ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА
ДУШАНКА СИЛЈАНОВСКА
ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО УШТЕ ЕДНО ИЗДАНИЕ НА РАДИО ПОТКАСТОТ НА WERADIO, ПОТКАСТ НА НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО. УШТЕ ЕДНА ПРИКАЗНА ЗА САМОСТОЈНА , КРЕАТВНА И ПРЕД СЕ СИЛНА ЖЕНА КОЈА УШТЕ ВО ДАЛЕЧНАТА 85 ГОДИНА ОТВОРИ СОПСТВЕН ФРИЗЕРСКИ САЛОН И УСПЕШНО ГО ВОДИ СВОЈОТ БИЗНИС ВРАБОТУВАЈЌИ НИЗ ГОДИНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ФРИЗЕРКИ. САЛОНОТ „ДУШКА“ ИМ Е ПОЗНАТ РЕЧИСИ НА СИТЕ СКОПЈАНКИ БИДЕЈЌИ ПОКРАЈ КВАЛИТЕТНИТЕ УСЛУГИ НЕ ЗАОСТАНУВА НИТУ ОДЕЊЕТО ВО ЧЕКОР СО ПОСЛЕДНИТЕ МОДНИ ТРЕНДОВИ. ВО НЕГО МОЖЕ ДА СЕ СРЕТНАТ КЛИЕНТИ ОД РАЗЛИЧНА ВОЗРАСНА ДОБА И ТОА ПОТВРДУВА КОЛКУ ЕМПАТИЈА СЕ ШИРИ ВО САЛОНОТ НА ДУШАНКА…
Г-ЃА ДУШАНКА КАКО СЕ СЛУЧИ ДА ОТВОРИТЕ ФРИЗЕРСКИ САЛОН ПРЕД РЕЧИСИ 4 ДЕКАДИ? КОЈ БЕШЕ МОТИВОТ?
Душанка: Kако се случи да отворам мој приватен фризерски салон? Работев како ученичка и почетен калфа во фризерскиот салон на „Хигиена“, државно претпријатие кое беше многу успешно и со многу успешни фризери ,мајстори. Таму бев скоро 6 години, меѓутоа брзо се затвори салонот, претпријатието пропадна, се затвори и останав без работа. Поаѓајќи од тоа дека многу ја сакам професијата решив да отворам мој приватен бизнис. Тоа беше многу тешко затоа што во тие времиња ретко беше да се отвора приватен бизнис, многу беа тешки дозволите за работа. Требаше да имаш најмалку десет години работен стаж за да дојдеш до диплома за да можеш да отвориш свој бизнис.
КАКО БИ ГО СПОРЕДИЛЕ ПЕРИОДОТ ПРЕД ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО И ПОСЛЕ ТОА?
Душанка: Со поддршка на мојата фамилија, моите родители и мојот сопруг решивме и отворив приватен салон. Со тоа што почна да работи многу успешно и самата таа мотивација за успешост и за креативност ја пренесов и на моите вработени. Така што почнав да го ширам бизнисот, почнав да вработувам кадар, со тоа што имаше доста работа и во времето беше многу тешко да дојдеш до сите тие работи. Требаше сам да се пробиваш, немаше услови за кредити, немаше можности така да сите услови , и кредити и поддршка ги добивав од фамилијата.
КАКО СЕ НОСИТЕ СО ПРЕДИЗВИЦИТЕ ОСОБЕНО ВО ВРЕМЕ НА ГОЛЕМА КОНКУРЕНЦИЈА?
Душанка: Како се носам со предизвиците, со конкуенцијата? Знаете конкуренцијата е добра работа. Ако немаш конкуренција нема да бидеш продуктивен. Едноставно желбата за да се докажеш дека и подобар од другите, мора да се мотивираш , мораш да работиш повеќе, мораш да внесуваш некои новитети, да внесуваш некои нови артикли во самата работа и затоа едноставно конкуренцијата е добра. Не се плашам од конкуренција затоа што секоја си има своја клиентела, секој може да направи круг на луѓе кои ќе бидат лојални на салонот и според тоа конкуренцијата е позитивна работа според мене...
СЕКОГАШ СТЕ ВО ЧЕКОР СО НОВИТЕ ТРЕНДОВИ КАКО УСПЕВАТЕ ВО ТОА?
Душанка: Секогаш се трудам да бидам во чекор со модата. Ги посетувам сите саеми, сите семинари, особено надвор од земјата во Италија, во Франција, во Германија, во ЈУ просторите, така што секој еден семинар е добредојден. Во времето кога бев активна преку Здружението на занаетчии организиравме многу семинари, многу ревии така што тоа ми придонесе плус уште еден поттик за да бидам уште попродуктивна и поиновативна.
ШТО СПОРЕД ВАС Е ПРЕДНОСТ, А ШТО ПОТЕШКОТИЈА ВО МЕНАЏИРАЊЕТО НА ФРИЗЕРСКИОТ САЛОН?
Душанка: Што е потешко за менаџирањето? Менаџирањето… треба да знаете како со вработените да се однесувате, како да ги мотивирате, како да ја активирате работата. Јас работам секогаш во тимска работа. Тимската работа за мене е многу поуспешна отколку да си сам. Кога си во тим тогаш ги мотивираш сите вработени. Сите имаат желба за да се докажат. Ја распоредуваш работата подеднакво на сите, успеваш да ги контролираш сите и едноставно самиот тој начин на работа доведува до успех. Во врска со менаџирањето многу ми било важно…Секогаш сум имала по три, четири, пет вработени. Не било едноставно, треба за тие вработени да мислите, на први треба да земат плата, треба да ги покриете сите придонеси, такашто активноста ми била голема и сум морала да мислам на се.
КАКВО Е ЗНАЧЕЊЕТО ОД ВМРЕЖУВАЊЕТО ВО ЖЕНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ, КАКО НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО КОЈА ИМА ЗА ЦЕЛ ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА КРЕИРАЊЕ ПОЛИТИКИ И ЗАСТАПУВАЊЕ ВО ОБЛАСТА НА ЖЕНСКОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВО, НА СИТЕ НИВОА НА СОРАБОТКА?
Душанка: Вмрежувањето сега на жените би го сметала дека е многу важно поаѓајќи од перспектива пред 20 години, како работеше здружението, како сме биле активни. Клубот на фризерите беше многу активен. Имавме секогаш гости од странство. Имавме нови семинари, нови иновации, изработка на нови фризури. Тогаш беа заинтересирани и младите и учениците. Имаше повеќе заинтересираност кај младите деца за да ги посетуваат фризерските салони. Тоа сега некако се изгуби, затоа што интересот им е опаднат. Многу малку се зближуваме со колегите, така што таа активност е намалена и едноставно секој си води сега сметка самиот за себе. Интересот е намален, а желбата кај младите е многу опадната.
КОЈА Е ВАШАТА ПОРАКА ДО ДРУГИТЕ ЖЕНИ?
Душанка: “Кога си во тим тогаш ги мотивираш сите вработени. Сите имаат желба за да се докажат…“
АВТОР ФИЉАНА КОКА
За гостинката
Прашана за тоа која е нејзината порака, како успешна жена, до сите девојки и жени во Македонија, Силјановска вели: „ Кога си во тим тогаш ги мотивираш сите вработени. Сите имаат желба за да се докажат…“