Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

РАДМИЛА РИЗОВА

Добредојдовте во уште една епизода на радио поткастот на Weradiо на Националната платформа за женско претприемништво. И оваа епизода ви подготвивме интересна и инспиративна животна и професионална приказна на уште една успешна жена од Македонија. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна гостинка е Радмила Ризова. Таа веќе 13 години успешно го предводи своето друштво за странски јазици и преводи „Интеркултура“ , надминувајќи ги современите предизвици и кризи, прилагодувајќи се на новата реалност. Зборувајќи за жените претприемачки, Ризова вели: „Ние жените сме креативни, одлучни и храбри, но за да се постигне подобар резултат и да се оди напред потребна е голема поддршка, од семејството, блиските, опкружувањето и секако државата“.

МАРИЈА Вашата компанија е друштво за странски јазици и студио за преводи основано пред 13 години. Од каде дојде идеата и инспирацијата за почеток на проектот наречен „Интеркултура“?

РАДМИЛА „Интеркултура“ е проект што постоеше во моите замисли уште од средно училиште. Отсекогаш сум сакала да учам странски јазици, да патувам и да откривам нови култури. Додека студирав, за среќа, имав огромна поддршка од моите родители и имав можност преку најразлични студентски програми да патувам и да ги усовршувам јазиците што ги студирав, француски и шпански јазик, па така и пред да завршам факултет знаев дека ќе го работам она што го работам денес.  Штом завршив со студиите, ги следев програмите за самовработување, аплицирав и така одлучив да отворам центар за странски јазици и студио за преводи „Интеркултура“. Тоа се случи во 2010-та година и искрено се надевам дека уште долг период ќе бидеме присутни на овие полиња.

МАРИЈА Наспроти редовните уписи за редовни термини, „Интеркултура“ нуди една специфична можност за формирање на група од минимум петмина слушатели која може да почне со курсот во било кое време од годината и самостојно да ги бира термините и динамиката на часовите, како и онлајн изучување. За која од трите опции има најголем интерес? И за изучувањето на кој јазик?

РАДМИЛА Токму така. Дојдовме до оваа идеја да се оформи група од минимум петмина слушатели и да се започне било кој период од годината, бидејќи многу често добиваме повици и интерес откако ќе завршат редовните уписи за одредени странски јазици. Ова е исто така одлична можност за фирми чии вработени сакаат или имаат потреба за учење странски јазик, но не се многу флексибилни со време. Така, оваа опција нуди можност професор од нашиот центар да оди во просториите на фирмата чии вработени сакаат односно имаат потреба да учат странски јазик, па дури и ако вработените одат во смени ја нудиме можноста да се направи распоред според слободното време на слушателите и така да се одвива наставата. Навистина сме прилагодливи на тоа поле. Во однос на онлајн наставата, пред периодот на корона беше многу тешко односно речиси и да немавме онлајн настава, освен по некој индивидуален час за странци кои треба да дојдат во Македонија, па да се подготватдва до три месеци месеци пред да дојдат. Од короната па наваму имаме редовна онлајна настава и функционира одлично. Најмногу се изучуваат Англискиот и Германскиот јазик, но секако имаме групи и за Француски, Шпански, Шведски, Норвешки, Турски и Албански јазик.

МАРИЈА Меѓу јазиците за изучување е и Македонскиот јазик за странци. Од кои мотиви странците најчесто го научат нашиот мајчин јазик?

РАДМИЛА Мотивите се различни но најмногу затоа што одлучиле да живеат или работат во нашата земја па затоа и го учат Македонскиот јазик. Да може да се разберат со нашите сограѓани, да знаат да се снајдат во секојдневието и да добијат работна виза во Македонија.

МАРИЈА Какви видови на преводи нудите, на кои јазици и кој е според вас можеби најинтересниот проект за преводи на кој сте работеле?

РАДМИЛА „Интеркултура“ нуди писмени преводи, устен превод како и превод на аудио, видео и дигитални записи од Македонски кон речиси сите светски јазици и обратно. Исто така, нудиме преводи директно од Англиски кон повеќе странски јазици најчесто европските јазици како Германски, Француски, Шпански, Италијански, Турски и Руски јазик. Но, по барање на клиентот доколку има друга специфична јазична комбинација, можеме да понудиме превод од еден кон друг странски јазик. Покрај преведувањето, работиме и ревизија на превод. како и лектура. Секој проект и интересен само по себе и еден од друг се многу различни. Преведуваме најмногу во областа на правото, осигурувањето, туризмот, економијата, превод на видео игри и навистина не може да се оддели еден специфичен проект, бидејќи секој превод си има своја тежина и различен пристап во зависност од барањата на клинетот.

МАРИЈА Само што почна закрепнувањето од корона кризата, повторно се соочуваме со нови потреси предизвикани од енегетската и економска криза. Како ги надминувате овие предизвици?

РАДМИЛА Навистина е предизвик да се работи и живее во денешно време. Начинот на работа се промени доста по короната, особено во нашиот сектор. За среќа, ние не почуствувавме голема криза бидејќи тогаш се се насочи кон онлајн и работа од дома, па така имавме период на прилагодување и учење платформи кои добро функционираат за изучување странски јазици. Следуваше обука како за професорите така и за слушателите, да можат да продолжат со исто темпо и да не изгубат ништо од она што го вложиле. Постигнавме солидни резултати на ова поле и до ден денес исти групи си продолжуваат со редовна онлајн настава. Тоа е одлична можност за оние кои патуваат, кои се зафатени и не можат физички да присуствуваат на настава, се вклучуваат од било каде и ја следат наставата. Истото и на полето на преводи. Со писмените преводи немаше некоја промена, но со усните преводи исто така имаше период кога се беше онлајн, преводи на конференции,  онлајн семинари, состаноци и сл. Секако дека се соочувавме со потешкотии како временски зони, технички проблеми, снемување интернет или струја, но се се надминува и работата си се одвива вообичаено.

МАРИЈА Како ја оценувате моменталната состојба со женското претприемништво во Македонија и што треба да се преземе за подобрување на положбата на жените претприемачки? И што треба да се направи за охрабрување на потенцијалните претпремачки да зачекорат во бизнис светот?

РАДМИЛА Ние жените сме креативни, одлучни и храбри, но за да се постигне подобар резултат и да се оди напред потребна е голема поддршка. Поддршка од семејството, блиските, опкружувањето и секако државата. За да се зачекори во бизнис светот потребна е само одлучност и секако потоа истрајност. Познавам доста жени кои направиле одлука да започнат свој бизнис, но по неколку месеци едноставно се откажуваат затоа што, цитирам : „Не оди!“ или „Тешко е“. Точно, нема ништо лесно, патот до успехот секако дека е тежок и макотрпен, полн со предизвици, но потребно е трпение и истрајност и секако желба да се успее и да се напредува.

МАРИЈА Главна цел на Националната платформа за женско претприемништво е зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за креирање политики и застапување во областа на женското претприемништво на сите нивоа. Колку вмрежувањето во вакви женски иницијативи и платформи е значајно за жените претприемачки во Македонија?

РАДМИЛА Многу е важно, ако не и клучно за наш напредок и афирмација. Вмрежуваето во женски иницијативи и платформи нуди единствена можност за соработка, едукација, поддршка помеѓу жените претприемачи. Овие иницијативи се многу важни и за економското зајакнување на жените бидејќи  инвестирањето во жени е едно од најефикасните средства за зголемување на еднаквоста и промовирање на инклузивен и одржлив економски раст.

МАРИЈА Кои и какви се вашите планови и проекти за во иднина?

РАДМИЛА Имаме големи планови и проекти за во иднина кои се насочени кон онлајн наставата односно онлајн преводите. Започнати се и соработки со меѓународни компании и институции на кои се повеќе им се потребни преводи, од и кон повеќе странски јазици. Полека, но сигурно се пробиваме и на мепународниот пазар. Не е лесно, особено кога мајчиниот јазик на светско ниво малку е застапен и ретко се бара. Но, пред две години успеавме да добиеме и и два значајни сертификати, ISO 9001 што потврдува дека „Интеркултура“ има спроведено систем за управување во согласност со меѓународните стандарди, како и ISO 17100, кој е исто така меѓународен сертификат што ја покажува нашата професионалност во преведувачките и толкувачките услуги, онлајн преводи, писмен превод, превод на аудио, видео и дигитални записи, обука по странски јазици и консултантски услуги во областа на превод, па така продолжуваме да ги нудиме нашите услуги на овие полиња на светско ниво.

МАРИЈА Како успешна жена, која е вашата порака до сите девојки и жени во Македонија?

РАДМИЛА На сите жени и девојки во Македонија би сакала да им препорачам да си го остварат својот сон. Да бидат храбри и одлучни во она што сакаат да го работат, во она што го работат и да се пронајдат себе си. Секако, да не се откажуваат на првата, втората…десетата препрека, бидејќи секојдневно се сретнуваме со потешкотии и предизвици, а тоа да си го сфатат како дел од својот бизнис и секојдневие и да продолжат понатаму.

Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска

За гостинката

Зборувајќи за справувањето со кризните ситуации, Ризова вели: – За да се зачекори во бизнис светот потребна е само одлучност, а потоа истрајност. Познавам доста жени кои направиле одлука да започнат свој бизнис, но по неколку месеци едноставно се откажуваат затоа што (цитирам) „Не оди!“ или „Тешко е“. Точно, нема ништо лесно, патот до успехот секако дека е тежок и макотрпен, полн со предизвици, но потребно е трпение и истрајност и секако желба да се успее и да се напредува“.