Слушајте WERADIO и на:

Google Podcasts
TuneIn Podcasts
Stitcher
Radio Public Podcasts
Castbox Podcasts
iHeartRadio Podcasts

ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА

ЉАТИФЕ ШИКОВСКА

Добредојдовте во уште едно ново издание на радио поткастот на Weradio, поткаст на Националната платформа за женско претприемништво. И уште една дама, жена со епитет на борец, хуманитарец, родољуб, неуморен активист,  жена која се посветува несебично за правата на своите сограѓани, ќе ни ја пренесе својата приказна. Јас сум Фиљана Кока, а моја  соговорничката  е пратеничката Љатифа Шиковска. Позната на јавноста како голем поборник за остварување на правото на државјанство на стотици наши сограѓани, активна во невладината „Амбрела“, и член на неколку собраниски комисии, Шиковска дава секојдневен придонес во општеството и е чинител на политичката сцена. Таа е единствената официјална преставничка во законодавнито дом на ромската заедница во земјава и дава огромен придонес во покренувањето на дебатите  во јавноста околу многу важни прашања.

Г-ЃА ЉАТИФЕ, ПРАТЕНИЧКА СТЕ ВО СОБРАНИЕТО, ЖЕНА ПОЗНАТА ПО НЕУМОРНИТЕ АКТИВНОСТИ КОИ ГИ ПРЕЗЕМАВТЕ И СЕУШТЕ ГИ ИМАТЕ ЗА МНОГУ СЕНЗИТИВНИ ПРАШАЊА? СТЕ ПОЧУВСТВУВАЛЕ ЛИ ДО СЕГА ДЕКА ВЕ ПОПРЕЧУВААТ ОД АСПЕКТ ДЕКА НАСТАПУВАТЕ НА ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА КАКО ЖЕНА?

Љатифа: Не, немам никакви пречки, напротив ја имам целосната поддршка од сите пратеници во Собранието без разлика од која политичка партија се, особено од пратеници мажи. Впрочем на почетокот на мандатот ја формиравме интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на ромите, нивн аинклузија и интеграција и таму   во таа група имаме 15 членови од различни политички партии и секако за мене оваа група е многу значајна затоа што е алатка за да се отворат одредени прашања кои се однесуваат на ромската заедница од секој аспект.  

СЕ СТАВИ ЛИ КРАЈ НА ПОЈАВАТА НА БЕЗДРЖАВЈАНСТВО НА НАШИТЕ СОГРАЃАНИ?

Љатифа: Секако, на пат сме да го решиме овој децениски проблем кој ги таргетира највеќе ромите, но и други наши сограѓани. Ние во јуни месец понудивме системско решение, го изгласавме законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените. Тој е во имплементација и до крајот на годината очекувам целосно да се имплементира и сите роми да добијат  изводи со редовни  матични броеви, државјанства, а возрасните лица со полни 18 год, први лични карти. Конечно овие лица ќе станат видливи во системот, и секако ќе можат да ги остваруваат своите права и обврски во делот на образование, здравство, вработување и социјална заштита. Но, сакам да кажам дека на почеток на октомври месец 2023 година изгласавме уште два важни закони, законот за живеалиште и престојувалиште, и законот за лична карта, каде што се олеснети административните процедури во однос на доказите при аплицирање за прва лична карта.

ЈА ДОБИВАТЕ ЛИ ПОДДРШКАТА ОД СВОИТЕ КОЛЕШКИ ПРАТЕНИЧКИ ЗА БИЛО КОИ ЕКОНОМСКИ И СОЦИЈАЛНИ ПРАШАЊА, КОИ СЕ ВО ВАШИОТ ФОКУС?

Љатифа: Да, секако поддршката од моите колешки многу ми значи, од почетокот на мојот мандат до денес ја имам. Имаат разбирање за состојбите и животот во кој се наоѓа ромската заедница, и сите ние придонесуваме кон подобрување на истата. Секако дека тука има многу предизвици каде што одреден дел на деца сеуште не се вклучени во образовниот систем, вработувањето исто така е на ниско ниво кај ромската заедница, здравството исто така не е на посакуваното ниво… имаме роми кои сеуште за жал немаат пристап до квалитетни здравствени услуги.

ДАЛИ СМЕТАТЕ ДЕКА СЕУШТЕ ИМА ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА КОИ ОГРАНИЧУВААТ ПРАВА НА ПОЕДИНИ ЗАЕДНИЦИ?

Љатифа: Не, сметам дека законските решенија се донесуваат за сите граѓани во Република Северна Македонија , без разлика на нивната етничка припадност. Впрочем уставот ги гарантира сите права на граѓаните во сите аспекти на општественото живеење и секако дека законите не се однесуваат на посебни етнички заедници, туку за сите граѓани во нашата држава.

ШТО Е СЛЕДНО НА ВАШАТА АГЕНДА И КАКО ПРАТЕНИЧКА, НО И КАКО ХУМАНИТАРКА?

Љатифа: Има уште многу предизвици со кои се соочува ромската заедница во која и јас припаѓам. Бездомништвото, децата на улица, вработувањето, состојбата на жената ромка, се моите идни  приоритети. Се надевам до крајот на мојот мандат заедно со колегите пратеници ќе успееме да испорачаме уште неколку законски решенија кои ќе придонесат во надминување и подобрување на предизвиците со кои се соочуваат ромите долги години наназад.

КОЈА Е ТАЈНАТА НА ВАШАТА УСПЕШНОСТ ВО ОДНОС НА ПОСТИГНАТИТЕ РЕЗУЛТАТИ?

Љатифа: По карактер јас сум личност која е упорна, истрајна и доследна при остварување на целите кои сум ги поставила. Колку и да е тешко, колку и да се соочувам со пречки и бариери, никогаш не се откажувам, се додека не ја постигнам посакуваната цел. Така беше и носењето на законот за неевидентираните лица во матична книга на родени, во која јас постојано долги години наназад се обидував да го решам овој проблем и да се понуди системско решение. Така што многу  ме радува што понудивме системско решение и дека нема повеќе да има нерегистрирани деца во матична книга на родени.

КОЕ Е ВАШЕТО МИСЛЕЊЕ ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО КАКО ВИД НА ВМРЕЖУВАЊЕ СО ПОСЕБНИ ЦЕЛИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ?

Љатифа: Претприемништвото во изминатите години е во тренд и тоа е добро, затоа што имаме се поголем и поголем голем број на жени кои се претприемачи, и секако успешни менаџерки. Сметам дека претпримеништвото и те како може да придонесе  кон надминување на проблемите во вработувањето, особено на жените кои се од ранливи категории, пред се мислам на жени кои живеат во рурални и гето средини и ова  едобра можност да може да работат во однос на претприемништвото. Тука се секако и граѓанските организации кои градат капацитети во прераснување  во претприемачи. Законот за социјално претприемништо, очекуваме да стигне во собранието и истиот час поскоро да го изгласаме, а со тоа да овозможиме претприемништвото уште повеќе да се развива и унапредува.   

КОЈА Е ВАШАТА ПОРАКА ДО ДРУГИТЕ ЖЕНИ?

Љатифа: Мојата порака до жените секогаш е да бидат упорни во остварување на нивните цели, колку и да е тешко, никогаш да не се откажуваат.

           АВТОР ФИЉАНА КОКА

За гостинката

Прашана за тоа која е нејзината порака, како успешна жена, до сите девојки и жени во Македонија, Шиковска вели: “Мојата порака до жените секогаш е да бидат упорни во остварување на нивните цели, колку и да е тешко, никогаш да не се откажуваат“.