ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА
ЉУПКА МИЛАДИНОВА
Добредојдовте во уште едно издание на радио поткастот на Weradio, поткаст на Националната платформа за женско претприемништво. И оваа епизода ќе чуете уште една инспиративна приказна на наша успешна македонка. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна гостинка е Љупка Миладинова. Таа и нејзината сестра моментално ја предводат семејната текстилна компанија „Албатрос“, основана од нивните родители. Освен економските и политички услови, за успешен бизнис, вели Миладинова, неопходно е внимателно да ги бирате деловните партнери и да делите исти вредности. Според неа, финансискиот резултат е моментален и променлив, а успехот е белегот што сте го оставиле на средината во која делувате.
МАРИЈА Речиси десет години, од кои три како генерален директор, работите во семејната компанија „Албатрос“ од Штип, еден од водечките производители на кошули во Европа основана во 1999 та година. Што ве мотивираше и инспирираше на застанете на чело на оваа семејна текстилна компанија?
ЉУПКА „Албатрос“ почна да се гради како компанија и бренд од мојата најмала возраст. Растејќи во семејство на храбри претприемачи имав можност да ги запознаам сите видици на професијата и отсекогаш имав мотивација да работам и создавам. Но, вистинската мотивација за продолжување на фамилијарниот бизнис ја добив кога бев на постдипломски студии во Лондон. Самиот систем на школување, многу разговори со луѓе од бизнис секторот, многу истражувања, ми ја кренаа самодовербата дека можам да си поставам големи предизвици и цели и тоа на глобално ниво.
МАРИЈА Вашата компанија извезува над половина милион кошули годишно во повеќе од дваесетина европски и прекуокенаски земји. Како течеше процесот на создавање на бренд кој е наш, а светски? И која е тајната на повеќе од две децении успешен семеен бизнис ?
ЉУПКА Нашата фабрика како бренд и нашиот производ како бренд почнаа да се создаваат од 2000-та година со голема посветеност. Нашата фабрика исклучително успешно работи од самиот почеток, а после 10 години градење на идејата за сопствен производ почна да се реализира и тоа. За квалитетен производ не може да има компромис, па затоа мора да созрее процесот на истражување на пазарите, потребите и убаво да се слушне купувачот што сака да добие. Нема тајна за успешен семеен бизнис, ниту има прирачник или литература која може да се следи за успех. Најчесто успехот е емпириски, особено во променливи економски и политички услови. Но, сепак, мислам дека најважен момент е непрекинато да вложувате во вашите компетенции, да учите од други компетентни луѓе и комапнии во вашата област. Истовремено, внимателно да ги бирате вашиме деловни партнери во ланецот, да делите исти вредности кои ќе помогнат вашата компанија да расте. Финансискиот резултат е моментален и променлив, успехот е нешто повеќе, успехот е белегот што сте го оставиле на средината во која делувате, на вработените, на купувачите.
МАРИЈА Семејниот бизнис го продолжувате заедно со вашата сестра. Со какви предизвици се соочувате како жени во бизнис светот ?
ЉУПКА Можам да кажам со сигурност дека многу полесно отколку жените во бизнис светот пред 20 години, а претпоставувам потешко од жените во бизнис светот после 20 години. Ние две сме сопруги, мајки, претприемачки, а со тоа и придонесуваме за вредностите во општеството. Сметам дека е особено важност да се свесни жените за своите квалитети во бизнис светот, пред се борбеност и емпатија, бидејќи најголем предизвик е да се има слободата да се дефинирате себеси, жените се најчесто во некоја ,,сенка” или поточно нечија сенка, на личен или деловен план. Но, затоа, постојано ќе се надградуваме и како созреваме ги учиме сопствените вредности и верувања и учиме да ги остваруваме не туѓите, туку нашите очекувања.
МАРИЈА Само што почна заздравувањето од кризата предизвикана од корона пандемијата, повторно сме во екот на нова енергетска и економска криза. На кој начин се справувате со проблемите предизвикани од овие кризи и кои мерки според вас треба дополнително да се преземат?
ЉУПКА Без разлика дали владеат позитивни или негативни услови, секогаш мора да се бараат можностите за напредок. Секоја криза има ограничувања, но не седиме и не чекаме да поминат, туку бараме друг пат. Кога се работи во индустриски сектор, секогаш мора да се работи на подобрување на технолошките процеси, иновации, вложување во нови технологии, автоматизација. Еден наш пример е ние уште во 2018 година почнавме со изградба на нашата фотоволтаична централа, со која од 2020 добивме голема независност во користењето на електрична енергија, а веќе во оваа голема енергетска криза имавме и голема предност да не не допре. Сите економски мерки се корисни, но не се клучни за опстанок на една компанија. Да бидеме реални, секој зависи најмногу од самиот себе.
МАРИЈА Состојбата со правата на жените работнички во текстилната индустрија во Македонија многупати досега беше предмет на јавна расправа. Дали и каде во овој контекст се бележи напредок, а каде се потребни промени?
ЉУПКА Во Македонија никогаш немало високо ниво на родова, етничка или верска дискриминација, барем не во нашата индустрија. Мое мислење е дека правата на работниците во нашата земја се исти во повеќето сектори, меѓутоа има голем напредок во нашата држава, промени има во секој сегмент започнато и мислам дека солидно се следи напредокот. Особено ми е драго што нашата компанија отсекогаш имало натпросечно квалитетни услови за работа, како физички, така и социјални, споредбено со повеќето сектори во државата, не само во индустриските сектори. Тоа е многу важно за нашите купувачи, и за нашата конкурентска предност. Ние во секој момент имаме 3 валидни интернационални стандарди и сертификати според ИЛО (International Labour Organisation), чии податоци се достапни на онлајн платформи со детали за нашата фабрика и услови на работење и секако, следење на прогресот на компанијата од година во година. Овие стандарди строго се регулирани и се проверуваат од страна на странски ревизорски компании за социјални стандарди на секои 1 до 2 години.
МАРИЈА Во Македонија се чини има и се повеќе жени кои смело зачекорувааат во сфери кои до неодамна неправедно беа класифицирани како машки, меѓу нив е секако и бизнис светот. Како ја оценувате моменталната состојба со женското претприемништво во Македонија и на кој начин треба и може да се унапредува состојбата на жените претприемачки кај нас, но и да се мотивираат и охрабрат останатите да гиреализираат бизнис амбициите кои можеби ги имаат?
ЉУПКА Кај нас женското претприемништво е во голем подем во последните 10 години. Важно е да се спомне дека многу жени почнуваат некој тип на бизнис, понекогаш како основна, но и како дополнителна работа, и тоа е за голема пофалба. Се повеќе среќаваме жени со сопствени производства на храна, разни изработки на предмети и слично и треба свесно да ги поддржуваме купувајќи ги нивните производи. Е сега некои од тие бизниси ќе пораснат во обем, некои ќе останат како што се, но тоа треба да е личен избор на претприемачот и тоа е сосема во ред. Понекогаш да се негува еден мал бизнис е доволен за среќа и задоволство на една претприемачка, секој треба да си изгради свои очекувања и да си ги исполнува и негува. Инаку, во моментот во нашата земја има навистина многу програми за поддршка на женското претприемништво, и едукативни и финансиски, што е супер и се достапни јавно. Една добра работа е комуникација на жените меѓу себе за поддршка и споделување на совети за охрабрување на жените да движат напред во бизнис светот.
МАРИЈА Каква е состојбата со женското претприемништво во источна Македонија каде што се наоѓа и вашата комапнија ? И што треба да се преземе за стимулирање на жените од помалите средини надвор од главниот град некоја своја вештина или креативност да ја претворат во заработувачка ?
ЉУПКА Како што споменав и претходно има голем подем на женското претприемништво, тоа е така особено во малите градови. За време на пандемијата забележително беше напуштањето на работните места особено од жени кои требаше да се грижат за некој член на семејството. Многу од тие жени не се вратија на работа во секторите каде претходно работеле, но исто така дел во меѓу време започнаа да заработуваат од сопствени вештини. Затоа е добро да се унапредуваат своите компетенции и да се создаваат нови, никој не може да ни ги земе вештините кои сме ги усовршиле што и да се случи. Стимулацијата на жените да заработуваат од своите вештини зависи и од еволуцијата на едно општество и менталитетот во него. Како се менува средината во која живееме така расте храброста на луѓето за раст и развој.
МАРИЈА Националната платформа за женско претприемништво, меѓудругото, ги опфаќа активните женски претприемачки од Македонија и го поттикува развојот на женското претприемништво. Какво е значењето од вмрежувањето во вакви женски иницијативи за жените кои веќе имаат свои бизниси, но и за оние што сакаат да имаат ?
ЉУПКА Вмрежувањето е клучно во секоја фаза на развој на еден бизнис. Секоја комуникација е полезна во моментот или ќе биде во некое идно време. Со вмрежувањето ги запознаваме вашите бизнис партнери, преку вмрежувањето се едуцираме за новини, се охрабруваме за понатамошни чекори и се освежуваме со нови идеи. Особено кај жените, потребите и чувствата на жените се различни и релациите со останати жени претприемачи не храни со позитивна енергија за прогрес. Едноставно, во бизнис светот не можете да функционарате и да се развивате без постојана комуникација
МАРИЈА Какви се вашите идни планови?
ЉУПКА Искрено, моите идни планови се да останам верна на себе, бидејќи само задоволството од самите нас не прави среќни. Се надевам дека ќе продолжам да црпам инспирација од моите постапки и да бидам добар пример за моите деца.
МАРИЈА Како успешна жена, која е вашата порака до сите девојки и жени во Македонија ?
ЉУПКА Не се задоволувајте со она што е полесно, секогаш целта нека ви биде она што е подобро. И да знаете не е поврзано со вашата самодоверба, особено одете кон целта ако немате самодоверба. Луѓето имаат највисока самодоверба кога се во залезот на кариерата.
Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска
За гостинката
Зборувајќи за справувањето со изминатите и актуелни глобални кризи, Миладинова вели: – „Без разлика дали владеат позитивни или негативни услови, секогаш мора да се бараат можностите за напредок. Секоја криза има ограничувања, но не седиме и не чекаме да поминат, туку бараме друг пат. Да бидеме реални, секој зависи најмногу од самиот себе“.