нас ?
ЈОЛАНДА Има напредок во тој поглед кој мислам дека се должи на развојот на социјалните медиуми, но не и на поддршката што ја добиваат претприемачите од државата. Не можам да зборувам генерално, но можам да кажам за проблемите со кои се соочуваат луѓето како мене кои сами го водат целиот процес од набавка на материјали, изработка, пласирање и маркетинг, наплата и испорака. На пр. не можеме да бидеме исплатени на Пејпал ако сметката е регистрирана во Македонија, не можеме да бидеме исплатени на Пејонир од индивидуален клиент, само од компанија, цените за достава од било каде во светот за и до Македонија се многу поскапи од другите држави, се организираат многу малку базари каде ќе изложуваат креативците, па луѓето се снаоѓаат сами и изложуваат по кафе барови или на социјалните мрежи итн. Ни треба повеќе организација, повеќе информации и достапност на истите.
МАРИЈА Какво е значењето од вмрежувањето во женски иницијативи како Националната платформа за женско претприемништво, која меѓудругото има за цел спојување на сите активни чинители на ова поле и создавање поголема критична маса со сериозен пристап кон растот и развојот на женското претприемништво во Македонија?
ЈОЛАНДА Како и за секоја сфера од нашето живеење, така и за претприемништвото е важно вмрежувањето и соработката, надградувањето на знаењето и размената на информации и се разбира поддршката од државните институции за олеснување на процесот на работата и отворањето нови можности за вреднување на трудот и квалитетот на секој кој сака да работи. Очекувам Националната платформа за женско претприемништво интензивно да работи во оваа насока бидејќи само со соработка на што е можно повеќе чинители на ова поле можеме да дојдеме до индивидуален и колективен успехи вреднување на вистински квалитети и вредности.
МАРИЈА Како успешна жена, која е вашата порака до сите девојки и жени во Македонија?
ЈОЛАНДА Ќе звучи како клише и лесно е да се каже, ама бара работа за да се оствари. Запознај се себеси, биди искрена со себе и самокритична зашто само така можеш да научиш нешто ново и да напредуваш. Потруди се сопствените недостатоци да ги видиш во друго светло и да ги искористиш во други насоки. Биди храбра и упорна, биди нежна и ранлива. Ќе се качуваш и ќе паѓаш, ок е, се ќе помине. Биди своја и нека светот биде поубаво место поради тебе.
Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска
За гостинката
Зборувајќи за своите дизајни, Јоланда Попоска вели – „Сакам накитот да биде уникатен и да истакнува нечија убавина и личност т.е. ти да го носиш накитот, а не тој тебе.“