ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА
ТРАНСКРИПТ НА ЕПИЗОДАТА
МИРЈАНА ШОКАРОВСКА
ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО УШТЕ ЕДНО ИЗДАНИЕ НА РАДИО ПОТКАСТОТ НА WERADIO, ПОТКАСТ НА НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО. ВО НИЗАТА СТОРИИ ЗА УСПЕШНИ И КРЕАТИВНА ЖЕНИ И ДЕНЕСКА ИМАМЕ ЗА ЕДНА СИЛНА И ВЕШТА ЖЕНА. ЈАС СУМ ФИЉАНА КОКA, А МОЈА ГОСТИНКА Е МИРЈАНА ШОКАРОВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА САМОХРАНИ РОДИТЕЛИ И СВОЕВИДЕН УМЕТНИК, ТВОРЕЦ НА МНОШТВО РАКОТВОРИ. ОД НЕА БИ САКАЛЕ ДА СЛУШНЕМЕ КАКО Е ДА СЕ БИДЕ НА ЧЕЛНАТА ПОЗИЦИЈА ВО ВАКВО ЗДРУЖЕНИЕ, ДА СЕ БИДЕ АКТИВЕН И ПОСЛЕ ПЕНЗИОНИРАЊЕТО, ЗГОРА НА СЕ ДА СЕ ИМА ХОБИ КОЕ БАРА ПРЕЦИЗНОСТ И УМЕШНОСТ. ГОСПОЃА ШОКАРОВСКА КОЈА НАЈГОЛЕМИОТ ДЕЛ ОД СВОЈОТ ЖИВОТ И САМАТА БЕШЕ И ТАТКО И МАЈКА ВО СЕМЕЈСТВОТО И ИСПОЛНИТЕЛЕН СЛУЖБЕНИК ВО КОМЕРЦИЈАЛНАТА БАНКА, ВО НИТУ ЕДЕН МОМЕНТ НЕ ГО ЗАПОСТАВИ ЗДРУЖЕНИЕТО ЗА ДА ИМ ПОМАГА НА САМОХРАНИТЕ РОДИТЕЛИ.
МИРЈАНА ШОКАРОВСКА: Благодарност до WERADIO-то на Националната платформа за женско претприемништво и поздрав до сите слушатели кои со право , ја доверуваат својата доверба кон Вас и чекорат со Вас во вашата втора календарска година на постоење, напоредно следејќи го и Вашиот YouTube канал
Г-ЃА ШОКАРОВСКА КАКО Е ДА СЕ БИДЕ НА ЧЕЛНАТА ПОЗИЦИЈА ВО ЗДРУЖЕНИЕТО КОЕ БАРА МНОГУ ЗАЛОЖБИ АКО СЕ ИМА ПРЕДВИД ДЕКА СЕ РАБОТИ ЗА ПРОБЛЕМИТЕ И МАКИТЕ НА ЕДНОРОДИТЕЛСКИ СЕМЕЈСТВА?
Уууф, тешко прашање госпоѓице Кока. Како одговор на првото прашање несомнено се наметниваат следните факти:
- Осаменоста на самохраниот родител и на родителот во еднородителско семејство,
- Бремето од финансиски оптеретувања,
- Балансирањето помеѓу работните обврски и обврските во домот и кон децата,
- Артикулирањето со членовите на поширокото семејство и роднините,
- Интерактивното адаптирање кон речи си секојдневните промени во општеството,
- Кусокот од време за себе покрај сите овие наведени причини,
- Непостоењето на закон во формат на Lex specialis кој што јасно ќе ги дефинира и диференцира потребите, правата и обврските на самохраните родители и еднородителските семејства.
- Насушната потреба од поинтензивно вработување на самохраните родители и родителите од еднородителските семејства.
- Обезбедување на „кров над главата“ , особено, или при уредно аплицираните документи за социјални станови или при некои останати форми на финасиска помош за градење на дом. Да не заборавиме дека децата на самохраните родители за 12 % повеќе го напуштаат домот и одат во странство, од останатите нивни полнолетни врсници.
Ова е само дел од моето работно секојдневие, кое, како и секоја професија наречена мајка, а денес се почесто и самохран татко, нема работно време. Здружението на Самохрани Родители Скопје, е најстарата формална НВО која во континуитет работи за целта – подобрување на животот на самохраните родители и еднородителските семејства и е пред микрофонот на јавноста веќе 29 години по основањето во 1994-та година.
Поради тоа, размената на искуства од сите области на Фраскатиевата класификација на професии, застапени преку членките на нашето здружение во кое членуваат самохраните родители од македонската метропола, е најсилниот адут за да ги надминуваме сличните препреки. Се трудиме пред се нашите деца да не се чуствуаваат поинакви од нивните другари. Потоа несомнено се трудиме вешто да балансираме да останеме позитивни пред сите препреки. Нашето кредо е МОРАМ И МОЖАМ! Чиниме суптилни но јасни напори, да ги отфрлиме чуствата на виновност и сожалување кон нас, како и да градиме систем на самоодржување и меѓусебна континуирана поддршка. Вложуваме напор да некои тешки дејства ги обавуваме рутински со силен психолошки и психосоматски гард, кој е потребно да остане неприметен за нашите деца.Најдругарски се однесуваме со нашите деца, при тоа латентно внесувајќи ги пораките со вистински вредности за емпатија и трудољубивост. Во рамките на можностите и условите, се трудиме да секој самохран родител и родител во еднородителско семејство пронајде и кратко но квалитетно време за себе си и за своја надградба, како и за ослободување од стрес. Во последно време ја поттикнуваме емпатијата во семејството, се разбира во рамките на можностите, низ дружба со животни или со миленичиња. И се разбира тоа не е се, но ова е пофундаменталниот почеток на списокот на обврски од моето работно секојдневие и секојдневието на членовите на здружението со кои заедно работиме, а сето ова го чиниме волонтрски и без надоместок, бидејќи тоа го чиниме за посигурно „сега“ и посигурно „утре“ за нашите деца.
СТРАВУВАТЕ ЛИ НЕКОГАШ ДЕКА НЕ ЌЕ МОЖЕТЕ ДА СЕ НОСИТЕ СО НЕКОЈ ПРЕДИЗВИК И ШТО ПРЕЗЕМАТЕ?
Самохраниот родител, своите стравови од неуспех или неправда, најчесто ги дели со перница мокра од солзи. Јас секогаш ги советувам, поаѓајќи од сопственото долгогодишно искуство, особено помладите родители, да ако нешто Ве плаши, можеби е најдобро да го направите тоа.Често не можеме да го добиеме тоа што очајно го посакуваме во мигот, но ако се потрудиме, сигурно ќе го пронајдеме тоа што ни е најпотребно. Не успева само самохраниот родител кој ќе се откаже во напорите за подобар живот. Ним особено им обраќаме внимание за да го поднесат теретот полесно. Меките вештини на самоконтрола се неопходни. Длабоко вдишуваме, неколкупати издишиваме и со насмевка се бориме против препреките. Ние одамна на сопствена кожа имаме доживеано дека животот не е проблем кој што треба да се реши, туку стварност која треба да се доживее.Еден од битните законски прерогативи кои сметаме дека е потребно да ги запознае јавноста е дефинирањето на поимите :
- Самохран родител и
- Еднородителско семејство
Имено, компаративното право на соседните земји, односно Законот за социјалната заштита на Република Хрватска, број 57/11, во член 2 став 4 ги дефинира еднородителските семејства како семејства кои ги сочинуваат дете/деца и еден родител, додека самохран родител како родител кој не е во брак и не живее во вонбрачна заедница, а сам се грижи и го издржува своето дете. Најчести причини за настанување на еднородителски семејства се: смрт на брачниот другар, развод, исчезнување или напуштање на семејството од страна на едниот родител, вонбрачно раѓање, семејство во кое на едниот родител му е одземено родителското право или деловната способност, родител кој се наоѓа на издржување затворска казна или е отсутен поради болест, сатарател по родбинска линија и сл. Во последно време постои тендеција на промена дури и на терминот семејство, бидејќи со промените кои настануваат во општествата се опфатени и семејствата, поради што од таа гледна точка настанува и трансформација во начинот на нивното функционирање и формирање. Поради тие причини, традиционалните семејства започнуваат да се расцепкуваат и на тој начин да се создаваат еднородителски семејства како резултат на објективни и субјективни причини. Од тој аспект произлегува и потребата за измени и дополнувања во дефиницијата за „семејство“, законско дефинирање на новите термини, како што се „еднородителско семејство“, „родител од еднородителско семејство“ и „дете од еднородителско семејство“, како и на поимите „самохран родител“ и „дете на самохран родител“.
Денес во светот, сè поголем е бројот на родители кои сами се грижат за своите деца, а кои сочинуваат 19% од семејствата со деца во земјите-членки на Европската Унија. Во најголем дел овие семејства ги сочинуваат самохрани мајки, а само 15% се самохрани татковци чија социоекономска состојба е мошне подобра, во споредба со таа на самохраните мајки.
Од тука, краткиот одговор на ова прашање Фиљана е дека најголем предизвик е донесување закон во формат на Lex specialis кој што јасно ќе ги дефинира и диференцира потребите, правата и обврските на самохраните родители и еднородителските семејства. Ние како НВО со најголемо искуство,сме секогаш на располагање да помогнеме да се соочи праксата со теоријата.
КОИ СЕ ПОТЕШКОТИИТЕ И ПРЕДНОСТИТЕ ВО ГРИЖАТА ЗА ОВАА СОЦИЈАЛНА ГРУПА ВО ОПШТЕСТВОТО?
Ќе го започнам одговорот на ова Ваше прашање со конкретни потешкотии и конкретни решенија за истите. Имено, родителот во еднородителско семејство, често пати се соочува со доцнење на алиментација,повеќе месеци и бесправно. За да го оствари правото на истата за своите деца е најчесто потребно да поведе судска постапка која чини и време и пари, кои често ги немаме. Поради тоа имаме конкретен предлог. Имено ако алименаторот доцни со исплата на алиментацијата три месеци, тогаш предлагаме Државата да формира Алиментационен фонд, од кој веднаш на семејството ќе му ги исплати заостанатите финансиски средства, без да го излага на дополнителни трошоци, а потоа, средствата во буџетот да ги рефундира со забрана на плата согласно законските лимити ако алиментаторот е запослен, со конфискување на евентуален движен и недвижен имот на алиментаторот, или со негово вработување за период додека не го врати долгот во буџетот, со јасна напомена дека со следното доцнење ќе има дополнителни каматни оптеретувања.
КАКВО Е ЗНАЧЕЊЕТО ОД ВМРЕЖУВАЊЕТО ВО ЖЕНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ, КАКО НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ЖЕНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО КОЈА ИМА ЗА ЦЕЛ ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА КРЕИРАЊЕ ПОЛИТИКИ И ЗАСТАПУВАЊЕ ВО ОБЛАСТА НА ЖЕНСКОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВО, НА СИТЕ НИВОА НА СОРАБОТКА?
Потребен е избалансиран пристап кон секој поединец, особено ако знаеме дека самохраните родители и родителите од еднородителските семејства немаат кој друг да се грижи за нивните деца, при евентуалните ангажирања и распределбите на работните задачи и смените.Тука ја потенцираме и потребата од намалување на тектонските размери на глобалниот родов јаз на вработувања во земјава како и употреба на индуктивна методологија на пристап, од посебни примери до општ заклучок, зависен од средините во кои живеат самохраните родители, родителите од еднородителските семејства и нивните деца, кога е предност осаменоста при одлучувањето.
СЕ ЗАНИМАВАТЕ И СО ИЗРАБОТКА НА РАКОТВОРБИ ОД МОНИСТРА? ОД КАДЕ ПРОИЗЛЕЗЕ ТАА ПАСИЈА?
Танцот на стаклените перли беше трансдисциплинарен проект изработен во соработка со Министерството за култура . Неговата цел синкретички спојуваше и работна терапија со колор компоненти при изборот на бојата и формата на монистрата, но и доближување на старите традиционални занаети до младите генерации. Истовремено , со добивањето на мајсторско писмо, посетителите,самохраните родители и родителите и децата од еднородителските семејства, на курсевите стекнуваа и занает со кој што можат и да заработуваат средства.
ШТО БИ БИЛА ВАШАТА ПОРАКА НА ДРУГИТЕ ЖЕНИ?
Ние сме горди што и покрај тоа што судбините најчесто не не милувале, успешно ја живееме ролјата и на мајка и на татко, за да успееме да одгледаме здрави деца, кои понатаму ќе создадат свои семејства, а ќе умеат да бидат борбени за сите членови од своето семјство, на општеството и ќе ги познаваат вистинските вредности на емпатијата. Мојата порака до секој самохран родител и родител од еднородителско семејство е : Имајте поголем ветробран од ретровизор. Вие МОЖЕТЕ И МОРАТЕ!
Автор Фиљана Кока
За гостинката
Мојата порака до секој самохран родител и родител од еднородителско семејство е : Имајте поголем ветробран од ретровизор. Вие МОЖЕТЕ И МОРАТЕ!