Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

ДАНИЕЛА ДИМИТРИЕВСКА

Добредојдовте во уште една епизода на радио поткастот на Националната платформа за женско претприемништво. И во оваа епизода продолжуваме со претставување на нашите успешни жени и нивните инспиративни животни и професионални приказни. Јас сум Марија Котовска, а наша гостинка во оваа епизода е Даниела Димитриевска.

Даниела Димитриевска веќе 16 години го предводи Македонското женско лоби. Автор е на повеќе од 30 прирачници, а во организација на Македонското женско лоби реализирани се повеќе од 250 настани. Лобист за балансирано родово учество за сите досегашни измени на Изборниот законик, но и на други закони од областа на економијата, здравството и социјалната политика, заслуги за кои е наградена со меѓународни признанија.

МАРИЈА Добар ден и добредојдовте. Што ве мотивираше да застанете на чело на Македонското женско лоби и кои ваши реализирани иницијативи би ги издвоиле како најголеми успеси ?

ДАНИЕЛА Добар ден и драго ми е што со вас можам да ги споделам моите искуства од секојдневната работа. Во Македонското женско лоби дојдов од една друга организација која што се занимаваше со женски прашања и каде што бев основач. Овде дојдов најмногу затоа што организацијата вклучува жени од различни структури, од различни социјални позадини и интересни сфери и жени претставнички на женските форуми на политичките партии. Оваа наша групна активност донесе на виделина многу различни идеи за кои потоа се организиравме со активности на терен, но во исто време организиравме и програмски и амандмански активности кои ги реализиравме преку Собранието на Република Македонија, а сме и еден од основачите на Клубот на пратенички. Ме прашавте што е тоа што си го сметам како најголем успех. Тоа се програмите што опфаќаат голем број на мажи и жени, како здравствените програми кои што ги вметнавме во законски текстови, како на пример задолжителни мамографски и гинеколшки испитувања и испитувања на простата и другите репродуктивни органи кај мажите и жените. Ако со ова сме спасиле барем еден живот, тоа го сметам за лична и најголема сатисфакција.

МАРИЈА Веќе 16 години го предводите ова тело, па во кој поглед бележиме напредок, а во кој застој или уназадување во поглед на правата и инклузивноста на жените во рамките на овој период од деценија ипол ? И кои позначајни иницијативи ги планирате за во блиска иднина?

ДАНИЕЛА Со оваа проблематика се занимавам од 1994 та година, од студентските денови кога бев Национален координатор за еднакви можности во рамките на Сојузот на студенти, тогаш многу активно тело. Потоа бев оснивач на една Ораганизација која сеуште постои и работи. Сега луѓето, особено младата генерација, се повеќе информирани за разликите и потребите од еднакви можности и подобро ги познаваат своите права, но имаат многу помалку ентузијазам и желба за работа, за разлика од пред дваесетина години.

МАРИЈА Изминатив период во Македонија се бележи пораст на родово базирано насилство,  сексуални и физички напади над жени, а неретко и убиства односно фемициди. На што според вас се должи порастот на овие девијантни појави насочени против жените и како истите да се спречат или намалат во иднина?

ДАНИЕЛА  Ова е многу интересна тема за која сме истражувале и јас лично сум била заинтересирана за неа подолг период. Семејното насилство постоело и порано, но жените многу помалку го пријавувале, за разлика од сега, но не значи дека целосно се пријавува. Службите имаат организација за делување, но поддршката и ресоцијализацијата на жртвите на семејнито насилство треба да биде поактивна. Има мерка со која жените се сместуваат во засолништа и се одделуваат од насилникот, но еден ден мора некаде да се вратат и да почнат. Економската зависност го врти тркалото повторно во подлабоко насилство. Никогаш фемицидот не се случил од прво насилство, туку тоа било долга и мачна приказна на психичко, физичко и сексуално злоупотребување. И тоа обично завршува со фемицид ако не се вклучат институциите. Не значи дека економски силните жени не трпат насилство, но тие имаат можност да се одделат од насилството и да пронајдат нов живот.

МАРИЈА Од друга страна пак, македонското општество, полека но сигурно, се чини излегува од стегите на патријахалниот систем, а носители на овие општествени промени се секако се поголемиот број на девојки и жени кои ги надминуваат или отфрлаат традиционалните улоги, но и традиционалните работни места на жената и смело зачекоруваат во сфери кои до неодамна неправедно беа категоризирани како машки. Какво е значењето за оваа категорија на жени од вмрежувањето во вакви женски инцијативи како Националната платформа за женско претприемништво?

ДАНИЕЛА Во право сте. Се повеќе и повеќе жени од сите етнички заедници се одлучуваат најпрвин да стекнат добро образование, а семејствата ги поддржуваат со цел подобар живот. Родителите воообичаено велат „Да станеш свој човек“, а тоа пред многу години беше насочено најмногу кон машките деца, а сега тоа им се кажува и на девојчињата „Да станеш свој човек и да си ја држиш судбината во свои раце“. И пред 30 години жените беа подобри студенти од мажите, но ги заземаа традиционалните места кои што беа дефинирани за жени и имаа помалку храброст да се впуштат во свој бизнис. Оваа мрежа која што се занимава со жените во економијата од два аспекти, жените како претприемачи и жените како работници е многу важна, како и нивното позиционирање за прашањата кои се значајни за развојот на претприемништвото, како на пример банките да им даваат повеќе кредити на жените за да успеат во бизнисот и да се воведе квота во управните одбори на државните претпријатија за повеќе жени да бидат во собата каде се носат одлуките. Ние како Македонско женско лоби не само што ги поддржуваме, туку и активно би се вклучиле во креирање на легислатива и промени со цел женското претпремништво да не е табу тема за младите девојчиња, но и за повозрасните кои ќе изразат желба да се занимаваат на овој начин на пазарот на трудот.

Епизодата ја подготви и реализираше Марија Котовска.

За гостинката

Прашана која е најзината порака до сите девојки и жени во Македонија, Димитриевска вели „ Мојата порака е да си го следат свој сон каков и да е. Ако некоја сака да биде претприемачка, тоа нека биде. Ако сака да биде фризерка, нека биде. А ако сака да ги чува децата и да се занимава со домаќинство, тоа нека го прави. Жените да го прават тоа што ги исполнува и ги прави среќни, а не да се ставаат во калап дека нешто е добро, а нешто лошо. Секој човек човек што ја следи сопствената желба за да ја достигне личната среќа, му посакувам да се бори за неа“.