Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

ДАНИЕЛА КОЛЕВА

 

Добар ден и добредојдовте во новата епизода на радио поткастот на Националната платформа за женско претприемништво. И оваа епизода продолжуваме со претставување на секогаш инспиративните животни и професионални приказни на нашите успешни жени. Јас сум Марија Котовска, а наша гостинка во оваа епизода е Даниела Колева, пратеничка од Кавадарци во македонското Собрание од редовите на СДСМ. Членка е на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и на Клубот на пратенички, кој годинава на 8 ми март свечено одбележува 20 години од постоењето. Колева со задоволство констатира дека за разлика од првите собраниски состави во чии рамки имаше 3 до 4 жени, денеска сме еден од парламентите со најголем број на жени во составот и од вкупно 120 народни претставници, 50 се жени. Зборувајќи за родовото и семејно насилство врз жените, Колева вели – овие појави ќе се намалуваат со економско зајакнување на жените, бидејќи економски силна и моќна жена вообичаено не би трепела некаква форма на насилство.

МАРИЈА Пред да бидете избрана за пратеничка во македонското Собрание, вие бевте професор. Што ве мотивираше од полето на образованието да направите трансфер во политиката?

ДАНИЕЛА Мотивацијата секогаш ја наоѓам во амбицијата што ја имам во себе и сето тоа поттикнато од желбата да ги променам нештата кон подобро. Никогаш сум немала план да влезам во политика, но во текот на мојата кариера како наставник, а потоа и директор, постојано се надградував со обуки, работилници и учење странски јазици. Сметам дека тоа е една внатрешна сила и енергија што луѓето ја имаат и што знаат да ја препознаат, па ги бираат оние што можат да ги водат и да бидат на позиции. Така и јас бев избрана од луѓето како предлог кандидат за пратеник. А зошто прифатив?  Дефинитивно ми беше потребна голема храброст, но и желба за промена и навистина се пронајдов во мојата пратеничка работа.

МАРИЈА Дали фактот што сте жена во политиката, почесто ви помага или одмага ?

ДАНИЕЛА Повеќе ми помага тоа што како личност сум комуникативна, позитивна и ведра и знам да ги ислушам луѓето и многу сум упорна. А фактот што сум жена ни малку ми нема помогнато. Иако во нашето општество се донесени голем број на закони, стигмата дека жената треба да е дома и да ги завршува домашните обврски сеуште постои. Но, ние жените покажавме дека знаеме да воспоставиме еден одличен баланс меѓу приватниот и професионалниот живот и да бидеме успешни и на двете места, па и на трето, во рамки на политиката. Токму во таа насока е мојата и нашата заедничка борба на жените, да воспоставиме целосна родова еднаквост во општеството, за тоа што некој е од женски род понатаму да не биде никаква пречка или повод за сомневање во нечија стручност или професионалност. Дотолку повеќе, фактот што си жена ти носи придобивки, затоа што ние жените поседуваме знаење и вештини кои ги немаат мажите, ние сме посензитивни и потемелни и согласно сите истражувања секако дека може само да го подобриме општеството. Треба на секоја жена само да и се даде шанса и да биде охрабрена.

МАРИЈА Во македонското Собрание во моментов има неколку механизми или тела посветени на родовата еднаквост, како на пример Комисијата за еднакви можности на мажите и жените и неформалното тело Клуб на пратенички. Што е она што е моментално во фокусот на овие тела и какви позначајни иницијативи може да очекуваме во блиска иднина ?

ДАНИЕЛА Токму така. Јас сум член и на Комисијата за еднакви можности и на Клубот на пратенички. Од почетокот на мојот мандат имаме донесено поголем број закони во рамки родовата рамноправност, Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Законот за зашитита и спречување од дискриминација и многу важната Стратегија за родова рамноправност. Во фаза на изработка е и Законот за родова еднаквост, кој што предвидува и Секретаријат за родова еднаквост кој што ќе работи на афирмативни мерки и ефикасно спроведување на мерките и политиките на родовата еднаквост.

МАРИЈА Какви се вашите планови и желби за во иднина? Би сакале да останете во политиката, да се вратите во образованието или можеби останувате отворени за некоја сосема поинаква опција ?

ДАНИЕЛА Со сигурност можам да кажам дека тоа што сум пратеник е едно одлично искуство за мене. Мислам дека можам уште многу да направам и да допринесам во однос на креирање на политики за подобро општество и посигурна иднина на нашите граѓани. Заради мојот ентузијазам и темперамент би останала уште во политиката, но во одреден момент би сакала нов предизвик.

МАРИЈА Во Македонија во последнов период се чини зачестуваат родово базираните инциденти кои неретко завршуваат со тешки телесни повреди и убиства односно фемициди. На што според вас се должи порастот на овие девијантни појави насочени против жените и што треба да се преземе за спречување односно намалување на бројот на истите?

ДАНИЕЛА Насилството врз жените е еден сериозен проблем на кој што треба заеднички да работиме и да имаме сериозен пристап. Жените жртви треба најпрвин да се охрабрат и да се  едуцираат да препознаат, но и да пријават и да побараат институционална помош. Најчесто не се пријавува зарадио економска, социјална или друг тип на зависност. Со економско зајакнување на жената и унапредување на родовата рамноправност, ќе се намалува и насилството над жените. Економски силна и моќна жена не трпи никаков тип на насилство, ниту физичко, ниту психичко, ниту економско и тука ќе го најдеме решението на проблемот.

МАРИЈА Апсолутно и токму во тој контекст е и моето следно прашање.  Жените во македонското општество се повеќе и повеќе се охрабруваат и зачекоруваат на патот на претприемништвото. Што е она што може и треба да се направи за унапредување на женското претприемништво кај нас ?

ДАНИЕЛА Ова е многу интересна тема. Се радувам затоа што женското претприемништво е во континуиран подем, што е јасно видливо и жените треба да се поддржат на секој можен начин. Потребни се што е можно повеќе мерки што и даваат предност на жената, како мерката „рурална жена“ која што во моментов се реализира, мерка „креирање сопствен бизнис“, отварање што повеќе детски градинки, давање финансиска помош во делот на претприемништвото, поддршка на оние жени кои веќе се оствариле во бизнисот и здружување на жените. Тоа ќе овозможи да се зголеми бројот на жените претприемачки кои ќе чекорат рамо до рамо со мажите.

МАРИЈА Вие сте пратеничка од Кавадарци. Каква е таму состојбата со женското претприемништво и на кој начин девојките и жените од помалите средини надвор од главниот град треба да се стимулираат и  охрабруваат да почнат свој бизнис и да најдат начин да ја уновчат својата кретивност ?

ДАНИЕЛА Движењата на жените и нивното организирање последните неколку години овозможија жените и во помалите места да се запознаат и да се ангажираат за свои бизниси и реализирање на своите желби и идеи. Важна и нашата улога како пратенички, да ги запознаваме и да ги споделуваме мерките и да им дадеме поддршка за да успеат. Информацијата и поддршката дадени навремено се клучни за успехот на жената.

МАРИЈА Какво е значењето од вмрежувањето во женски инцијативи како Националната платформа за женско претприемништво за сите девојки и жени во македонија кои имаат бизнис амбиции ?

ДАНИЕЛА Вмрежувањето во женски иницијативи е од голема важност и е клучно за унапредување на женското претприемништво. Националната платформа за женско претпримеништво е еден голем исчекор и скалило плус за секоја жена претприемач.

Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска

За гостинката

Прашана што би им порачала на сите девојки и жени во Македонија, Колева вели – „Да бидат силни, храбри, но пред се гласни, бидејќи само така може да бидат слушнати во општеството. Да знаат дека само ако активно се вклучат во општеството, ќе можат да го менуваат на подобро. Да бидат постојано свесни дека моќта е во нив, само треба да се охрабрат и да ја грабнат својата шанса.“ Колева завршува со цитат од Медлин Олбрајт  „Ми беше потребно време да го кренам својот глас, сега кога го имам никогаш повеќе нема да молчам“.