Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ

Добредојдовте во оваа епизода од поткастот за Женско претприемништво!

Ви порачувам да останете со нас и внимателно да ја слушнете денешнава епизода. А во оваа епизода ви ја претставувам Снежана Димитриевски,  дипломиран професор по англиски јазик и книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што по дипломирањето се посветува на доквалификација на нејзиното образование со учество на бројни обуки и семинари во областа на женското претприемништво во земјата и во странство. Добар ден Снежана и добре ни дојдовте!

СНЕЖАНА- Добар ден и Вам, Добар ден на сите слушатели. Најпрво, дозволете ми да ви се заблагодарам на поканата да бидам дел од Вашата радио емисија.

Сметате ли дека дообразованието е важно во развојот на вештините за жените претприемачки?

СНЕЖАНА – Да, дообразованието несомнено има исклучителна важност за развојот на способностите и вештините за жените претприемачи. Јас силно верувам дека се што правиме, секогаш може да ги направиме и на уште подобар и поквалитетен начин, но само ако ја вложиме целата наша енергија кон континуирано вложување во самите себе и надоградување на нашите лични и професионални капацитети. Затоа и по завршувањето на додипломските студии, се одлучив да учествувам во голем број на обуки и семинари кои се одржуваа во земјава и странство, со цел да стекнам поголемо искуство и да го збогатам мојот професионален ангажман.

-Вие сте координаторка на Хабот на Националната платформа во Вардарскиот плански регион. Имате повеќе годишно искуство во креирање, аплицирање и имплементирање на проектни циклуси поддржани од национални и меѓународни донатори, а кои го поддржуваат локалниот и регионалниот развој. Би ни кажале нешто повеќе за вашиот професионален ангажман?

СНЕЖАНА – Да, како што кажавте, седиштето на Центарот за развој на Вардарски плански регион е во Велес, но истиот ги опфаќа и општините Градско, Чашка, Лозово, Свети Николе, Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Моите почетоци во Центарот за развој на Вардарски плански регион датираат од 2014 година, каде што всушност започна мојот четиримесечен волонтерски ангажман при имплементацијата на проектните активности кои што беа финансиски поддржани од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) со седиште во Скопје. Тоа беше период каде што прв пат се запознав со локалниот и регионалниот развој, менаџирање и реализирање на целосен проектен циклус, професионална комуникација со луѓе од невладиниот, приватниот, јавниот и академскиот сектор. Потоа, почнаа да се нижат други проекти, од домашни и странски донатори.  Имплементиравме проекти од Програмата за експанзија на мали бизниси на УСАИД и Карана Корпорејшн, потоа од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа, Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Јапонска Амбасада, Швајцарска Агенција за развој и соработка, Светска Банка итн. Секој нов проект беше нов предизвик сам по себе и со со секоја успешна реализација се стекнуваа нови партнерства и соработки со различни чинители кои едноставно, го прошируваа нашето искуство.

-Од неодамна, односно од Јули 2021 година, стана и проектен координатор на Регионалната канцеларија за поддршка на социјално претприемништво, имплементирајќи активности кои поддржуваат иновации и претприемништво, давајќи посебен придонес и поддршка кон развојот на идеите и бизнисите на жените претприемачки од ранливата категорија од Вардарскиот регион. Дали имате конкретни резултати?

СНЕЖАНА – Да, се разбира. Во првите шест месеци од реализацијата на проектот „Поддршка на социјални претпријатија“ во рамки на кој е основана Регионалната канцеларија за поддршка на социјално претприемништво во Вардарскиот регион, се реализираа доста активности на регионално ниво, како што се идентификација и мапирање на постоечки или потенцијални социјални претпријатија во регионот, или пак невладини организации кои што работат со социјално загрозени категории на лица, лица со физичка или ментална попреченост, лица кои што имале претходни проблеми со законот итн., со цел да им се помогне да остварат некаква, макар и минимална економска заработувачка и повторно да се интегрираат во општествениот живот. Дополнително, се реализираа индивидуални средби со невладиниот, јавниот и приватниот сектор од регионот, со претставници од општините кои работат во Одделенијата за родова еднаквост се со цел да се оствари соработка помеѓу сите нив за да се доквалификуваат луѓето од социјално-ранливите категории и да се пласираат на пазарот на трудот. Во текот на целиот период, активно се споделуваа промотивни содржини на социјалните медиуми со цел да се подигне свеста кај народот за самиот концепт „социјално претприемништо“, кој што се уште за многумина е непознат.Би сакала да го истакнам организирањето и реализирањето на првиот Регионален саем на социјални претпријатија кој што сметам дека беше навистина од голема важност за сите нас бидејќи за прв пат им се даде можност на социјалните претприемачи регионално да ги промовираат и продаваат своите производи.

-Вардарскиот плански регион е со седиште во Велес и оттаму  ќе ги организиара активностите за овој регион.Направивте ли веќе некоја Агенда, план за активности?

СНЕЖАНА- Да, секако. Веќе почнавме да споделуваме официјално по социјалните медиуми за отпочнувањето на овој проект, со цел да ја информираме пошироката јавност дека во претстојните две години на повидок ќе биде нешто навистина важно за жените претприемачки во нашиот регион. Исто така, со оваа би сакале да им упатиме јасна порака дека следните две години ќе бидат години на позитивни промени во областа на женското претприемништво. Веќе започнавме со иницијално мапирање на жени претприемачки и невладини организации кои што се бават со родова еднаквост од секоја општина од Вардарскиот регион поединечно, со цел да направиме една подробна анализа за состојбата во општините, да ги идентификуваме нивните барања и потреби и со заедничка помош, да ги проследиме до вистинските чинители и институции, за да обезбедиме трајни и одржливи решенија.

-Работата како координаторка , на Националната платформа за женско претприемништво за Вас е нов предизвик, каде  економската независност и професионалниот просперитет на жената е ставен во преден план. Колку е важно тоа за вас?

СНЕЖАНА – Многу се радувам што сум дел од Националната платформа за женско претприемништво и навистина, улогата за локална координаторка ќе ми претставува голем предизвик, но и задоволство истовремено, од причина што навистина би сакала да им помогнам на жените претприемачки и на жените воопшто, да застанат на свои нозе, да излезат од својата комфорна зона, да ги преземат работите во свои раце и да почнат да се бават со она што отсекогаш го посакувале, но немале храброст да почнат да го прават. За мене лично, финансиската независност и професионалниот просперитет е од исклучителна важност, а верувам дека и на сите жени исто така. Нема ништо подобро од тоа да си самостојна, образована и финансиски независна жена. Навистина ќе дадам се од себе да ги мотивирам и поттикнам жените претприемачки од Вардарскиот регион да се отворат кон дополнително учење и усовршување на своите капацитети со цел да остварат многу поголем просперитет во сите сфери во животот.

-Би сакала да го споделиш со слушателките од бизнис светот, кој е твојот став за формирањето и функционирањето на Националната платформа за женско претприемништво и како според тебе може да е најфункционална за жените претприемачки?

СНЕЖАНА – Креирањето на Националната платформа за женско претприемништво е многу повеќе од платформа. Нејзиното формирање е многу повеќе од проект кој што би имал определен рок на реализација. Националната платформа за женско претприемништво е наша мисија која што ќе трае и позавршувањто на проектот. Таа ќе стане дел од нашето секојдневие. Жените претприемачки ќе ја гледаат како место каде што се обединети во своите идеи и цврсти ставови и место каде што ќе знаат дека секогаш ќе наидат на поддршка од луѓе со слични размислувања. Сите напорно ќе работиме заеднички за нејзино дополнително дисперзирање со цел да ја издигнеме нејзината функционалност на највисоко ниво.

За гостинката

Слободното време најчесто го поминува со сопругот и ќеркичка Илина, која што има 18 месеци. Со оглед на тоа дека таа е многу активно и енергично дете, секогаш преферираат со сопругот активности во природа, доколку тоа им го дозволуваат временските прилики, се разбира. Најчеста дестинација им е езерото Младост, на само петнаесетина километри од градот каде што ги одмараaт очите, пешачат по патеката околу езерото и едонставно, се релаксираат.

Исто така, многу често, знам да си одвојам малку време и за себе и да прочитам некоја добра книга. Голем љубител сум на оние книги кои што влијаат на личниот развој, психологијата на човекот, спиритуалноста и филозофската мудрост, ни сподели Снежана Димитриевски во разговорот со нашето www.weradio.mk.

  • https://www.facebook.com/snezhana.dimitrievski.1