ТРАНСКРИПТ
Добар ден и добредојдовте во Радио подкастот за Женско претприемништво!
– Виолета јас би ја почнала оваа епизода со нешто што го издвоив од ваша колумна а тоа е вашиот став по однос на родовата еднаквост во кој велите дека: Се чини дека уште имаме работа на полето на еманципација и затоа не застануваме! Ќе се бориме, па макар тивко и полека, но верувам дека ќе дојде денот кога државите ќе обезбедат доволно механизми кои ќе и го олеснат патот на жената до врвот во кариерата во сите општествени сфери. Како би ја опишале положбата на жената во денешново наше општествено опкружување?
Денешново општество е некако сеуште доминантно машки свет и тоа во повеќе важни сегменти. Најпрво, на поле на политиката ,кај нас сеуште доминираат мажите во повисоките нивоа на одлучување. Типичен показател за тоа е и бројката на жени градоначалнички од последните локални избори. Во моментов имаме само 2 жени градоначалнички од вкупно 80, а на локалните избори во 2009 немаше ниту една жена. (2017 = 6, 2013=4). Поразително е што партиските лидери многу помалку доверба покажуваат кон жените кога станува збор на избор на кандидати за локални избори и минатите избори имавме само 25 жени кандидати од вкупно 301 кандидат. Иако демографската статистика покажува речиси еднаков сооднос на женска и машка популација, сепак кога е во прашање поделба на политиките улоги и функции, оваа статистика е занемарена.
Слична е состојбата и при поделба на министерски места. Знаеме дека е многу мал бројот на жени министри и директори или слични значајни институционални кадровски решенија. Повеќе од јасно е дека ваквата ситуација е алармантна и дека е потребен силен активизам за еднакви можности односно застапеност на жените во одлучувачките органи.
-“Слободата на жената, слободата на избор, мора да се почитува. Денес, мажите и жените се еднакви пред законите и имаат еднакви можности за сѐ. Сепак, во светот може да забележиме голема поларизација на тема „Жените и нивните права и слободи“. Ова се ваши зборови, за кои би сакала да поразговараме во однос на тоа дека многу години поминуваат а уште колку ли ќе поминат да се смени оваа поларизација т.е. да не постои?
Историски гледано, мажите доминирале во општеството особено во јавната сфера. Машката доминација ја имало во политиката, во одлучувачките процеси, во економијата…додека пак жените биле врзани генерално само со приватната сфера, домот, грижата за децата и семејството. 19 век е практично период на изразени борби на жените за нивните права и слободи и нивниот пробив во јавната сфера. Овде мислам на феминистичките движења кои се одвивале во 3 брана при што жените се избориле, меѓу другото, за право на глас и практично тогаш полека почнале да се пробиваат на политичката сцена.
Ситуацијата во однос на женските права и слободи денес, е значително подобрена. Но, подобрувањето е евидентно само во изменетите закони, донесени неколку декларации и конвенции, додека пак во секојдневното живеење сеуште има дискрепанца. Сеуште имаме средини во кои народната традиција ја става жената во потчинета положба. Сеуште имаме средини во кои менталната и општествената матрица имаат силни одлики на патријахалност.
Колку години ќе поминат? Искрено би сакала уште годинава да се случи промена, час поскоро, и да имаме општество во кое и жените и мажите ќе бидат перцепирани и прифатени како еднакви и ќе имаат олеснет пристап и влез во јавениот и приватниот живот. Општество во кое нема да мора да им се робуваме на старите патријахални сфаќања и во кое жената ќе има слободен и неограничен пристап до секое работно место, и да не биде спречена во развојот на својата кариера само затоа што е жена.
-Каков е вашиот став по однос на економската слобода на жените ? Дали сметате дека економската независност е првиот голем чекор кон слободата и еднаквоста на жените?
Тврдам дека е така! Економската зависност е всушност главната причина која ги ограничува жените во реализирање на своите желби, потенцијали и убедувања. И повторно се вртиме во истиот круг…за да стигнат до економска независност потребно е она што погоре го реков: права на образование, право на еднаков пристап до повисоко функции и работни места кои се подобро платени, промена на политичката и генерално општествената поставеност на државните системи.
-Вие сте гостинка во епизода од подкастот на верадиото на Националната платформа за женско претприемништво. Дали мислите дека постоењето на вакви проекти доведува до услови за промена на состојбата на жените во економската сфера? Што може, вака поставен да донесе како бенефит на жените претприемачи?
Веќе реков дека економскиот момент е многу значаен за жените. Активизмот на Националната платформа за женско претприемништво прави силни напори да ја акцентира важноста од поголемо учество на жените во економскиот сектор односно активизмот е во голема мера насочен кон подигање на свеста за потребата од креирање политики кои ќе бидат во служба на препознавање, поттикнување и развој на претприемачкиот потенцијал кај жените. Меѓутоа сето ова е би било многу поуспешно достигнато доколку постои и поголемо вмрежување на сите релевантни чинители во нашата држава кои ќе дадат свој значаен придонес и помош на проектите кои ги спроведува Националната платформа за женско претприемништво.
-Што треба на пошироко општествено ниво да се преземе како конкретни чекори за етаблирање на жените во бизнис секторот, според ваше видување? Дали со законски регулативи, дали со стратегија за развој секаков вид на вмрежувања, или?
Што се однесува до законите сметам дека барем во пишаните закони не постои дискриминација на жените во економијата. Затоа е потребен активизам во смисол на проекти, стратегии и иницијативи кои ќе ги охрабрат жените да излезат до домашната сфера, потребни се едукации и одредени субвенции кои ќе бидат во насока на олеснет пристап и развој на жените во економската сфера. Вмрежување на повеќе сектори и организации е секако потребна затоа што темата „жените и економијата“ е комплексна и зависи од повеќе фактори.
– За крај би сакала да Ве прашам за промените кои се случуваат во општеството, вие како активна во процесот на еманципација на жените на сите нивоа во Македонија. Што можеби треба да се смени за да бидат жените од најрана возраст поподготвени да се втурнат во предизвикот наречен економска независност и целосна слобода?
Промени евидентно се случуваат во последно време но сеуште не на тоа задоволително ниво на кое што можеби јас очекувам. И повторно проблемот го лоцирам во општествената перцепцијата и машката доминација. Познавам многу силни и жени , многу успешни компании и институции кои ги водат жени и кои се многу успешни ама кај нас сеуште за бизнисмени и газди ги гледаме мажите и сме некако изненадени кога ќе слушнеме дека некоја жена е успешен менаџер, директор, бизнисмен. Стереотипи се во прашање, но се надевам на позасилен активизам и поголемо учество и афирмација на жените во економијата штом помине пандемијата која многу лошо се одрази на сите нас и на сите полиња.
Ви благодарам на разговорот и уште еднаш д аповторам дека во оваа епизода наш соговорник беше Виолета Михајловска магистер по родови студии!
“.
За гостинката
Виолета Михајловска
“Слободното време што го имам особено си го сакам затоа што тогаш правам она што ме исполнува и радува. Дружењето со моите ќерки и со моите пријатели ми е на прво место. Секоја комуникација со нив, без разлика дали е пиење кафе, прошетка, долги телефонски разговори, одење на кино, театар, ми е како терапија која ме држи позитивна во текот на денот. Исто така се обидувам што почесто да вежбам во теретана затоа што тоа ми ја враќа физичката енергија и така верувам дека ете барем нешто добро правам за моето здравје. Многу често знам и буквално да заглавам во кујна и да готвам, а особено да експериментирам со тесто. Готвењето ме релаксирa- вели таа. Викендите пак се посебна приказна и исто како и кај повеќето жени неизбежно е средувањето по дома и другите домашни обврски, но време за дружење мора да се најде особено сега кога почнува убавото време – ги споделува своите приватни моменти со нас и слушателите на верадиото www.weradio.mk
https://www.facebook.com/violeta.mihajlovska.9
https://www.facebook.com/OpstinaKarpos