Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

ИВАНА ЃОРГИЕВСКА

Добредојдовте во уште едно издание на радио поткастот на Weradio, поткаст на Националната платформа за женско претприемништво. И оваа епизода за вас подготвивме нова инспиративна приказна на уште една успешна и креативна Македонка. Јас сум Марија Котовска, а моја денешна гостинка е Ивана Ѓоргиевска, актуелен Претседател на Советот на Општина Куманово. Една стара македонска изрека вели „Кого го бива, за се го бива“, а нашата денешна соговорничка е вистински пример за тоа. Книжевност, новинарство, образование и претпремништво се само дел од сферите низ кои Ѓоргиевска успешно има минато во рамките на своето професионално патување. На овие периоди и денеска со задоволство се присетува и вели: – „Како помошник директор често знаев и  да чистам по училштето за да дадам пример дека од работата никој не треба да се срами, особено учениците. Како сопственик на бизнис работев потешки работи од вработените, мора да се даде пример за да те следат или да се посрамат. “

МАРИЈА Професор по книжевност и Македонски јазик, дописник од Куманово, сопственика на приватен бизнис, Претседател на Советот на Општина Куманово. Ова е само дел од вашата навистина богата биографија. Што ве мотивираше од полето на книжевноста, а потоа и новинарството, да тргнете и во правец на претприемништвото, а потоа и во политиката?

ИВАНА Ви благодарам на поканата за интервјуто и се надевам дека ќе изнесам некои свои, за вас и вашите слушатели интересни видувања на нештата. Човек сум што не се плаши од предизвици. Така е сосема различни области на работа и делување и од секоја од овие работи собираш многу искуство, знаење кое неприметно, но се вградува во тебе. Книжевноста ја засакав поради моите наставници, тоа се пример за наставници кои ја будат љубовта кон предметот поради начинот на кој предаваат, на кој се однесуваат, комуницираат со учениците и како секој млад човек се поистоветив со нив. Во мое време беше популарно да бидеш наставник, особено за женско, но додека чекав работа ми се овозможи прилика да бидам и дописник за „Канал 77“ од Куманово, па ги запознав институциите, проблемите на општината уште од млада возраст. Во меѓувреме влегов и во странски фирми, го совладав англиксиот јазик, ги подобрив компјутерските вештини, запознав друг систем кој е многу поразличен од нашиот, во кој се вреднува секој час и во кој сработеното има вредност и цена. Капиталот кој го спечалив го вложив во трговска фирма. Бизнисот, иако беше партнерски, беше успешен и многу заразен. Кога работиш во приватен сектор имаш чувство дека си постојано во трка со другите, но и во континуиран натпревар со самиот себе си, да внесеш што поголема иновација и да бидеш што поконкурентен и сега од оваа перспектива можам да кажам дека не е се во профитот, туку во самодокажувањето.

Дури кога се остварив како мајка, влегов во водите на образованието. Убаво е чувството да предаваш, советуваш, да влијаеш на животот на младите. Работев осум години и шест месеци во подрачно селско училиште и се поврзав и со учениците и со родителите и со целото село Орашац и многу ми беше тешка одлуката да станам библиотекар во централно училиште. На почеток навидум здодевна работа, но потоа почнавме со проекти и со поголем број вонанставни активности. Секогаш бев опкружена со креативни наставници и со талентирани, љубопитни и вредни ученици. Освен класичната библиотекарска работа, помагав и во имплементација на проекти со други училишта, со невладин сектор, но и со инфраструктурни проекти. Бев помошник директор на О. У. „Кочо Рацин“, најголемото основно училиште во Куманово и положив директорски испит со намера да ја заменам директорката коа беше пред пензија. Оваа позиција ми овозможи почести контакти со Секторот за образование, со Општината и со Градоначалникот Максим Димитриевски. Како интелектуалец и граѓанин на Куманово, во него препознав политичар кој не само што зборува и ветува, туку  работи и испорачува. И му верував бидејќи не правеше разлика меѓу граѓаните, не беше партиски градоначалник. Очигледно дека и тој препознал вистински човек во мене и ме покани да бидам носител на негова советничка листа, независна, граѓанска, неполитичка. Така влегов во политиката, која ми беше апсолутна непознаница, но како претседател на Совет на најголемата општина во Македонија, сфатив дека треба само да ги слушаш и да не се одалечуваш од граѓаните и колку можеш да помагаш секому.

МАРИЈА Која од сите овие работи ви е можеби најдрага, а во рамките на која се соочувавте со најмногу предизвици?

ИВАНА Во секоја работа, ако човек си постави висока цел, има голем предизвик. Јас искрено во секоја работа кога ќе влезам го давам својот максимум. Таква бев и како наставник и како помошник директор и како сопственик на бизнис, таква сум и како Претседател на Совет. Честопати ја сработувам и туѓата работа, па несакајќи влегувам и во ингеренции кои не се мои. Но, тоа е до карактерот на човекот. Како помошник директор често знаев и да чистам по училштето за да дадам пример дека од работата не треба никој да се срами, особено учениците. Како сопственик работев потешки работи од вработените, мора да се даде пример за да те следат или да се посрамат. Сега како претседател на Совет на општина Куманово гледам да сум присутна и достапна за сите. Тоа е голем предизвик, исцрпува, секој кој има проблем сака да го сподели. Секој кој организира настан, го бара твоето внимание и секако го заслужува. Најголем предизвик е да бидеш секаде и со секого, да сослушаш и да предложиш решение, да бидеш политичар кој искрено ќе каже – „Ова може, ова не може.“ и покрај тоа што сите сакаат да слушнат само позитивен одговор.  Најголем предизвик како Претседател е да бидам отворена и фер спрема советниците, да бидат испочитувани, искоординирани, информирани за се. Најголем предизвик е Советот да функционира без разлика на позиција или опозиција, во корист на Општината и граѓаните.

МАРИЈА Кој ваш професионален успех го сметате за најдраг или најзначаен?

ИВАНА Во областа на образованието најголем успех е поддршката која ја имав од мојот колектив да станам директор на училиштето. Тоа е сериозно добар колектив со квалитетни наставици, ученици и родители и ми претставуваше големо задоволство да станам директор, иако сонот не ми се оствари поради вклучувањето во политиката. Но, признанието дека си посакуван како директор му годи на секој човек, тоа значи дека знаеш да менџираш и дека меѓучовечите односи ти се приоритет.

Втор значаен успех го сметам поставувањето за Претседател на Совет од страна на мнозинството. Мислам дека сум прифатена од страна на сите советнички групи токму поради соработката со сите. После година и половина во политика, задоволна сум од самата себе си и од својот личен напредок во запознавањето со сите области на функционирање на Општината и Советот. Многу работи научив и мислам дека дадов свој придонес.

МАРИЈА Како експерт во повеќе области, да поразговараме поединечно за секоја од нив. Како ја оценувате моменталната состојба со образовниот систем кај нас, каде бележиме напредок, а каде уназадување?

ИВАНА Генерално, квалитетот на образоравието опаѓа. Постојано се прават реформи, да не кажам експерименти, а децата ни се по неедуцирани. Затоа што во основното не се учи основата, материјалот е несоодветен и преобемен за возраста. Пресликуваме туѓи модели, а немаме услови за таква настава. Правиме реформа во основно образование, ама не во средно, нема континуитет во изучување на материјалот. Рибата секоаш мириса од главата, прво треба да се реформира високото образование, тоа да се прилагоди и да исфрла кадри потребни за современото време, односно да го следи пазарот на трудот. Од септември имаме целосна инклузија на учениците со попреченост во образованието, наставниците не се подготвени, а што е најстрашно ни на факултетите не се подготвуваа идните наставници како да образуваат ученици со попреченост. Некој земал добри пари за проект и мора да се спроведе, иако сите сме свесни дека образованието не ни е подготвено и никој не не прашува за нашиот став.

Учениците се преоптоварени од обемните програми, учат површно само за оценка и ги злоупотребуваат ИТ сретствата, кои би требало да се дополнителен извор за информации покрај наставникот и учебникот. Учебниците се неквалитетни, нелекторирани, со содржински грешки, што е недозволиво. Значи нема контрола, всушност контролираат неквалитетни кадри.

МАРИЈА Неодамна го одбележавме и денот на нашиот мајчин Македонски јазик. Дали доволно се прави за негување и зачувување на оваа наша најголема духовна вредност ?

ИВАНА Не, нашиот Македонски стандарен јазик вистински го употребуваат само поединци и тоа најчесто наставници по тој предмет, но речиси во сите други институции, а посебно во медиумите, не се употребува правилно. Ученици од пониските одделенија меѓу себе зборуваат на Англиски јазик. Поразително. Родителите ги храбрат децата и дома да зборуваат и читаат на Англиски јазик, а да не зборуваме за видеоигрите. Учениците дури велат дека им биле поубави книгите на тој јазик, отколку на Македонскиот, а од друга страна не знаат да набројат имиња на наши автори, ни наслови и на книги кои се далеку поквалитетни од тоа што го читаат.

Приказната со медиумите е посебна, тргнувајќи од фактот дека ретко каде има вработен лектор, а она што го има на интернет, изгледа никој не го контролира.

Преку Сектор за култура, преку Сектор за образование, преку Фондација за култура и спорт на ниво на Куманово се обидуваме чувството за припадност да го вкорениме од најрана возраст со манифестации посветени на мајчиниот јазик. Но, не сум задоволна од грижата на Македонскиот јазик на државно ниво, универзитетските професори и стручните лица за Македонски јазик само опоменуваат што значи да се негува и цени јазикот, но ништо не преземаат, нема стратегија за заштита и негување.

На Катедрата по Македонски јазик порано се „тепаа“ кој да влезе како редовен студент, сега молат за студент плус. Постојано очите ни се свртени кон туѓото, како нашето да не вреди, потценето е, а мајчиниот јазик е основен белег на една нација по кој се порепознава и разликува од другите. Познавање на странски јазици е големо богатство, но без свој јазик си без свој идентитет, дрво без корен и колку се цениш сам, толку те ценат другите. Јас како Претседател на Совет и пред странските делегации секогаш зборувам на Македонски јазик и инсистирам да има превод на мојот јазик.

МАРИЈА Да преминеме на политиката. Како ја коментирате моменталната политичка состојба во Македонија, како на централно, така и на локално ниво?

ИВАНА Катастрофална, никогаш не било полошо и што е најстрашно секогаш кога мислиме дека сме го стигнале дното, излегува дека имало и полошо. На пример, за време на владеењето на ВМРО и ДУИ се жалевме дека ја заробиле државата, после бомбите и судските процеси околу нив, излезе дека и единствената надеж во судството е корумпирана и под политичко влијание. За време на владеањето на  ДУИ и СДСМ прво настапи тотално разочарување во судството, потоа Ковид кризата, па енергетската криза, па економската криза, па отвореното прашање со Бугарија. Покажаа дека во државата системот не работи и непрофесионалци  играат  министри! Ние сме држава во која нема една здрава стратегија или план за било што. Ниту во земјоделие, ниту туризам, ниту енергетика, ниту здравство, ниту образование. Како муви без глава, дејствуваме стихијно, не си ги штитиме државните интереси, даваме преднос на странските бизниси, а нашите стопанственици секогаш се на удар. Земјоделска земја сме, а доматите беа 140 денари. Грав нема по маркетите. Катастрофа, не можеме ниту сами себе да се прехраниме, а имаме толку големо природно богатство и од сонце и од вода и од полиња, ама нема кој да менаџира. Едноставно не си веруваме себе си, постојано бараме помош од Европа, Америка, а не го испорачуваме ветеното.

МАРИЈА Како ја оценувате состојбата со женското претприемништво во Македонија? И што треба да се преземе за подобрување на положбата на жените претприемачки, но и стимулација на потенцијалните?

ИВАНА Женското претприемништво игра важна улога во развојот на економијата во нашата држава. Жената освен што има потреба да биде економски независна, таа мора и да придинесува за економското зајакнување на семејството во состојба кога финасиите од партнерот и сопругот се недоволни. Сепак, овој потенцијал нема да се искористи во целост сè додека не се креира соодветна бизнис клима. Моменталната ситуација во економијата бележи пад, особено после КОВИД и енергергетската криза во земјата. За развој на претприемништво, а посебно женско претприемништво, потребно е да се создадат услови како што се: формирање на бизнис-мрежи на сорабoтка, полесен пристап до информации, креирање на мерки за брзо и ефикасно зајакнување на компаниите, услови за следење на современите текови, пристап до поголеми пазари, односно  услови за модерно управување со бизнисите за да можат жените претприемачки да го фатат чекорот во ова динамично и современо општество. За развој на женското претприемништво потребно е поголема поддршка од државата со различен тип на субвенции како: мотивација, едукација, набавка на современи опрема и технологија и други мерки во кои како приоритет ќе бидат ставени жените. Голем придонес за женско претприемништво дава Национална платформа за женско претприемништво, детектирани се сите недостатоци и се работи на нивно отстранување.

МАРИЈА Каква е состојбата со женското претприемништво во вашиот регион?

ИВАНА Општина Куманово со својата големина, географска положба и култура нуди многу можности за развој на претприемништво. Слободно можеме да кажеме дека во Куманово постојат жени кои со години наназад успешно менаџираат големи компании,  но и жени кои во последниве неколку години со нивните нови бизниси во делот на медицината, занаетчиството и иновативноста станаа препознатливи менаџери во градот. Во општината покрај застапеноста на жената како претприемач, постојат можности кои треба да се искористат. Ова се однесува на жените од руралните средини кои имаат потенцијал за развој на претпреимништво и тоа во делот на туризам преку изработка на сувенири, прехранбени производи, органска козметика и билкарство. Последнава декада со развој на комјутерска технологија, голем број на млади работат преку интернет за домашни и меѓународни компании. Голем број на жени и девојки работат од дома, па во иднина можеби треба да се размислува во насока за моитивирање на жените за е – бизнис.

МАРИЈА Какво е значењето од вмрежувањето во женски инциијативи како Националната платформа за женско претприемништво, која ги претставува интересите на жените претприемачи на сите нивоа, за жените кои веќе имаат свој бизнис, но и за оние кои сеуште не ги реализирале своите бизнис амбиции?

ИВАНА Национална платформа на женско претприемништво прво е претставувана од многу влијателни и силни жени, потоа е добро организирана по реони, скоро со секоја општина се потпишани документи со обврзувачки каратер и нудат многу обуки и вмрежување. Даваат информацијата која е важна и преку обуки знаење кое е уште поважно, ги  охрабруваат и подготвуваат жените. Идејата сепак треба да произлезе од самата жена, кои се нејзините афинитети и  во што е најдобра. Во оваа брзо време на живеење да појдеме од наједноставните работи, секој треба да јаде, а нема време да зготви. Нашите жени се прекрасни готвачки. Имам пример во Куманово за жена што потикната од Националната платформа, започна свој бизнис. Земјоделска земја сме, ама овошјето ни скапува, зошто да не правиме наши македонски производи? Креативни сме, зошто да не продаваме креативност? Зошто жените да не се вмрежат, па заедно да излезат со ракотворби на пазарот на трудот?  Доколку се чувствува жената способна, има сувенции за почетнички фирми, за самовработување, сите тие ресурси треба да се искористат, а ќе се искористат доколку жените се информирани и охрабрени.

МАРИЈА Какви се вашите идни планови ?

ИВАНА Од искуство ќе си кажам, кога многу планирам, ништо не излегува според планот. Отворена сум како личност, сакам да се работи и да се видливи успесите. Во Општина Куманово има многу простор за работа на секое поле. Граѓаните очекуваат многу од нас и како дел од  тимот на Максим Димитриевски и како претседател на Совет и како член на здружението „За Наше Куманово“ тука сум за граѓаните за секоја идеја, иницијатива, за решавање на секој проблем, но искрено се радувам и на секој успех на моите кумановчани. Очекувам здружението да прерасне во политички субјект, трета опција која ќе излезе со реална програма, со докажани личности и која ќе даде надеж на граѓаните дека се уште постојат одговорни и реални  политичари кои нема да ги гледат теснопартиските или личните интереси туку националните и кои особено ќе придонесат во економијата.

Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска

За гостинката

Прашана за тоа која е нејзината порака како успешна жена, до сите девојки и жени во Македонија, Ѓоргиевска вели – „Верувајте во самите себе си, пробувајте во повеќе области. Некогаш неформалното образование е пресудно за вашиот успех. Не плашете се, се се учи доколку се има желба.Жените се интуитивни, посветени, одговорни. Само храбро, вложувајте во себе, секоја обука и контакт е важен. Не срамете се да прашате, комуникацијата нека ви е секојдневие. Не очајувајте при првиот неуспех, не радувајте се премногу и на првиот успех, секогаш може подобро и повеќе. Македонија е наша единстена држава, резервна немаме. Како жени и мајки треба да си ги научиме децата да си ја сакаат и ценат државата, да се вложуваат и да дават на државата, а не постојано да бараат од неа. Ние, граѓаните на Македонија, сме држава каква ќе си ја направиме, таква и ќе ни биде. Од нас се зависи.“