Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ

Добредојдовте во оваа епизода од поткастот за Женско претприемништво!

Ве поканувам да останете со нас и да ја слушнете денешната епизода од Подкастот на нашето единствено верадио.мк во која наша гостинка е Сања Лукаревска, директор на Управата за јавни приходи.

Добар ден  Сања и добредојдовте во Радио подкастот за Женско претприемништво!

 

ТАТЈАНА- Јас би го почнала разговоров, со она што моментално го работите , функција која и не е воопшто едноставна. Како се справувате со сето тоа и како сепак тоа што сте жена Ви помага или пак одмага?

САЊА- Да бидам искрена, во нашето општество да си жена и притоа успешна не е лесно, посебно затоа што сеуште постои стереотип дека една жена може да биде претприемач и да превзема деловни потфати. Јас, како млада жена преку моето делување и во политиката и во менаџирањето со Управата за јавни приходи се обидувам да покажам и докажам дека жените можат многу повеќе од тоа да бидат претприемачи. Да бидеме реални жените се создадени да создаваат од едно – две.  Природата не создаде да даваме живот а со тоа не направи и да бидеме природно добри менаџери, да создаваме дом, семејства, да заработуваме. За се ова да функционира потребен е добар менаџмент пред се на времето а понатаму и на сите ресурси. Да не звучам феминистички, но жените не само што може да бидат успешни претприемачи, тие можат дури и да менуваат навики  и гледишта. И тоа го правиме и јас и вие и сите жени кои во моментов даваат придонес во општеството, секоја во својата сфера на делување.

ТАТЈАНА-Вашата професионална приказна долги години е врзана токму за Управата за јавни приходи т.е. најголем период поминувате таму и претпоставувам ги знаете сите сегменти на овој сектор. Се соочивте со многу предизвици но и се справувате со нив. Како би го опишале сето тоа?

САЊА-Да бидам искрена не е лесно да се води институција како УЈП. Предизвици има, но до сега успешно се носевме со сите успеси и проблеми. Имаше поубави, и помалку убави работни денови, но, затоа што и пред да ја раководам институцијата бев дел од истата некако имам привилегија да знам на кого може да ги делегирам работните задачи и тие да бидат соодветно завршени. Мислам дека сме една од ретките институции во кои поголем дел од вработените се жени. Дека жените умеат, можат и знаат како треба покажавме во изминатите неколку години. И покрај специфичните услови на функционирање и работење што поради Кoвид кризата a сега со конфликтот во Украина, ние продолжуваме да обезбедуваме приходна страна на Буџетот на државата. Мора да признаам дека во тимот со кој работам има и врвни, професионалци мажи кои во сите овие кризи несебично не поддржуваа и активно учествуваа во креирање и на политики и на мерки за амортизација на последиците предизвикани од светските случувања. Сакам да кажам дека и во бизнисот но и во семејните односи важно е да има рамноправност почит,  и кога има фер, коректен однос, почит едни кон други, успехот е неминовен.

ТАТЈАНА-Некако неминовно доаѓа да спомнеме дел од вашиот приватен живот. Ќерка сте на омилениот актер Ѓокица Лукаревски, а прочитав една ваша изјава, која ме заинтригира : “Правилно постапив кога го послушав татко ми и не станав актерка“. Зошто?

Велите исто дека сте го наследиле талентот за глума но во работата пристапувате искрено. Кои се вашите приоритети во работата?

САЊА-Јас сум човек кој се труди да даде шанса на секој. Оние кои безрезервно се вложуваат во работењето ги поддржувам и градам уште подобри, поквалитетни партнерски односи. Менаџерската улога не е само да се бара, вистинските лидери знаат да го  препознаат квалитетот кај нивните колеги, знаат кога и како да ги мотивираат вработените за да бидат уште подобри и да дадат уште поголеми резултати. Во моментов приоритет ми се реализацијата на мерките кои ги имплементира УЈП а се во насока на зачувување на животниот стандар на граѓаните и на ликвидоста на компаниите. Ова ми е приоритет пред се затоа што од исклучително значење е сега да се задржат работните места за работниците, важно  и да не се намали економската активност на домашните компании затоа што всушност тие се моторот на домашната економија. Паралелно со ова, во фокусот ми е зајакнување на човечкиот потенцијал на Управата, модернизација и дигитализација на институцјата се со цел намалување, па и во одредени сегменти целосно исклучуување на човечкиот фактор кај  дел од услугите кои УЈП ги дава кон граѓаните и фирмите. Посветено соработуваме со други даночни администрации и од нив ги црпиме најдобрите искуства и ги применуваме и овде кај нас. Регионалното вмрежување е исто така еден од важните проекти  кои сакам да ги истакнам.

ТАТЈАНА- Вие сте гостинка во епизода од подкастот на верадиото, кое е дел од Националната платформа за женско претприемништво, во која сте вклучена од самиот почеток и како личност и како претставник на УЈП како институција. Би сакале ли со нашите слушателки да го сподлеите вашиот став за потребата од ваква /и Платформа/и и колку можат да станат основа за развој и подршка на женското претприемништво?

САЊА-Претприемништвото претставува превземање на иновации, финансии, бизнис идеи се со цел поекономично да се произведат добра. Или со друг збор отпочнување на бизнис, почеток на еден нов начин на размислување, дејствување. И вие со една ваква платформа, преку верадио, и преку инспиритивните приказни кои ги споделувате силно влијаете врз жените да не се плашат, да излезат од зоната на сигурност, да почнат да создаваат свои фирми, работилници да создаваат нови успешни приказни. Во оваа време на брз проток на информации на брза комуникација и можност за интеренет продажба секој може да почне бизнис. Потребна е само идеа и многу труд верувајте дека се што е поставено на една цврста основа успева, посебно ако сето тоа е зачинето со малку женски инает. Јас ги поддржувам сите жени кои сакаат да бидат претприемачи. Нашата Влада во сите изминати години преку мерки и проекти ги поддржува и мотивира жените да создаваат сопствени бизниси. Така ќе биде и во иднина.

ТАТЈАНА- Дали мислите дека постоењето на вакви проекти доведува до услови за промена на состојбата на жените во економската сфера? Што може, вака поставен да донесе како бенефит на жените претприемачи?

САЊА-Апсолутно да. Додека ние во моментов разговараме не знаеме кој не слуша и како ние може да повлијаеме врз него. Не зависно дали е жена или маж. Ваквите разговори се од огромно значење затоа што можеби во моментов некој кој има идеа за бизнис, знае и како да го создаде а нема храборост слушајќи не нас ќе се охрабри, ќе почне процес на себереализација. Верувајте, нема ништо поубаво од реализирани  успешни луѓе. А уште ако е и жена, тогаш целата таа позитивна енергија позитивно се одразува врз семејството. Успешните иако се  зафатени, тие се одлични родители и мотиватори за нивните деца затоа што преку нивен пример ги учат децата дека не постојат лимити, граници, посебно не, кога се има јсна визија, цел и капацитет. Таков пример сум и јас, јас имав можност да растам со човек кој иако беше успешен, иако даваше огромен придонес во театарот, во културата тој преку неговото делување во сите изминати години силно ме мотивираше. Беше пример дека вредното посветено работење носи резултат и успех.

ТАТЈАНА- Сметате ли дека во нашава држава се прават доволно напори да се ако не исчезнат , барем да се намалат родовите нееднаквости и каков е вашиот став по однос на економската слобода на жените? Дали сметате дека економската независност е првиот голем чекор кон слободата и еднаквоста на жените?

САЊА-Мислам дека има поместување, но има уште многу работа. Како дел од Владата и како потпретседател на СДСМ, давам се од себе за намалување на јазот во родовата застапеност. Како и за се друго и за ова треба време. Но, почнати се промените. Креиравме мерки за женско претприемништво преку Фонд за иновации, преку мерки и програми од Платежната Агенција ги мотивираме жените да отвораат сопствени бизниси во сектор земјоделство. Жените кои сакаат да инвестираат во преработка и маркетинг на земјоделски и рибини производи добиваат поголем поврат на средствата од ИПАРД 2 програмата. А најголем мотив ми е тоа што кога како директотр одам на посета на компании среќавам се повеќе жени и на раководни функции но и како сопственички.

ТАТЈАНА- Што можеби треба да се смени за да бидат жените од најрана возраст поподготвени да бидат похрабри и да прифаќаат  предизвици, наречени економска независност и целосна слобода?

САЊА-Мислам дека младите генерации се многу похрабри и почесто превземаат храбри подвизи. Се почесто гледам млади девојки, момчиња кои успешно водат бизинси. Многу млади уште од најрана возраст имаат свои канали на дигитални медиуми, едуцираат, креираат и на тој начин заработуваат а притоа и ги мотивираат другите да превземаат акции да не бидат само неми набљудувачи. Можеби добро е да се воведе и предмет во кои ќе се поттикнуваат идните генерации како да креираат бизниси, како да бидат независни и како да бидат сами авој газда.

ТАТЈАНА- Кога некоја мерка би зависела само од Вас а се однесува на жените претприемачки, што би донеле за да им олесните и да ги охрабрите?

САЊА-Мислам дека сите идеи се остварливи и се решпаваат кога има достап до финасии. Би инсистирала на повеќе средства во фондовите преку кои се развива претприемништвото. Верувам дека ние имаме граѓани кои знаат како со водење на есап и домаќински пристап да направат успешни проекти. Јас верувам во потенцијалот на жените затоа што ако ги погледнете сликите кои се споделуваа во карантините во најголем дел од профилите на социјалните мрежи можеше да се препознаете поненцијал за нешто. Имаше врвни јадења, слики, резби, рачни ракотворби, торти и колачи во сите тие луѓе има потенцијал тоа да го развијат и да создадт мал семеен бизнис и на тој начин позитивно да влијаат на домашната економија, на рамномерниот регионален развој. Само треба да сакаат тоа да го прават и да имаат пари. Отворањето на нови компани значи и зголемување на приходи во државната каса.

ТАТЈАНА- Што треба на пошироко општествено ниво да се преземе како конкретни чекори за етаблирање на жените во бизнис секторот, според ваше видување? Дали се тоа законски регулативи, дали со конкретни стратегии за развој, дали изнаоѓање начини за секаков вид на вмрежувања, или?

САЊА-Можеби треба да се формализира женскиот труд, односно да се намали сивата економија во тој дел, жените кои се домаќинки да може да бидат дел од економијата, обуки, доообуки или преквалификации на работниците со цел соодвествување на пазарот на труд. Поврзување регионално на жени преприемачи се со цел зајакнување на капацитетите и конкурентноста. Може доста да се направи и ако има било какви предлози би сакала да дадам придонес за нивно решавање.

ТАТЈАНА- За крај би сакала да Ве прашам за промените кои се случуваат во општеството, вие како жена на висока и една од најклучните позиции, сметате ли дека скоро ќе дојдат подобри времиња за економска стабилност, независност и слобода на жените?

САЊА-Апсолутно да. Јас верувам дека ако сите заедно работиме на обезбедување на поволна и политичка и економска стабилност може да влијаеме и да создадеме поволни услови за раст и развој не само на женското туку воопшто на претприемништвото. Сметам дека овој неизвесен, специфичен период треба да го претвориме во наша шанса да се наметнеме на нови пазари, да ги вклучиме сите ресурси и да извадиме максимум и од нас самите но и од ресурсите со кои како држава располагаме.

ТАТЈАНА- Ви благодарам на разговорот и уште еднаш да повторам дека во оваа епизода наш соговорник беше Сања Лукаревска, директор на Управата за јавни приходи.

За гостинката

САЊА ЛУКАРЕВСКА

Заради менаџерската улога во УЈП и заменик претседател во СДСМ, Сања речиси и да нема слободно време. Но, оние малку слободни часови кои ги има ги користи да биде со семејството кои безрезервно ја поддржуваат и ја  мотивираат. “И покрај тоа семејството ми се и  најголеми критичари и ме тераат на постојана интроспекција и мотив да се поправам и да бидам најдобра верзија од себе“-вели Сања Лукаревска ,споделувајќи со нашите слушатели дел од својот приватен живот. Вели дека слободното време го користи да помине квалитетни мигови со своите  пријатели со  книгите, музиката и филмовите. “Тоа се неколку нешта кои во слободно време сакам да ги правам и ме релаксираат“-додаде таа.

  • https://www.facebook.com/lukarevskasanja

    https://www.facebook.com/UpravaJP